| четврток, 6 декември 2018 |

Економската дипломатија клучна во ангажманот на амбасадорите Ангелов и Попоска-Треневска

darko-angelov1
Новоименуваниот македонски амбасадор во Грција Дарко Ангелов вети дека во својот мандат ќе се фокусира на комуникацијата, видливоста на македонските ставови и на економската соработка. Презентирајќи ги тезите за своето делување пред членовите на собраниската Комисија за надворешни работи, тој подвлече дека неговото влијание врз решавањето на прашањето за името е многу ограничено.

– Проблем во односите со Грција во голема мера е ограничената комуникација. Ќе се обидам да создадам лични релации на доверба со грчката страна. Aкцент ќе ставам на економската дипломатија со оглед на бројните грчки инвестиции, но колку можам да помогнам околу спорот за името е прашање, истакна Ангелов.

Тој посочи дека ќе биде успешен и активен колку што ќе му дозволи средината.

– Ќе бидам максимално активен за градење релации на доверба со кои би се овозможило придвижување на работите, како и во јавната дипломатија, да се сфати дека Македонија не е непријател туку држава, која сака да гради добри односи, рече Ангелов.

Тој истакна дека на ова амбасадорско место доаѓа од сосема друга средина, од пријателска Унгарија, која, како што вели, од пасивен поддржувач ја престори во активен поддржувач на Македонија. Ќе биде задоволен, вели, доколку активниот попречувач на нашите интеграции – Грција, го престори во пасивен попречувач.

Пратеникот Кенан Хасипи оцени дека просторот за негова работа ќе зависи од развојот на настаните со спорот околу името и му препорача неговата работа да се заснова најмногу на одржување добри економски односи бидејќи, како што рече, барем на тоа поле имаме сериозни економски инвеститори, а процесот е билатерален.

Павле Трајанов од ДС побара транспарентно да се презентираат нашите ставови во грчката јавност.

– Имате тешка задача, но не треба да сте песимист, не се работите сосема онакви какви ние ги чувствуваме. Не се Грците толку оптоварени со нашето прашање, тоа е повеќе работа на политичките елити кои го користат за изборен маркетинг, вели Трајанов.

ANTONIO
Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, пак, со оценка дека Ангелов го чека Сизифовска работа. – Јас немам илузии за романтичен пресврт во односите додека Самарас е на чело, ако големи земји членки на НАТО и ЕУ не вложат поголем дипломатски и политички капитал за разрешување на овие проблеми кои Грција ги создава во регионот, рече Милошоски.

Пред Комисијата за надворешни работи денеска експозе поднесе и новата амасадорка во Австрија Василка Попоска-Треневска. Таа истакна дека Австрија е значаен економски и политички партнер на Македонија, со оглед дека е втора на листата на инвеститори во земјава и во континуитет ги поддржува нашите евро-атлански аспирации. Фокусот во делувањето ќе го стави на унапредување на економските релации.

– Австрија е втора земја по инвестиции во Македонија и е стратегиски определена да инвестира во земјите во ЈИЕ, вклучувајќи ја и Македонија. Привлекувањето на австриски инвестиции во Македонија ќе биде приоритет на моите активности. Притоа ќе ги презентирам нашите маѓународно признати економски реформи и политики, но и широката понуда на економски стимуланси особено за привлекување странски инвестиции што ги воведе нашата Влада, а коишто се широко валоризирани од бројни меѓународни финаниски институции и од меѓународната бизнис заедница, рече амбасадорката Попоска-Треневска.

Таа најави уште поинтензивна и поуспешна презентација на условите за водење бизнис во Македонија пред австриската бизнис заедница, меѓу другото, и соработка во делот на земјоделството, туризмот, културата… Во контекст на одбележувањето на 20 години од дипломатските односи меѓу двете земји Попоска-Треневска ја најави и посетата на шефот на австриската дипломатија на Македонија, Себастијан Курц.

Претседателот на Комисијата Милошоски и посака за нејзиниот мандат Австрија да стане инвеститор број еден во земјава. Според него, една од важните алки во односите меѓу двете земји се и околу 20.000 Македонци кои живеат и работат во Австрија.

Со своите тези се претстави и новиот македонски амбасадор во Швајцарската Конфедерација, Екрем Ебиби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top