Никола Попоски е еден од македонските високи официјални претставници што одлично ги познаваат Европската унија и начините на кои се донесуваат одлуки и се спроведува политиката во неа. Овој дипломат, којшто своето образование, меѓу другите, го оформувал и на престижниот европски колеџ во Бриж каде што магистрирал на европски интеграции, постојано апелира на почитување на принципите и на вредностите на кои се повикува и, во крајна линија, е изградена Европската унија. Користејќи го своето искуство како амбасадор на Македонија во Европската унија во Брисел (2010-2011), добро знае дека не секогаш европските правила се употребуваат онака како што се поставени од нејзините основачи. Засега ниту тој ниту Македонија не пронајде начин како да се спротивстави на грчкото самоволие кое не само што директно ги крши европските постулати туку и ја ослабнува сликата за заедницата којашто важи за една од најуспешните интегративни процеси во историјата на човештвото. И во ова интервју и претходно за време на последните настапи во Брисел и во други престолнини, Попоски, покрај личните контакти, постојано ја користи најсилната карта што во моментов ја има неговата земја – меѓународното право и пресудата во Хаг, како и македонското реформско портфолио благодарение на што веќе пет години по ред се добива препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ.
Грчкиот премиер Андонис Самарас пред европски претставници директно посочи дека не постои македонски јазик аградиме овде. Како да се толкува таа изјава во контекст на спорот за името?
Попоски: Едно толкување може да е дека е конзистентен со една политичка агенда видена пред дваесетина години, а практикувана и многу порано. Агенда основана на отфрлање на различностите и претпочитање на силата над правото. Друго толкување може да е чисто политичко, со порака дома дека никој не е поголем Грк од мене по ова прашање. Трето, констатација дека зад спорот со името стои поголем спор: тој за прифаќањето на тоа секој народ да има право да се себеидентификува и сомнеж кон проектот за мирна и обединета Европа без промена на границите. Кое и да е, не е најсреќно одбрано.
Посетата на Нуланд на Македонија и пораката на Меркел во врска со спорот за името дојдоа речиси во исто време. Значи ли тоа дека може да се очекува посериозен ангажман од Вашингтон и од Берлин за решавање напроблемот што го наметна Грција?
Попоски: И Вашингтон и Берлин се свесни дека без нивен ангажман, работата сама не може да се реши во разумен рок. Идеално, сите би сакале да се дојде до самосоздаден грчко-македонски договор, за што би им честитале на страните и животот би продолжил да тече. Во практика, малку е веројатно да дојде до тоа без нив. Сите се многу внимателни да не дојде до типичните емотивни реакции од Атина. Мислам дека би се ангажирале, но не би сакале во никој случај тоа да се одрази негативно на долгата листа очекувања на која Атина треба да работи следниов период. Има многу работи кои од надвор се перцепираат како многу подраматични за Грција отколку името.
Колку е случајна изјавата на германската канцеларка дека, освен името, проблем е и идентитетот? Дали со јавното признавање на Меркел дека јужниот сосед, освен името, ни го оспорува и идентитетот се отвора дополнителен проблем?
Попоски: Не е новост дека јужниот сосед нема проблем само со името. Впрочем, името успеале да го променат во деведесеттите години на минатиот век кога за дел од светот сме станале поранешна југословенска Република Македонија. Амбициите одат подлабоко, и тоа го имаат увидено сите што го следеле спорот. Поради тоа, и Атина бега од почитување на правото и на демократските стандарди во оваа област. А, ние имаме интерес тие да се зачуваат. Битката е право наспроти сила.
Поради цврстиот став на грчката влада и незаинтересираноста на големите сили да извршат притисок врз Атина, очигледно е дека е потребно брзо да преземеме некои чекори со кои би излегле од ќор-сокакот. Постои ли план како ќе го направиме тоа?
Попоски: Да. Позицијата надвор секому е толку добра колку што е добро дома. Мораме неуморно и темелно да работиме дома, да поставуваме стандарди, да ги следиме доследно и да ја јакнеме довербата на граѓаните дека државата се грижи да има правила на однесување и тие правила да важат за сите. Тоа е планот. Колку што сме подобри дома, толку ќе биде потешко за Атина да ни поставува пречки и да бара изговори. Во крајна линија, колку што сме подобри дома, толку сме помалку зависни од волјата на друг, макар и бил во ЕУ.
Нимиц најави посета. Подготвени ли сме да го искористиме моментумот за некаков поголем чекор напред во разговорите и покрај тоа што реално не очекуваме дека Грција ќе се повлече од црвената линија?
Попоски: Добро е што доаѓа, но помалку е добро што никој не очекува дека во Атина сериозно се размислува за скорашно решение. Ние сме мотивирани најмногу. Во заложништво ни се држи иднината во НАТО и во ЕУ. Но, само нашата желба не е доволна. Треба ветер од крупни земји-членки и враќање кон основните европски вредности. Во моментов ако нешто е опасно за Европа, тоа е ризикот да се забораваат вредностите зад кои стои проектот наречен ЕУ. Затоа и одлучувачи во Брисел веќе гласно велат дека имаат сериозен проблем со начинот на кој го водат интеграцискиот процес со Македонија. Аргументите им се дека одамна се фрлиле принципите и проверените механизми за одвојување на проблем меѓу две земји, интегрирање во ЕУ и решавање на двете работи заедно. Епилогот е морален проблем.
