| четврток, 6 декември 2018 |

Велика Британија ја заострува политиката кон имигрантите од земјите на ЕУ

Британската влада ги заострува мерките кон имигрантите од земјите на ЕУ во обид да го намали бројот на вкупната имиграција и да го спречи т.н. социјален туризам.

imigranti

Со новите, поостри мерки што треба наскоро да стапат во сила, правото за користење социјални бенефиции за невработени имигранти од ЕУ од сегашните шест месеци ќе се намали на само три месеци, доколку се утврди дека корисникот на паричната помош нема перспектива одново да најде работа.

Премиерот Дејвид Камерон ја брани новата политика објаснувајќи дека странците треба да знаат оти не може да дојдат во Велика Британија и да добиваат нешто за ништо.

Уште од порано британскиот премиер тврдеше дека имигрантите од земјите на ЕУ, главно од Истокот на Европа, го злоупотребуваат системот на социјални мерки што земјата го има воведено, на тој начин што доаѓаат не толку за да работат колку за да добиваат „богата“ социјална помош на разни нивоа.

Ваквото однесување, што Камерон и неговите министри го означуваат како „социјален туризам“, беше повод за несогласувањата меѓу Брисел и Лондон и за јавните полемики меѓу новите членки на ЕУ од поранешните комунистички држави и британската влада.

Официјален Лондон е обвинуван за кршење на основните правила на Европската унија за слободно движење на луѓето и на работниците, што се смета за темел на европското обединување.

Во Брисел се тврди дека податоците со кои се оперира во Лондон не се точни и дека тврдењето за „социјалниот туризам“ е претерано, па некои од еврокомесарите од претходниот состав бараа од Камерон да им ги покаже на Британците вистинските податоци за да се види дека главните корисници на социјалните бенефиции, сепак, се домашните луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top