| четврток, 6 декември 2018 |

Хитлер го договорил убиството на кралот со Ванчо Михајлов!?

marsej karadzordzevic

По ручекот во домот на бугарскиот митрополит Андреј Велички во Истанбул на 9 октомври 1934 година, Ванчо Михајлов и митрополитот излегле на терасата за да го испијат попладневното кафе.

Во еден момент, како што запишал во своите спомени Велички, Михајлов погледнал во часовникот и рекол: „Во овој момент ќе се случи нешто многу значајно за човештвото! Започна броењето на годините. Се начнува календарот на… Втората светска војна!“ Веднаш потоа Михајлов објаснил дека бил организиран атентат врз Александар Први Kараѓорѓевиќ и дека во тој момент српскиот, односно југословенскиот крал веќе е убиен во францускиот град Марсеј. Kако Ванчо знаел точно до минута што се случува во Марсеј?

Југословенскиот параброд „Дубровник“ впловил во пристаништето во Марсеј околу 15 часот и четириесет минути, а во 16 часот и 20 минути поворката автомобили со кралот Александар Први Kараѓорѓевиќ веќе се движела кон префектурата кога од толпата луѓе истрчал Владо Черноземски, го фрлил букетот во кој бил скриен револверот и викајќи на француски „Да живее кралот“, поминал низ кордонот полицајци, скокнал на бочната скала на автомобилот истрелувајќи повеќе истрели во насока на кралот, министерот Барту и генералот Жорж, кој седел на помошното седиште до возачот. Полковникот Пиоле бил најблиску до случувањето, го свртел коњот и со сабјата двапати го удрил Черноземски, кој, паѓајќи на улицата додека луѓето од кордонот пукале во него, с` уште стрелал кон автомобилот и обезбедувањето. Само половина час подоцна кралот Александар Први Kараѓорѓевиќ умира во зградата на марсејската префектура, а поради неадекватната прва помош, губејќи многу крв, околу 17.30 часот умира и министерот Барту. Вака во куси црти се опишува настанот што тој 9 октомври 1934 година, значи пред осумдесет години, ги потресе Европа и светот. Се разбира, за крвавиот настан веднаш биле обвинети хрватските усташи и македонските терористи, што било мошне добро алиби за вистинските организатори на атентатот.

Според документи од архивата на Хитлер, откриена триесеттина години подоцна, атентатот на кралот Александар бил заведен како операција „Тевтонски меч“, а главен координатор на акцијата бил германскиот генерал д-р Ханс Шпајдел, кој, по кариерата во служба на Хитлер, пред крајот на војната решава да соработува со сојузничките сили, а во 1957 година станува и врховен командант на копнените сили на НАТО за Средна Европа!? Во 1957 година, токму кога ексклузивните документи поврзани со атентатот во Марсеј се појавуваат пред јавноста, генерал Шпајдел само што бил назначен за главен командант на копнените сили на НАТО за Средна Европа и тој, се разбира, документите веднаш ги отфрлил како фалсификат негирајќи ја својата поврзаност со атентатот. А документите се неумоливи сведоци за настанот што можеби сакал да го заборави. Станува збор за едно писмо на Геринг од 1 септември 1934 година упатено до Шпајдел, кој во тоа време бил помошник на германскиот воен аташе во Париз. Во писмото до тогашниот капетан д-р Ханс Шпајдел се потсетува на двете одлуки на Хитлер во врска со операцијата „Тевтонски меч“, но се даваат и инструкции за нејзино извршување. Вториот документ е писмо-одговор на Ханс Шпајдел од 3 октомври 1934 година,во кое тој му рапортира на Геринг дека сите подготовки за операцијата се завршени. Третиот документ е прилог кон писмото на Шпајдел, односно копија од извештајот на германскиот шпион Г. Е. Хаак,со точен опис на рутата на кралот Александар Први Kараѓорѓевиќ по пристигнувањето во Марсеј, заедно со спецификацијата на мерките за неговото обезбедување.

Повеќе на дневник.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top