Петдневно нурнување во изложби, работилници, предавања, уметнички, театарски и музички перформанси, филмови, музика ѝ се случи на публиката на второто издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримОН“во Струга кој се одржа од 23 до 27 јули на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Со мотото „Нурни длабоко“, фестивалот не само што суштински се занимава со аспектите на култрата, уметноста и на граѓанското (активистичко) делување, туку и на публиката ѝ претставува свежи и актуелни имиња од современата уметничка сцена. „Све(с)т во транзит“, „Кадарен рез“, „Проектирано живеење“, „Утрешниот уметник“ и “Башка реалност“ беа насловите на програмските целини кои донесоа разновидни содржини. Сето ова, во летниот амбиент на полната со туристи Струга, даде еден поинаков белег на Струга – ја оживеа креативната сфера во која лежи огромен потенцијал за подобрување на сеопштиот квалитет на живеење.
-„ДримОН“ е повеќе од иницијатива затоа што уште во самиот наслов има динамика, вклученост, будност во она „ON“ и сонување во она „дрим“. Или заедно, кога будноста и сонувањето ќе се вклопат во една, како што тие би рекле, башка реалност, добиваме една поинаква реалност која живее повеќе од деновите на траењето на фестивалот. Драго ми е што оваа концентрација на ентузијазам и соновност наиде на одзив кај повеќе наши автори и уметници, и верувам дека таа иницијатива ќе продолжи и понатаму. Сите мислиме дека, како и секоја првична иницијативност, таа динамика на еден тек ќе се влее во некаква институционалност. Меѓутоа, верувам дека „ДримОН“ ќе продолжи надвор од тоа, затоа што самиот по себе веќе е институција – вели нашиот поет Никола Маџиров, кој со својот музичко-поетски перформанс „Две месечини“ настапи на последниот ден на фестивалот.
Гостинот од Германија, уметникот Марко Кројач пак, имаше работилница на првиот ден и тој имаше можност да го следи целиот фестивал, и како учесник, но и од другата страна, како дел од публиката.
– Атмосферата на фестивалот беше многу симпатична и се одвиваа фантастични активности, дури и на дожд. Обожавам вакви иницијативи кои ги движат градовите и им даваат поинаков тек. Ова е мој прв ваков престој во Струга, запознав многу добри уметници, одлични домаќини и сето ова го доживувам многу позитивно – рече Кројач.
„ДримОН“ се реализира на волонтерска и ентузијастичка основа, поддржан од добрата волја на организаторите, здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), на учесниците, како и локалните бизниси и граѓанскиот сектор кои во рамките на своите можности помогнаа да се одржи второто издание на фестивалот.
Младите волонтери кои беа постојана поддршка на организаторите се уште еден светол пример за анимирањето на граѓаните и давањето вистински придонес кон подобрување на квалитетот на живот во Струга.
Се испитуваа формите на кулутрен и социјален активизам (предавањата на Небојша Илијевски, кој зборуваше за дејата за духовен данок и социјална одговорност, и на Ана Јовковска, која ги претстави слободните зони на урбаната совест), предавања се претставија и кратки филмови на повеќе македонски автори (Милчо Манчевски, Игор Алексов, Елеонора Венинова, Наташа Фелева, Филип Матевски и Лидија Мојсовска), имаше изложби на Игор Тошевски, Енкел Дика, Љубиша Камењаров, како и на Влада Урошевиќ, кој одржа и предавање за поетиката на градовите во модерната поезија.
Логистички партнер во реализацијата на фестивалот беше Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а поддршка даде и градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.