Меѓутоа, да не се добие погрешен впечаток, ова прашање не е продукт на македонската историографија, туку произлегло од главните протагонисти – македонските револуционери. Меѓу нив немало дилема дали требало да се крене востание, тоа е јасно. Впрочем, самиот развој на македонското револуционерно движење го налагало тоа, и во неговата суштина било извојување политичка автономија преку револуционерна борба, се разбира кога за тоа ќе биле погодни условите. Поради тоа, несогласувањата биле токму околу моментот кога требало тоа да се случи, дали биле погодни домашните и меѓународните услови за кревање востание. Сомнежите кај дел од македонските револуционери за вистинското време на кревањето на востанието биле присутни уште пред неговото објавување, на пример за време на Софиското советување од јануари 1903 година или, пак, на Смилевскиот конгрес (мај 1903), понатаму за време на самиот тек на Илинденското востание, но најмногу ова прашање било поставувано по трагичниот крај на Илинден. За ова прашање се дискутирало на окружните конгреси на Македонската револуционерна организација (МРО) по востанието, како и на Рилскиот конгрес, кој се одржал во октомври 1905 година. Во таа насока, Христо Силјанов констатирал дека „големите прашања што ги наложи востанието, не се разгледуваа само инцидентно“. Впрочем ова прашање било од животна важност за натамошниот развој на револуционерното движење.

Анастас и Параскева Лозанчеви со семејството во Битола
Во секој случај, ако тргнеме од девизата „кој работи, има право и да згреши“, поткрепено со фактите дека „околностите го налагале текот на историските процеси и настани“, тогаш можеме да дојдеме до лесно оправдување на оние кои ги застапувале тезите за вистинскиот момент за кревање на востанието. Но, од друга страна, реалната ситуација во османлиска Македонија во периодот на Илинденското востание укажува дека ниту внатрешните, а ниту надворешните околности не биле поволни за еден таков потфат. Сомнежите и дилемите што постоеле кај дел од македонските револуционери од едно предвремено востание, само се потврдиле по неговиот трагичен крај. Во тој контекст, објаснувајќи што било направено, а што не, во однос на револуционерното дело, Димо Хаџи Димов во еден свој текст од септември 1904 година ќе заклучи: „но сите признаваме дека многу малку е направено за умственото подигање и за политичкото осознавање на населението до таков степен што може да си ги отстојува правата пред секое туѓо посегање. Движењето во 1903 година ни ја даде таа скапа поука, која ги убеди многумина од другарите кои стојат во првите редови на Организацијата, дека погледите и силите треба да ги насочиме така за да ја подигнеме Организацијата во квалитативен однос; успехот постигнат досега во тој поглед е толку далеку од саканиот што не може човек да не гледа со тага, како востаници што преживеале по неколку битки, почнуваат одново да ги поднесуваат самоволијата на власта како и порано, а некои од нив дури за лична полза и безбедност стануваат предавници“. Можеби ова е една од причините, ако не и главна, во неуспехот на востанието. Покрај останатите недоследности, како немањето доволно оружје и муниција, се покажало дека моралната подготвеност на македонското население не било на вистинското ниво да се носи со еден таков потфат. Токму кон тоа било насочено и делото на Гоце Делчев, да ја развие свеста кај македонскиот човек за слободарските вредности и да го ослободи од умствената покорност на ропскиот живот, а не да очекува некој однадвор да се избори за неговата „слобода“. Во таа насока дејствувал и Јане Сандански, кој во своите спомени истакнал: „Извештајот за востанието морално нè уби, друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосема друго излезе. Немав веќе ниту лице ниту срце да агитирам како понапред. Оставив на четниците да агитираат. Просто плачевме“. И затоа, повторно, Д. Хаџи Димов ќе заклучи: „Слободен е само оној народ, којшто сам си ја изборува слободата, и кај кого последната станува традиција и се предава од поколение на поколение“. Затоа главна задача на МРО, според Хаџи Димов, била сама да го подготви населението, „не само да ги извојува своите права, туку да ги чува и да се користи со нив, тешкотијата треба да ја совладаме, и да одиме, макар и пополека, но сигурно, кон политичкото освестување, кое ќе донесе вистинско урнување на тиранијата“.

