Од вечерва на полноќ во САД автоматски ќе влезе во сила намалувањето на Државниот буџет, со што во следните седум месеци средствата за буџетските корисници ќе бидат намалени за околу 85 милијарди долари, а до 2021 година за вкупно еден билион долари. Иако принудното кратење на Буџетот ќе има негативни последици врз напорите за заздравување на американската економија, засега нема најави дека Конгресот би можел да постигне компромис за избегнување на автомсткото намалување на средствата од Буџетот.
Голем број сенатори и конгресмени уште од синоќа го напуштија Вашингтон и заминаа во своите домови пред викендот, откако Конгресот, по двата неуспешни обида на демократите и на републиканците во Сенатот да гов одложат влегувањето во сила на овие мерки, вчера ја затвори сесијата за оваа недела.
Американскиот претседател Барак Обама последниве денови се обиде да издејствува компромис меѓу републиканските и демократските членови на Конгресот, но таквите негови напори не дадоа разултат.
Демократите во Конгресот предлагаат намалување на буџетскиот дефицит преку зголемување на даноците за богатите Американци, додека републиканците инсистираат на остварување на таа цел преку кратење на државите трошоци и на реформи на јавните програми.
Претставник на Белата куќа најави дека Обама денеска ќе одржи уште една средба со лидерите на двете партии во Конгресот, но не изрази оптимизам за можен договор.
Доколку не биде постигнат компромис, Обама ќе мора да потпише извршен акт за намалување на трошоците на сите владини и јавни институции – од Пентагон, па сè до корисниците на социјална помош и на земјоделски субвенции.
– Влијанието на оваа политика нема да се почувствува преку ноќ, но ќе биде реално. Колку подолго овие кратења бидат во сила, толку ќе биде поголема и штетата – изјави Обама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.