| четврток, 6 декември 2018 |

Кинел: ЕК не може подлабоко да се инволвира во спорот за името

kinel-540x303

Европската комисија не може поконкретно да се вклучи во решавањето на прашањето за името на Македонија како што своевремено направи во спорот меѓу Хрватска и Словенија, или лани меѓу Србија и Косово, изјави за „Дојче веле“ Рихард Кинел, претставник на Европската комисија во Германија.

– За разлика од посредништвото на Комисијата меѓу Србија и Косово, каде што во прашање беа две држави што не се членки на Унијата, во случајот на спорот со името меѓу Македонија и Грција, едната страна е членка на Унијата. Заради тоа, Европската комисија не може длабоко да се инволвира – вели Кинел.

Но, како што нагласува, позициите на ЕК се јасни – Македонија е зрела за почеток на пристапните преговори.

– Позитивните предуслови се дадени, но е потребен и политичкиот мандат за овој чекор, кој треба да го дадат едногласно сите земји-членки на ЕУ. Европската унија е сојуз на суверени држави. Во случај кога политичкиот мандат не е добиен и кога една или две држави се против, не можеме како Комисија ништо да направиме – вели првит човек на претставништвото на Европската комисија во Германија.

„Дојче веле“, повикувајќи се на свои извори во Брисел, наведува и дека е можно местото на комесарот за пороширување Штефан Филе да не биде пополнето во новиот состав на Европската комисија што треба да бид објавен кон крајот на месецов, затоа што до 2019 година – нема да има прием на нови членки.

Функцијата комесар за проширување, како што се додава, заминува „на привремен принуден одмор“ до 2019 година.

Неофицијалните информации од Брисел за укинување на позицијата „комесар за проширување на ЕУ“ во претставништвото на Европската комисија во Берлин не ги коментираат.

Идниот претседател на ЕК Жан-Клод Јункер за проширувањето официјално се изјасни дека во наредните пет години нема да има ново проширување на ЕУ. Негови приоритети за наредниве години се вработувањата, економскиот пораст и инвестициите.

Оттаму, доколку до 2019 година нема нови членки во ЕУ, односно доколку сè остане на преговорите, а нема официјален прием, значи и дека нема да има потреба од нов комесар. Сите ангажмани околу темата – проширување (контакти, следење на состојбите, подготвување извештаи за напредок), би биле преземени од некој од веќе постојните директорати во Комисијата, што значи работите и натаму ќе си течат, објавува ДВ.

Дипломати во Брисел за ДВ подвлекуваат дека и без комесар, земјите од Западен Балкан, кои веќе се на европскиот пат, остануваат во фокусот на Комисијата. Тоа значи дека и натаму мора да им се понуди нешто конкретно за иднината, а тоа се добро дотираните програми за проширување кои имаат за цел земјите од Западен Балкан да ги достигнат стандардите на ЕУ во периодот пред да станат полноправни членки.

Во таа функција, се толкува и средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлин на 28 август иницирана од канцеларката Ангела Меркел. На надворешно-политички план Германија последниве два месеца повторно се фокусира кон Западен Балкан. Конференцијата во Берлин, би требало да биде прва од серијата која би следувала. Покрај политичкиот аспект на конференцијата, главен конкретен ефект се очекува од економскиот дел.

Како што подвлекува и во поканата домаќинот на средбата во Министерството за економија и енергетика, вицеканцеларот Зигмар Габриел, „регинот и во иднина има големи шанси. Од геополитички аспект земјите од Западен Балкан имаат централна улога кога се во прашање европските енергетски и сообраќајни проекти“. На агендата во економсиот дел од конференцијата за Западен Балкан, покрај соработката со регинот во доменот на енергетиката, технологијата и инфраструктурата, се и следење на состојбата со вработувањата и со инвестициите.

Што се однесува до политичкиот дел, детално ќе биде разговарано за тоа до каде на европскиот пат е стасана секоја земја од регионот, наведува „Дојче веле“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top