
Легализацијата на нелегално изградените објекти е процес што почна добро, но некаде се забави, пред сѐ, поради одложувањето на рокот за комплетирање на документацијата до крајот на 2015 година. А, бидејќи нашите луѓе сѐ прават во пет до дванаесет, тоа ги охрабрува да го чекаат последниот рок за завршување на процедурата, што, пак, го заглавува целиот систем на решавање на сопственоста на недвижниот имот. И додека надлежните апелираат постапката за легализација да се забрза, луѓето, кои би требало сами да сакаат да си го решат статусот, си тераат по свое. Најчест проблем во предметите е недостигот од елаборати за објектите.
– Легализацијата на нелегално изградените објекти е од заеднички интерес. Граѓаните ќе станат сопственици на имотот, а општините ќе може да донесат нови детални урбанистички планови, во кои ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес – го нагласи значењето на процесот на легализација, градоначалнчката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, за време на доделувањето 40 решенија за легализација во општината Кисела Вода, со што бројот на вкупно решени предмети во оваа општината се искачи на 2.877.
Од Општината информираат дека подобрувањето на динамиката на легализација на нелегално изградените објекти се должи на повеќето технички мерки што ги вовеле. Сепак, одговорноста ја носат и лицата што нелегално ги поседуваат објектите и кои треба да ги запазат законски предвидените рокови за доставување на документите.
– Бројот на лица што немаат доставено геодетски елаборат изнесува 3.877. Се надеваме дека тие граѓани нема да го чекаат крајниот рок, кој, во согласност со последните владини измени, е одложен до 31.12.2015 година – истакна Беличанец-Алексиќ.
И педесет граѓани од општина Бутел добија решенија за легализација на нелегално изградените објекти. Во Општина Бутел во законскиот рок се поднесени вкупно 6.374 барања за легализација. Досега се завршени 2.800 предмети.
– Општинските тимови што работат на легализација имаат обработено уште 1.160 барања за кои се чека разрешувањето на имотно-правните спорови – информираат од Општина Бутел.
Процесот на легализација несомнено влијае врз зголемувањето на наплатата на данокот на имот преку пријавувањето нови даночни обврзници.
Имено, наплатата на данок на имот на ниво на град Скопје е зголемена за 35 отсто, објави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
– Наплатата на данокот на имот е зголемен за 35 проценти до крајот на јуни, споредено со истиот период минатата година – обелодени Трајановски.
Според одговорните од Град Скопје, тоа во голема мера се должи на фактот што Град Скопје и општините континуирано работат на подобрување на наплатата на данокот на имот преку два паралелни процеси.
– Прво, во текот на овој период првпат беше спроведена присилна наплата за физички лица по основа на неплатен данок на имот за 2008 година. Пред да биде спроведена присилната наплата, Град Скопје пред околу седум месеци достави опомени до сите даночни обврзници што имаат долг по основа на неплатен данок на имот. Второ, Град Скопје, заедно со општините, изминатите две години континуирано работеше на евидентирање нови даночни обврзници за данок на имот. Евидентирањето го вршат тимови кои заеднички се формирани од Град Скопје и од општините. Со овој процес ќе се продолжи и во наредниот период – велат од Град Скопје.
Оттаму апелираат до сите правни и физички лица што имаат неплатен долг по основа на данок на имот навреме да ги намируваат обврските.
Што се однесува до другите општини во Македонија, состојбата со процесот на легализација е различен и флуктуирачки, со оглед на тоа дека бројот за решени предмети постојано расте.
На подрачјето на општина Маврово-Ростуше, која опфаќа 42 населени места, од доставените 3.775 барања за легализација на бесправно изградени објекти, решени се повеќе од илјада. Тимовите за легализација секојдневно се на терен и постапуваат по барањата на граѓаните.
– По поголемиот дел од барањата не можеме да постапуваме бидејќи сопствениците сѐ уште го немаат поднесено геодетскиот елаборат. Врз тоа, секако, влијае и одложувањето на рокот за легализација на дивоградбите – вели Харис Ибраими од Одделението за урбанизам при Општината.
Со дополнителните мерки што Владата ги донесе за социјалноранливите групи, кои ќе се ослободуваат од плаќање елаборат, од Општината изразија надеж дека дел од барањата ќе бидат решени брзо.
Градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Мукрем Мехмеди, при врачувањето на 30 нови решенија за легализација на нелегално изградени објекти на физички и на правни лица, упати апел до граѓаните да покажат поголем интерес и да ги докомплетираат потребните документи.
Тој апелираше и да не се почнува со градба без претходно обезбедена потребна документација бидејќи, како што рече, инспекторите секојдневно се на терен, а казните за почнување градба без документација се ригорозни.
Во Општина Охрид забрзано тече процесот на легализација на дивоградбите, информираат од локалната самоуправа. Комисиите за легализација на дивоградбите за периодот април 2013 – јуни 2014 издале 810 решенија и подготвиле 654 урбанистички согласности. Тоа се должи на ефикасната работа на сегашната локална самоуправа , тврдат од Општината. Сегашната локална самоуправа за 15 месеци, споредено со поранешната, сработила многу повеќе решенија и согласности. За споредба, во периодот од 2012 година до март 2013 комисиите од поранешниот состав на локалната самоуправа издале 373 решенија и 480 урбанистички согласности. Од Општината истакнуваат дека сегашните комисии максимално се залагаат за да ги решат доставените барања.
– Во мај и јуни годинава се донесени 32 решенија за утврдување правен статус на нелегално изградените објекти, а 14 се одбиени. Донесени се 46 урбанистички согласности и 152 заклучоци за прекин на постапката поради недостатоци во документацијата – укажуваат од Општина Охрид.
