| четврток, 6 декември 2018 |

Дали живееме во мултиуниверзум?

Univerzum

Нашиот универзум може да биде само еден во морето на бесконечен број на други универзуми, тврдат научниците кои се надеваат дека новите експерименти ќе им помогнат да ја докажат теоријата на мултиуниверзумот.

Експерти на Институтот Периметер за теориска физика во Канада велат дека теоријата за повеќекратни универзуми произлегува од идејата дека на почетокот постоел вакуум кој вриел од енергија, наречена темна енергија, енергија на вакуум, инфлациско поле или Хигсово поле.

– Како вода во лонец, оваа зовриена енергија почнала да испарува и така настанале меурите – објаснуваат научниците.

Секој меур во себе содржел вакуум чија енергија, иако пониска, довела до негово ширење. Некои меури неизбежно се судирале, што евентуално довело до настанок на секундарни меури, наведуваат тие.

Секој од тие меури бил еден универзум, а нашиот универзум е само еден меур во пенливото море на безброј други меури, т.е. универзуми, истакнуваат канадските истражувачи.

Теоријата настанала врз основа на идејата за вселенска инфлација, која подразбира дека универзумот забрзано се ширел по Големата експлозија.

Иако широко прифатена, оваа теорија за настанокот на вселената никогаш не била потврдена, што научниците веруваат дека сега можат тоа да го направат.

– Се обидуваме да откриеме какви би можеле да бидат предвидувањата на таа слика, за потоа да почнеме да ги бараме – рече Метју Џонсон од институтот Периметер, прецизирајќи дека тој и неговите колеги проучуваат ретки случаи во кои нашата вселена може да се судри со некоја друга.

– Правиме симулација на целиот универзум. Почнуваме од мултиверзум со два меура, ги судираме меурите на компјутер за да видиме што ќе се случи, а потоа ги поставуваме на виртуелен набљудувач на разни места и се прашуваме што тој од таму може да види – додаде тој.

Програмата веќе дојде до степен во кој можат да се исклучат некои модели на мултиверзуми.

На пример, колизија на два универзума би оставила она што Џонсон го нарекува диск на небото, тркалезна трага во вселенското микробраново позадинско зрачење.

Бидејќи барањето по таков диск до сега не дало никакви резултати, може да се заклучи дека некои модели кои претпоставуваат судар на универзуми помалку се веројатни. Ова е првпат, напоменуваат научниците, да е изнесен директен квантитативен низ на предикции кои се однесуваат на видливи траги на колизија на универзуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top