Евроатланските перспективи на Македонија, моменталната политичка ситуација, меѓуетничките односи и потребата од демократски капацитети за решавање на проблемите во државата, беа главните теми на кои претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Оливер Спасовски разговараа на средбата со амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет.
Заев на средбата рече дека очекува власта да ја сфати одговорноста што ја има, посебно пред есенскиот извештај на Европската комисија.
Претседателот на СДСМ се надева дека власта ќе ги прифати предлозите на СДСМ за надминување на политичката криза во земјата. Клучен останува договорот за споделена одговорност на власта и опозицијата за обезбедување на услови за спроведување на слободни, фер и демократски избори што СДСМ предлага да се реализира преку формирање на техничка влада.
Главната цел на овој договор е граѓаните да бидат ослободени од контролата и притисоците за да можат слободно да ја изразат својата волја на изборите, велат од партијата.
Амбасадорот Гарет на средбата истакна дека со посебно внимание ги следи политичките и економските случувања во земјата и капацитетите на државата за справување со истите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


