| четврток, 6 декември 2018 |

Четиригодишна стипендија за изучување старотурски јазик

груевски

Објавен е конкурс за стипендиија за 20 лица кои би оделе на додипломски или постдипломски студии во различни светски универзитети за изучување на старотурскиот јазик., кој е мешавани од арапскиот и персискиот.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски, кој рече дека само неколкумина во Македонија се преостанати кои го познаваат овој јазик, некои велат само двајца и тоа во повозрасни години кои одлично го познаваат јазикот и може да бидат користени за преводи.

Идејата, посочи премиерот, тргна од таму дека во Македонија постои голема количина на неистражени архивски материјали напишани на старотурски јазик од тој период, од османлискиот период кои не се преведени, не се анализирани, не се обработени.

– Тие се потенцијал за македонската историска наука меѓутоа не можат да бидат искористени затоа што во државата нема преведувачи на тој јазик. Оттука тргна идејата да се даде стипендија на поголем број такви стипендисти кои освен големата архивска граѓа која постои веќе во Македонија ќе може да истражуваат и во архивите на други држави, на пример во архивите на Турција – рече Груевски.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дава целосна поддршка да се испратат луѓе кои на подолг период ќе престојуваат и ќе истражуваат во нивните архиви и потоа ќе се печатат книги, дела историски и ќе се промовираат во Република Македонија.

– Значи имаме и големо количество дела и материјали донесени во Македонија, неистражени, непрочитани и многу повеќе кои воопшто не се отворени, а се наоѓаат во архивите на други држави. Се работи за еден период кој не е доволно истражен од причина што немаме доволен број вакви преведувачи и познавачи на старотурскиот јазик, истакна Груевски.

Значајно за овој проект, нагласи, е што сите овие лица имаат однапред загарантирано вработување во една од трите институции каде може да бидат користени со познавање на старотурскиот јазик, а тоа е Државниот архив, Институтот за национална историја или Македонската академија на науките и уметностите.

Конкурсот за овие стипендии е објавен на интернет страницата на МОН и е активен до 15 август, но доколку има потреба рокот ќе биде и продолжен. За академската 2014/2015 година ќе бидат доделени 20 целосни стипендии, кои подразбираат покривање на трошоците за уписнина, месечен париченнадоместок и трошоците за авионски билет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top