| четврток, 6 декември 2018 |

Роди ме, мајко со касмет, па фрли ме на буниште

Според Министерството за труд и социјална политика, во 2010 година во Регистарот на можни посвоители се запишани 63 посвоители, следната година е запишан еден посвоител повеќе, а во 2012 година во Регистарот на можни посвоители се запишани 126 посвоители

Zivot99-1

Јас сум со децата секаде. Но, јас сум строг родител за училиште. Мислам дека Мина е малку поразгалена од Кирил. Знаат дека се посвоени и мислам дека секој родител треба да им каже на децата дека се посвоени. Мина и Кирил се слатки, паметни, добро воспитани деца. Мина е каприциозна, но да ја родев, па немаше да личи толку на мене. Кирил е на страна – вака актерката Весна Петрушевска зборува за своите деца кои ги посвои пред околу девет години.

Таа беше една од првите македонски јавни личности што јавно застанаа да се борат против табуто да се крие од децата дека се посвоени. Нејзините деца, еднаш оставени, беа повторно оставени, што за Весна претставуваше голем удар. Но, како што вели, тие се храбри деца, тие се херои.

– Не е битно кој ги раѓа, туку кој ги воспитува. Тоа се деца на кои ќе им ги дадам најубавите услови во животот што може да си ги дозволам. Господ златен ми даде две прекрасни ангелчиња, кои ми го покажуваат патот напред и ми ја даваат смислата на живот. Јас сега тврдам дека не е важно дали можеш да родиш или не, најважно е да ги направиш да бидат луѓе. А, тоа е најтешката задача во животот – коментираше таа кога ги зеде двете слатки дечиња кои и ден-денеска се нејзини најдобри пријатели, нејзина најголема љубов и смисла за живот.

Тешко е кога ќе дознаеш дека не можеш да имаш свои деца, но деца родени од некој друг и оставени на улица можат да ти дадат смисла на животот, ти ним им даваш шанса за подобар живот. Доказ за тоа е и пејачката Есма Реџепова-Теодосиевска, која има посвоено и школувано повеќе од 45 деца. Вели сега, кога се родени внуците, таа е најбогата на светот.

 

Бројката на посвоени деца расте

Нештата се менуваат, модернизацијата на општеството урна многу табуа. Порано посвоено дете се чуваше во строга тајност. Одлуката да се посвои дете се донесуваше многу тешко. Стравот чие е тоа дете и какви гени носи беше голем. Непотребниот срам од општеството уште поголем. Беше присутна и непотребната грижа да не дознае детето дека родителите не му се биолошки.

– Бев млада. Не можев да имам деца. Медицината не беше напредна за да знам што е причината, но не можев да забременам. Бев на фризер кога фризерката во разговор ми рече дека можам да посвојам детенце, да не остануваме сами со сопругот. Прво реков дека нема шанси. Но, нејзините зборови ме мачеа со денови. На крај решив да ја послушам. Фризерката имаше некоја пријателка која требаше да ми помогне побрзо да добијам дете и да бидам сигурна дека тоа е дете од добри родители. Го добив детето. Набрзо забележавме дека има некој здравствен проблем. Бев принудена да го носам на операции во соседството. На крај дознав дека е дете на наркомани, кои го оставиле во дом. Мака мачев додека беше малечка. Но, криев дека не е мое. Криев од неа, но и од околината. Знаеја само најблиските. Нејзината баба ѝ кажа дека е посвоена, спротивно на мојата волја. Веќе беше голема, имаше околу 15 години. Тешко го прифати тоа. Имаше моменти кога се прашував што ми требаше да посвојувам, многу мака видов. Но, денес не мислам така. Таа ми е единственото нешто што го имам. Ѝ дарив нормален живот иако не ја родив. Таа ми ја подари смислата за живот. Имам внучиња кои ми го исполнуваат секој ден со безброј насмевки. Сопругот одамна почина. Што ќе правев јас денеска да не беше таа, мојата ќерка – вели една шеесет и петгодишна скопјанка која посвоила дете во осумдесеттите години на минатиот век.

Денеска бројот на поднесени барања за посвојување деца е во благ пораст. Во урбаните средини тоа сè поретко е табу-тема. Според Министерството за труд и социјална политика, во 2010 година во Регистарот на можни посвоители се запишани 63 посвоитела, следната година е запишан еден посвоител повеќе, а во 2012 година во Регистарот на можни посвоители се запишани 126 посвоитела. Минатата година се запишани 84 посвоители.

– Во 2013 година се посвоени 68 деца, а во Регистарот на можни посвоители се запишани 84 посвоители – велат од Министерството за труд и социјална политика.

