| четврток, 6 декември 2018 |

Индустријата под полна пареа – основа за понатамошен раст

макстил 2

Континуираниот раст на индустриското производство е показател на поволните состојби во економијата и предвесник на индните трендови на пазарот, сметаат експертите и бизнисмените. Растот на индустриското производство предизвикува и раст на оптимизмот во бизнисот, а истото е поволно и за останатите показатели и сектори, како извозот и градежништовото, а воопшто и целата економија, пишува Лидер.

Државната статистика објави раст од 4,9 отсто во јуни и од 4,5 отсто во првото полугодие од годинава во однос на истиот период лани, а според премиерот Никола Груевски, ова е еден од позитивните економски показатели.

– Се наоѓаме во време кога економијата, особено индустријата има одличен развоен тренд. Со надеж дека и европската економија ќе продолжи со опоравување веруваме дека и овој тренд ќе биде што подолг, што секако ќе се одрази на нашата крајна цел, а тоа е отворање на нови работни места во Република Македонија – изјави вчера премиерот Груевски.

Иако европската економија сеуште заздравува, бизнисмените за македонката економија се оптимисти. Велат, позитивните трендови ќе продолжат до крајот на годинава и дека домашните компании успешно се справуваат со надворешните влијанија.

Во првото полугодие од годинава ретко кој познавач на состојбите во македонската индустрија очекуваше вакви позитивни резултати, бидејќи според првичните прогнози на стартот од оваа година, истите се очекуваа за второто полугодие. Од денешна гледна точка, континуираниот раст на иднустријата, предводен од растот во секторот капитални производи (металните конструкции, машините и алатите) од над 70 отсто, се случува најмногу благодарение на странските инвестиции кои работат во слободните економски зони. Истовремено, овој тренд во иднина ќе продолжи благодарение на намерата на Владата за понатамошно привлекување на странски глобални компании, но ни на инвестициите во капиталните проекти како изградбата на автопатиштата и железницата- инвестиции кои дополнително ќе ја подкрепат економијата.

Македонската индустрија расте- во соседството опаѓа

Според податоците на Европската статистичка агенција, во мај годинава Македонија се најде на четвртото место во Европа, по Романија, Литванија и Словачка, според растот на индустриското производство. Додека европската индустрија во просек расте околу 1 отсто, а соседните земји мака мачат да се справат со влијанијата на кризата, македонската индустрија континуирано расте.

Имено, Хрватска забележа пад на индустриското производство во јуни во споредба со истиот период лани за 1,7  отсто. Во Србија состојбата воопшто не е поволна, а истовремено се најавува кратење на платите и пензиите. Пошироко анализирано, индустријата во Европа се соочува со неповолни трендови. Податоците пак на Евростат заклучно со мај покажуваат дека индексот на индустриското производство во ЕУ28 во просек изнесува 1,1 отсто, во споредба со ланскиот мај. Така најголем пад на производството е забележан во Малта од 11,9 отсто, Франција 4,2 отсто, Финска 2,9 отсто, потоа Шведска 2,1 отсто, а пад на индустриското производство во мај е забележан и во Норвешка од 4 отсто. Пад од 1,9 отсто има Холандија и 1,8 отсто Италија. Воедно, најголем пораст имала романската индустрија, чие производство во мај пораснало за 15 отсто, а Литванија 10,2 отсто, Словачка 6 отсто, Чешка 5 отсто, Бугарија 4,9 отсто и Словенија 3,7 отсто.

Според прогнозите на Народната банка, македонското стопанство во 2014-та треба да се зголеми за 3,7 отсто. Според прогнозите на Владата и ММФ за 3,5 отсто, а според Светска Банка за 3 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top