Во АД Елем потенцираат дека интензивно се работи на изградба на нови објекти, но и одржување на постојните капацитети во солидна кондиција. Токму вчера беше пуштена во употреба модернизираната хидроелектрана Вруток,проект вреден 36,6 милиони евра, со што се заокружи втората фаза од проектот за ревитализација на шесте најголеми хидроелектрани во земјава.
Според експертите, Македонија годишно може да произведува околу 5.500 гигават/часови електрична енергија од вода, речиси колку што е вкупното годишното производство на струја од сите енергетски капацитети во земјава.
Експертите сугерираат што побрза изградба на предвидените хидроенергетски капацитети за да може да се искористат максималните бенефити од овој воден потенцијал.
Од хидропотенцијалот во Македонија досега се изградени хидроелектрани со вкупна инсталирана моќност од 580 мегавати и со просечно производство од околу 1.500 гигават/часови (GW/h) што претставува 27 отсто од расположивиот потенцијал. Планирано е искористување на дополнителни хидроелектрани со производство од околу 2.500 GW/h со што вкупното производство би изнесувало 4.000 GW/h или 73% од расположивиот технички потенцијал. И покрај одредени административни проблеми како и проблеми со нејасната хидрологија на локациите, реално се очекува изградба на вкупно 80 мегатави електрична енергија од хидроелектрани со производство од 210 гигават/часови годишно до 2020 година, односно од 420 гигавати до 2030 година”, пишува во енергетската стратегија на Македонија, изработена од МАНУ.
Инаку, ЕЛЕМ веќе има потпишано договор за заем од ЕБОР во износ од 65 милиони евра за изградба на ХЕ Бошков мост. Покрај тоа, предвидено е ЕЛЕМ да вложи и сопствени средства во износ до 42 милиони евра. Луково Поле треба да обезбеди собирање на дополнителни количини вода од шарскиот и од корапскиот басен и нивно користење за производство на дополнителни 156 GWh електрична енергија од постојните електрани во мавровскиот систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.