Законот за семејството ја одредува старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот во моментот на посвојувањето. Таа не може да биде поголема од 45 години. Во согласност со таквата одредба, има посвоители што се на поголема возраст и кои во согласност со Законот можат да посвојат само поголемо дете.

Посвоителите кои се помлади најчесто бараат да посвојат дете на помала возраст, полот на детето не им е битен, а мал е бројот на посвоители на кои не им е важна националноста на детето.

Во Македонија има околу 1.000 деца без родители и без родителска грижа.

Секогаш се поставува прашањето зошто тоа дете е оставено на улица. Одговорот не е секогаш ист, но како најчести причини се јавуваат материјалните услови, како и напуштањето на родителот од страна на партнерот. Многу млади двојки што прерано зачнале дете се решаваат да подарат живот. Наместо абортирање, девојката го раѓа детето и веднаш го дава на посвојување.

 

Zivot99-2

 

Приказната на едно дете од дом

„Република“ минатата година објави успешна приказна за дете излезено од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Иван Усовски, момчето со ангелски глас, кое направи своја пицерија во која вработи деца од Домот, раскажуваше дека родителите на неговата мајка се откажале од неа кога останала бремена. Го родила како самохрана мајка. Ја прашале во болница како ќе се вика детето. Некој викнал Иван и така го добил името.Иако семејното презиме му е Усовиќ, колективот во болницата одлучил да биде Усовски.

– До седумгодишна возраст живеев во дом-семејство. Таму ги научив хигиенските навики. Ме чуваше една многу фина жена, Слободанка. Потоа бев во Домот „11 Октомври“, каде што и воспитувачката Ники ме научи многу работи. На 17-годишна возраст почнав да го учам занаетот. А, од  Домот излегов кога имав осумнаесет години и шест месеци. Занает во Дом не ти даваат. Мојата приказна со пицата почна во „Дал-Мет-Фу“ , благодарение на поранешниот министер Александар Димитров. Тој ми е како татко. Тогаш беше директор на „Палер Македонија“. Го запознав како дете кога од Домот ме праќаа да собирам стара хартија од становите и од куќите. Бевме поделени на групи. Бев со уште две дечиња. Одевме по згради и баравме хартија. Имавме некоја добра ѕвезда. Ни даваа сокче, храна, облека, па дури и по некоја паричка. Благодарение на нив растењето во Домот ми беше полесно. Александар Димитров беше еден од оние луѓе што ги запознав така и тој ми стана како татко. Ме фати за уво и ми рече дека морам да учам занает. Не знаев ни што е занает. Ме однесе кај Фуфо и му рече: „Сакам ова дете да биде добар мајстор“ – раскажуваше Иван.

Тој во разговорот кажа роди ме, мајко, со касмет, па фрли ме на буниште. Веројатно тоа е и желбата на поголем дел од децата. Тие со повеќе среќа успеваат да најдат семејство. Сепак, огромните процедури за посвојување дете и предолгото траење на постапката одвраќаат многумина од намерата да земат дете од Дом.

 

Долгиот престој во установа остава последици врз детето

Министерството за труд и социјална политика одлучи да го промени Законот за семејство во делот за посвојување деца.

– Од досегашната практична примена на Законот за семејството, констатирано е дека децата престојуваат во установи или во друго семејство повеќе од една година. Долгиот престој на децата во установи или во друго семејство остава трајни последици врз правилниот психофизички раст и развој на детето. Со цел заштита на најдобриот интерес на децата, Министерството за труд и социјална политика оцени дека е потребно да се намали времетраењето на нивниот престој во установи или други семејства, како и да се намалат роковите на постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување – велат од Министерството.

Со измените и со дополнувањата на Законот за семејството се намалува времетраењето на престојот на децата во установи или други семејства од една година на девет месеци заради заштита на најдобриот интерес на децата и заради обезбедување нивна благосостојба. Со определување на рокот од девет месеци се создаваат законски претпоставки малолетното дете да биде сместено во семејство на можни посвоители на помала возраст, со што ќе му се овозможи стимулирачка средина за развој, љубов и нега кои му се потребни.

 

Критериуми за посвојување

Критериумите и начинот на избор на посвоител по електронски пат се утврдени во Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоителот по електронски пат. Во Правилникот како критериуми врз основа на кои се прави изборот на посвоител по електронски пат се утврдени следниве: здравствена состојба, психосоцијален статус, материјални услови, станбени услови, време на чекање, степен на образование, брачен статус и државјанство. За  секој од овие критериуми е определен број на поени што се дадени во Правилникот, а максималниот број поени што може да се добијат со исполнување на сите критериуми изнесува 100.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top