Нема напредок во разговорите за прашањето за името, изјави медијаторот Метју Нимиц по денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, медијаторот рече дека ги пренел неговите впечатоци од средбите во Скопје и оти Венизелос го повторил ставот на Грција, и побарал од него да продолжи со напорите за изнаоѓање решение. Тој повтори дека не дал никаков нов предлог.
– Како што знаете во минатото презентирав идеи, од кои некои се прифатени од едната страна, некои се прифатени од другата страна. Сметам дека ова е прашање кое сите сакаат да се реши. Со оглед на заедничката желба да се реши прашањето, и тоа што постојат идеи кои можат да бидат основа за решение, мислам дека ова прашање може да се реши – истакна Нимиц.
На прашањето на МИА, кога последен пат разговарал со грчкиот претседател или премиер на оваа тема, тој рече дека со Папуљас никогаш не разговарал за ова прашање.
Тоа е сосема разбирливо, затоа што како што знам, претседателот на Грција не е инволвиран во прашањето. Со Самарас сум разговарал во минатото. Ги знам неговите ставови, сме разговарале директно, а преку разговорите со министерот за надворешни работи, имам јасна слика за ставот на премиерот, рече Нимиц. Тој потсети дека во ноември имаше средба со германската канцеларка Меркел на оваа тема, и додаде дека е во контакт и со други влади кои се заинтересирани за ова прашање.
– Ова е прашање кое многу влади сакаат да се реши . Меркел и германската Влада се во таа категорија на оние кои сакаат да се решат проблемите што долго време се на маса – рече Нимиц.
Венизелос на излегување од Министерството само кусо рече дека на средбата ги повторил веќе познатите ставови на грчката Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.