Анастас Лозанчев
Како и да е, без да расудуваме дали бил во право или не, во продолжение ќе ги претставиме аргументите „за“ кревање на Илинденското востание на Анастас Лозанчев – долгогодишен член на Битолскиот окружен комитет, учесник на Солунскиот конгрес од јануари 1903 година и на Смилевскиот конгрес од мај истата година. За време на Илинденското востание бил дел од Главниот штаб, заедно со Даме Груев и Борис Сарафов. Улогата која имал Лозанчев, како единствен претставник од Битолскиот револуционерен округ, на Солунскиот конгрес од јануари 1903 година, на кој била донесена одлуката за кревање востание, бил доволен мотив дел од македонските револуционери подоцна да го обвинат за неговиот став „за“ востание. Имено, тој во самиот округ не повел никаква дискусија или советување во однос на востанието. Чувствувајќи ја потребата и должноста пред историјата, Лозанчев во своите спомени изнел 18 причини зошто на Солунскиот конгрес бил „за“ востание. Ние во продолжение ќе ги претставиме сите:
- Една од најважните причини беше доаѓањето на полковник Јанков. Спречувањето на народот да се приклучи кон него значеше дека треба да најавиме дека ќе востанеме во 1903.
- Забрзаната подготовка немаше цел да го одложување дејствувањето за многу години, туку обратно, тоа да се направи во најскоро време.
- Масовното доаѓање на печалбарите од секаде, најмногу од Цариград.
- Против подолготрајно одлагање на востанието најмногу беа костурчани и леринчани, а оваа желба не им беше туѓа и на ресенчани, на демирхисарци и на кичевци. Костурчани и леринчани дури нè заплашуваа дека самите ќе дејствуваат. Уште пред доаѓањето на Ѓорѓи Сугарев, говоревме дека е време да се дејствува.
- Стравот од одземањето на оружјето од страна на Турците, како што се случи во Леринско. Аскерот за неколку дена собра 600 пушки.
- Турците ги дознаа сите наши тајни планови.
- Зголемувањето на четите, поради што фактички бевме во востание, иако не беше прогласено.
- Моралните падови.
- Постојана напрегнатост го принудуваше народот да ја остави сопствената работа.
- Осиромашувањето не му даваше можност на народот да продолжи со издвојување средства за оружје, а самиот немаше од каде да го набави.
- Во настојувањето да не се зголемуваат четите, наредивме да се избегнуваат контакти со аскерот, а тоа влијаеше деморализирачки. Од тие причини и јавните шпиони не ги ликвидиравме.
- Од податоците со кои располагавме за подготовка на околиите, проценив дека таа е доволна за нашиот крај.
- Охрабрувачки за мене беа и податоците за подготвеноста на другите окрузи. Но, по востанието се дозна дека тие биле лажни.
- Никогаш не се залажувавме дека само со наши сили ќе ја победиме царската империја. Ние сакавме да предизвикаме замешување на странски држави.
- Се чувствуваше големо попуштање на дисциплината меѓу раководните сили.
- Раководните сили беа значително намалени – многумина беа убиени, затворени.
- Војводите беа изморени.
Централниот комитет вети дека ќе ни даде најмалку 400 души за началници и чети, 30 офицери од родниот на еден од раководителите на комитетот, многу пушки, многу материјал. Без таква помош незамисливо е да се направи нешто повеќе, посебно во нашиот крај.

Анастас Лозанчев во Охрид, 1943 година
На крај, Лозанчев констатирал: „Треба овде да признаам дека ако знаев оти другите окрузи немаше да востанат и дека толку мала ќе биде помошта што ја добивме од началството во воени резерви и материјали, тогаш многу ќе размислев пред да ја дадам мојата согласност за востание, иако го знаев расположението на повеќето околии во Битолско. Имено, решително беа за востание“.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