Засега речиси е јасно дека Македонија во Kардиф нема да добие покана за членство во НАТО. Сметате ли дека има простор да се промени ситуацијата и како?
Попоски: Не. Кардиф нема да биде за проширување. Многумина во НАТО мислат дека претходните проширувања воделе кон клима на конфронтација на истокот на алијансата. Иднината на Авганистан и новите реалности на Истокот ќе бидат предмет на одлуки за алијансата. За нас и без тоа не е потребен самит. Потребно е грчкиот претставник на амбасадорско ниво да кимне потврдно со главата.

Како го оценувате потегот на Нуланд да не се сретне со ниту еден претставник од опозицијата?
Попоски: Не ја знам заднината. Но, на сите им е јасно дека оценката од надвор за кредибилитетот и сериозноста во таа средина е на најниско ниво.
Новиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, отворено кажа дека во неговиот мандат проширувањето нема да биде приоритет на ЕУ. Што значи тоа за македонските евроинтеграции?
Попоски: Пораката е чесна. Во ЕУ има чувство дека во минатото се избрзувало со проширувањата. Нема јавна поддршка да се задржи трендот. Не им изгледа драматично за да се избрзува повторно. Велат дека одлука за нов влез нема да има пет години. Многу покоректно отколку да се ветува и залажува од година во година и потоа да се бараат изговори. Нешто што е познато за нас од грчката алиби игра и неправедното влечење на евроинтеграцискиот процес од страна на Атина. Што е планот сега? Да си се зафатиме дома со сѐ што ни е потребно за повисоки стандарди и во мандатот на оваа Комисија да постигнеме ниво на усогласеност на земја-членка. Тоа зависи само од нас. Со тоа им ги правиме и потешки изговорите на тие што се стремат да ни го попречат напредокот.
Колку се подобрени односите со Бугарија по заедничкото славење на Св. Кирил и Методиј? До каде е потпишувањето на договорот за добрососедство?
Попоски: Во практика многу постигнавме преку проекти за климата, инфраструктурата и дискусии меѓу историчари, дури и рамка за заемно реемитување на ТВ-сигнал кај соседот. Работните групи речиси ја завршија работата за сите аспекти на билатералниот договор. Сепак, по политичкиот развој таму, се чини дека ќе мора да почекаме до изборот на нова влада во Бугарија за да се заокружи процесот. Ние сме на располагање да го заокружиме процесот во заеднички интерес.
На албанскиот и на косовскиот амбасадор им укажавте дека Македонија нема да прифати мешање во внатрешните работи во врска со случајот „Монструм“, по што следуваше и нивен одговор. Можеме ли во иднина да очекуваме и други обиди за вмешување на соседите во домашни собитија?
Попоски: Не мислам дека е корисно за која било држава, особено во средина како балканската, да негува култура на прекуграничен интервенционизам. Мора да се навикнеме на институционално дејствување во државни рамки. Мислам дека намерите на официјална Тирана и на Приштина не беа во насока на долевање масло на огнот. Но, свесно или не, тоа може да биде практична последица. Повеќе изгледа дека мешањето кај еден сосед е одраз на внатреполитичка клима и натпревар за тоа кој субјект е поголем заштитник на прекуграничната национална кауза. Не сакајќи, водата се носи на воденица на некои кои отворено сакаат поделби и поинакви граници и уредувања.
Најважно за нас е што во Албанија и во Косово имаме пријатели и партнери со кои сакаме европска иднина. Некогаш може и меѓу пријатели да има недоразбирање. Должност ни е отворено да ги кажеме и заедно да работиме за уште посилна и поотворена соработка. Тоа и ќе го правиме зошто успехот е заеднички.
Грција се заканува со ново вето за Албанија поради морската граница меѓу двете земји каде што има резерви на нафта и на гас. Можно ли е по ветото за Македонија ново вето од Грција за ЕУ на Балканот?
Попоски: Тоа не би го посакал никому. Ниту, пак, мислам дека тоа би му помогнало на кого било. Дај боже и нам да ни го симнат ветото наместо да воведуваат ново за наш сосед.
Пред неколку дена станавте татко. Каква иднина очекувате за Вашето дете во Македонија и кога очекувате да ги искористи придобивките како граѓанин на Европската унија?
Попоски: Со сета почит кон најмладите, посакувам и нашата генерација да ги искористи бенефитите како граѓани на ЕУ. Мислам дека е сосема остварливо до крајот на оваа деценија целиот регион да биде во заеднички структури. Тие ќе бидат различни од денешните. Нити ЕУ денес ќе биде како таа во 2020 година, уште помалку НАТО. Но, за нас двете се најдобра можност. Што поскоро, тоа подобро. Уште повеќе што со македонското членство во нив драстично ќе го намалиме просторот да бидеме оспорувани и да ни се наметнуваат двојни стандарди, како што денес се прави без око да му трепне некому. Надвор од нив, како мала држава среде Балкан, остануваме предмет на непринципиелни уцени. Без никакви илузии дека во ЕУ и во НАТО сѐ е идеално, тие, сепак, се најдобриот модел што реално ни нуди значајно посветла иднина во Македонија.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Република
(Интервјуто со министерот Никола Попоски е објавено во 99. број на неделникот Република, 25.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси
-
Попоски: Веруваме дека договорот со Бугарија може да биде подобар без да се наштети никому
-
Никола Попоски: Потребата за договор е наметната од страна на Бугарија (видео)


