
Владата на Австралија го прогласи 7 август за Ден на жалост за загинатите во соборениот малезиски авион во источна Украина. Премиерот Тони Абот изјави дека на тој ден националните знамиња ќе бидат спуштени на половина копје во сите владини згради и во амбасадите на Австралија во странство.
Во катедралата „Сент Патрик“ во Мелбурн на тој ден ќе се одржи церемонија за помен на жртвите. На 7 јули „боинг-777“ на „Малезија ерлајнс“, што изведуваше лет од Амстердам за Куала Лумпур, беше соборен на територијата на донецката област во Украина. Во несреќата загинаа 298 лица, од кои 38 Австралијци. Меѓу жртвите имаше државјани на Малезија, Холандија, Индонезија, Велика Британија, Германија, Белгија, Филипини, Канада и на Нов Зеланд.
На местото на несреќата сè уште има околу 80 непронајдени тела, смета австралиската Влада, која ја обвини Русија дека ѝ пречи на истрагата.
Австралија, САД и Европа ја обвинуваат Москва дека ги вооружува бунтовниците, осомничени за соборувањето на авионот на 17 јули.
Русија негира секаква вина за трагедијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


