Едногодишниот привремен азил на американскиот бегалец Едвард Сноуден, поранешен соработник на американската агенција за национална безбедност (НСА), истече, без навестувања или потврда за тоа дека азилот ќе биде продолжен.
Неговиот руски адвокат изјави дека Сноуден може да остане и понатаму во Русија додека неговата апликација за продолжување на престојот се разгледува од руските власти.
Меѓународната јавност не знае ништо за активностите на Американецот, кого во САД го обвинуваат за шпионирање и за издавање државни тајни, за тоа каде живее и дали работи нешто .
Во април оваа година тој се појави со снимена видеопорака во телевизиската емисија, во која претседателот Владимир Путин одговара на прашања од разни области, што му ги поставуваат руските гледачи.
Сноуден во своето прашање до Путин „се интересираше за тоа дали Русија ги шпионира своите граѓани“ така како што прават американските разузнавачки агенции.
Неговото прво појавување во јавноста предизвика сензација, но прашањето и условите во кои тоа беше поставено ги разочара неговите искрени поддржувачи, затоа што тоа само покажа дека руските власти го користат Сноуден за пропагандни цели.
Адвокатот Анатолиј Кучерена, кој ја има улогата и на портпарол на Сноуден, изјави за московската телевизија дека неговиот клиент има привремена дозвола за престој во Русија, а не политички азил.
Непосредно пред да ги открие тајните дека НСА ги надгледува телефонските и интеренет комуникациите, Сноуден побегна во Хонгконг, од каде што кинеските власти дозволија тој безбедно да замине за Москва.
Американскиот државен секретар Џон Кери, пред извесно време, јавно апелираше на неговата машкост, повикувајќи го, наместо што се крие (во Русија), да дојде дома, за да се соочи со правдата, за она што го направи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



