Талентираниот играч за врска на Работнички, Даниел Аврамовски, ќе игра на „Маракана“, во дресот на Црвена Звезда, откако синоќа потпиша тригодишен договор со српскиот шампион. Трансферот чини 250 илјади евра, кои ќе легнат на сметка на македонскиот првак.
Црвена Звезда веќе подолго време ги следи неговите настапи, а сега конечно дојде и до реализација на трансферот на младинскиот репрезентативец на Македонија.
Аврамовски ќе ја продолжи низата на македонски фудбалери што играле за најтрофејниот српски клуб. Од Кирил Дојчиновски, Бошко и Милко Ѓуровски, преку светските клупски шампиони Дарко Панчев и Илија Најдоски, потоа Драган Канатларовски, Митко Стојковски, па се до се уште актуелните репрезентативци Иван Тричковски и Горан Попов, кои со многу успех играа за поранешниот шампион.
Аврамовски има 19 години и игра во средниот ред, а веќе беше на проба и во англискиот премиерлигаш Ливерпул, но сепак потпиша тригодишен договор со Црвена Звезда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


