
Искусните дипломати и политичари за Ал Џезира ги објаснуваат мерките, но и дипломатскиот речник и нивните нијанси.
Страдањата на палестинските цивили во Појасот Газа, за кои светот сведочи во последните денови, но и воениот судир во другите кризни жаришта, повеќе или помалку го привлекуваат вниманието на големите светски играчи, а пред се на Обединетите нации, на кои реакциите на таквите состојби и спречување на ексалацијата и навистина е една од задачите.
Но, она за кое светската јавност во најмала рака е гневна, а посебно за тие кои се животно загрозени и секојдневно изложени на насилство на кое не можат да се спротивстават, е млаката или никаква реакција на големите сили. Загриженост или жалење е најмалку што им е потребно во тие моменти, а повикот на акција за да се спречи насилството и да се зачува жива глава, е само во мислите. Израелските напади на Газа ги принудија светските лидери собрани во Советот за безбедност на ОН, да покренат итни средби. Пратија одредени пораки, генералниот секретар Бан Ки-мун изрази загриженост, но на терен не се случи ништо посебно. Нападите во својот интензитет станаа уште покрвави.
Искусните дипломати и политичари од просторите на поранешна Југославија, свесни дека поради тукашните судири и страдања на цивили пред 20 години од светските центри на моќ, исто така, изразуваа загриженост, жалење или донесуваа резолуции без навремено реагирање на терен, во разговор за Ал Џезира ги објаснуваат тие мерки, но и дипломатскиот речник на тие нивни нијанси.
– Од кога постои дипломатијата постои тој речник, постојат дури и нешта кои се регулирани на одреден начин и со разни конвенции. Според тоа, сето тоа се работи кои не се случајни, кои се регулирани и кои се учат во дипломатските школи – вели Златко Диздаревиќ, поранешен босански амбасадор во неколку држави.
Градација во дипломатските изјави
Диздаревиќ уште објаснува и дека кај дипломатите е важна секоја нијанса, секоја запирка. – Друга работа е што сме станале аматери од најлош вид и што ги напуштивме сите обичаи и стандарди не само во тоа, туку и во се друго – додава тој.
И тој, но и други соговорници на Ал Џезира, посебно укажуваат на градацијата во дипломатските изјави и делувањето, но и на фактот дека нема реакции се додека на сцена не стапат најсилните – НАТО, или војската на големите сили, пред се на САД и сојузниците.
– За драстичните меѓународни проблеми, посебно во поглед на вооружените судири, ОН и генералниот секретат реагираат, зависно од нивото на воените дејствија и жртви, па може да се изрази начелна и голема загриженост – вели Душан Симеоновиќ, пензиониран амбасадор и член на Форумот за меѓународни односи од Белград.
– Ако се потенцира голема загриженост, тогаш тоа води во дискусија на ниво на Советот за безбедност. Тука може да се изгласа резолуција, тука може да се изгласа ставот на генералниот секретар или ставот на Советот за безбедност, а потоа може да се донесе резолуција која вклучува одредени мерки, почнувајќи од политичко предупредување до санкции – вели Симеоновиќ.
Тој потсетува дека во таа градација на дипломатското делување е крајна инстанца за упатување на вооружени сили на членките на ОН во одреден регион за смирување на состојбата, спречување на борбените дејствија, раздвојување на завојуваните страни и воспоставување на мирот.
Лимитирани можности на делување
Хрватскиот европарламентарец Тонино Пицула потсетува дека мултилатералните организации, како ОН, постојат поради еден вид не само интервенција, туку и превенција на воените судири.
– Кога не можат повеќе молкум да гледаат што се случува, т.е. кога работите на теренот дошле до разни судири во кои најчесто гинат цивили, изразуваат загриженост, т.е. најдлабока загриженост. Но, тоа според мене е многу повеќе израз на немоќ, отколку предупредување. Знаеме дека работите се менуваат од оној момент кога играта ќе одлучат да ја решат тие кои имаат директни и непосредни интереси, а во овој случај се работи за некои држави кои или се активни на терен или се спонзорирани од страна на други држави – наведе Пицула.
Според него, мултилатералните организации прибегнуваат на изрази за загриженост или жалење, кога едноставно ќе дојдат до сопствените лимити на делување. Тој смета дека така е и во случајот на нападот на Газа. Сепак, свесен е за релативно лимитираната можност на делување на ОН поради структурата на Советот за безбедност, т.е. постојаните членки кои имаат право на вето.
– Генералниот секретат го има тој вид на реторика во која се обидува да ги одоброволи вистинските носители на моќта внатре во мултилатералните организации на делување, но често се случува да имаат дијаметрално спротивни ставови, отколку интереси. Во случај на недоволно подготвени активности секогаш некој може да постави вето и потоа целата приказна се враќа на почеток. И затоа, додека состојбата со Газа не артикулира во форма на некоја резолуција или план на делување кој мора да го одобри Советот за безбедност, се ќе остане на реторика во која се изразува загриженост – вели Пицула.
Реакцијата на ОН е недоволна и(ли) задоцнета
И постариот колега на Пицула, Душан Симеоновиќ е свесен за генералната оценка дека ОН многу често настапува слабо или со доцнење и дека акција ќе следи дури откако интервенцијата на вооружените сили се пренесе на друга инстанца – на НАТО или на вооружените сили на големите сили.
– Толку многу има примери за интервенција од една суперсила или една суперсила и нејзините сателити, да не кажам сојузници, како Велика Британија, Канада, Германија, Франција… кои се вклучуваат во акции. Но, тоа не е акција на ОН, па се поставува прашањето каде е тука улогата на ОН. Во најголем број на случаи, кога во прашање е нај енергична, најкоректна, нај итна и нај остра реакција на меѓународната заедница таа доаѓа од ниво на НАТО. Ако се работи за ОН, тоа е подолга процедура и никогаш ја нема таа острина како првата опција – вели Симеоновиќ.
Враќајќи ја приказната на подрачјето на дипломатијата, Златко Диздаревиќ на крај укажува на тоа, дека колку повеќе се оди на повисок дипломатски ранг, потребно е многу внимателно да се читаат пораките кои ги испраќаат дипломатите.
– Дипломатијата е најригорозна и најстриктна во такви ситуации. Таа е призната и позната во светот, во сите тие изјави, посебно кога се работи за функционери од највисок ранг. Значи, во нивните изјави постои разлика и таа не е случајна. Резултатот е желба и волја на нешто да се даде посилен или послаб политички акцент. Затоа во дипломатскиот свет е многу важно читањето на тие пораки, т.е. да се извлечат заклучоци од тоа што се зборува или да се свати што другата страна сака да каже и кое значење или интензитет да даде на тоа – заклучува Диздаревиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