До Општина Охрид се поднесени вкупно 11.320 барања за решавање на правниот статус на нелегално изградените објекти.
Од локалната самоуправа информираат дека на терен работат четири комисии од по три члена и ги повикуваат граѓаните што имаат нелегално изградени објекти да не чекаат во последен момент да поднесуваат елаборати за легализација на објектите.
– За ефикасно спроведување на процесот на легализација, во тек е комплетирање на предметите, потоа ќе следува информација до граѓаните што недостасува во документацијата и што треба да се прави за да продолжи постапката. Апелираме до граѓаните за поголема соработка и за следење на препораките од стручните служби во локалната самоуправа – напоменуваат од Општината.
Во Струмица досега се легализирани 1.619 дивоградби.
Во согласност со законот за постапување со бесправно изградени објекти, Секторот за урбанизам и комунални дејности при Општина Струмица издал 1.619 конечни решенија за легализирање на нелегално изградените објекти, а 25 барања се одбиени. За 3.536 предмети документацијата е комплетирана со доставени елаборати, врз основа на кои за 1.972 предмети е изработена урбанистичка согласност со пресметка за плаќање такса за легализација. Според Стојан Динев, раководител на Секторот за урбанизам и комунални дејности, разликата меѓу издадените пресметки и урбанистички согласности во однос на издадените конечни решенија укажува дека барателите за легализација ја имаат примено пресметката, меѓутоа сѐ уште се чека од нив потврда за платена такса за легализација.
Дека граѓаните бавно ги исполнуваат своите обврски во легализацијата на бесправно изградените објекти потврдува и фактот дека за период од четири години за вкупно поднесените 9.307 барања, досега се доставени само 3.536 елаборати. Тоа значи дека само 30 проценти од подносителите на барањата го завршиле овој дел од постапката за легализација.
Од Секторот за урбанизам и комунални дејности апелираат до граѓаните да ја завршат почнатата постапка, односно да ја комплетираат документацијата и да ја платат таксата за да може побрзо да се решаваат барањата за легализација на дивоградбите во општина Струмица.
Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов, информира дека во изминатите две и пол години се решени или легализирани повеќе од 5.100 дивоградби, што е повеќе од половина од регистрираните преку 10.000 дивоградби во Штип.
– Постапката е прекината за 4.800 предмети, пред сѐ, поради недостиг на еден од трите барани документи, а најчесто тоа е геодетскиот елаборат. Кога сме кај елаборатите, рокот за комплетирање на документацијата полека изминува – вели Ристов.
Во исто време тече и постапката за легализација на балкони, при што барањата што се поднесуваат треба да бидат доставени најдоцна до 30 јуни 2015 година.
И во Прилеп доделувањето решенија за веќе легализираните објекти продолжува да се реализира во согласност со претходно проектираната динамика.
Периодов уште шеесетина граѓани се стекнаа со правото за законско користење на имот, на кој не биле вистински сопственици и покрај тоа што со децении го користеле. Доделувањето на решенијата, веќе традиционално на мала пригодна свеченост, го направи градоначалникот Марјан Ристески, кој присутните уште еднаш ги потсети на големиот бенефит што граѓаните го добиваат со Законот за легализација. Официјалните информации покажуваат дека Прилеп останува на првото место на ниво на државата како по легализирани објекти, така и според изработката на детални урбанистички планови.
– Во Кочани од вкупно 5.938 барања за легализација на бесправно изградени објекти, досега се решени околу 2.600 – изјави Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Кочани.
Според информациите, во источниот дел на земјава досега се легализирани половина од нелегално изградените објекти. Од вкупно 30.000 објекти, документ за легализација добиле 14.000. Најголем проблем при легализацијата е некомплетната документација, односно немањето геодетски елаборат.
– Најголемиот проблем при процесот на легализација е доцнењето на елаборатите, најчесто поради нерешени имотно-правни односи – потенцира Мирко Ристов, претседател на Комисијата за легализација во Општина Виница.
– За да се избегнат гужвите кај геодетските фирми, апелираме граѓаните навреме да поднесат барања и да ги подготват елаборатите за да можеме да ја реализираме постапката за легализација во целост – потсетуваат локалните власти.
Освен за куќи и за станови, легализација мора да се спроведе и на нелегално изградени објекти на земјоделско земјиште, како што се фарми и оранжерии. За нив барања може да се поднесат до 2 август годинава.
Владата донесе одлука за помош на социјалноранливите категории преку бесплатна легализација на нелегално изградените објекти.Примателите на социјална и на постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа, а тие со ниски примања, до 168.000 денари годишно, потврда од Управата за јавни приходи, а потоа можат да поднесат барања за бесплатен елаборат за легализација во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности.
Сите што ќе извршат легализација на објектите каде што живеат нема да го загубат правото на социјална и на постојана парична помош. Оваа владина мерка се очекува дека ќе ја искористат 34.000 приматели на социјална помош и 5.000 приматели на парична помош.
Агенцијата за катастар на недвижности ќе врши премер на недвижностите по службена должност за примателите за социјалноранливите категории граѓани, за што има доволен капацитет, односно има вработено 150 геодетски инженери и 250 геодетски техничари.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Луд предлог на руски политичар пред СП 2018, да се легализира хулиганизмот!
-
Граѓаните и догодина ќе аплицираат за „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“
-
Што ќе се случи ако се легализира проституцијата (ВИДЕО)
-
Поплавените да се пријават за бесплатен геодетски елаборат во Агенцијата за катастар


