| четврток, 6 декември 2018 |

Паника кај грчките земјоделци по ембаргото на Русија

Земјоделците во Грција се исклучително вознемирени поради ембаргото на Русија за увоз на европски земјоделски продукти.

zemjodelci-grcija

Весникот „Вима“ цитира претставници на земјоделски здруженија кои велат дека санкциите од Москва се сериозен удар за нив бидејќи на рускиот пазар се извезувале големи количества овошје и зеленчук од Грција.

Тие предупредуваат дека конкуренти од држави надвор од ЕУ веќе се обиделе да ја искористат ситуацијата и бараат дипломатска акција на Грција со Русија.

Весникот „Етнос“ наведува дека заради указот на Путин веќе била стопирана испораката на свежо грчко овошје и зеленчук за Русија. Како реакција на тоа, илјадници тони праски се во ладилници на здруженијата, а продажбата е исклучително намалена.

Како катастрофално се оквалификува и руското ембарго за увоз на компот и сок од праски. Претставници од таа гранка алармираат дека на рускиот апзар се извезуваат околу 7.000 тони грчки конзерви со праски и околу 20.000 тони сок од праски за сума од околу 40 милиони евра.

Весникот „Катимерини“ цитира податоци од Евростат во кои се наведува дека извозот на грчко свежо овошје и зеленчук во Русија лани бил во вредност од 108 милиони евра. Тоа е 12,8 отсто (140 илјади тони) од целиот грчки извоз на земјоделски производи во светот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top