– Во јуни петмина доктори од Универзитетската клиника за очни болести се наградени, а двајца се казнети. Врз основа на плаќањето по учинок, во мај се наградени шестмина, а казнети тројца доктори, додека во април наградени се петмина, а исто така тројца се казнети – информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, кој во изминатите пет дена беше во контрола на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.
Во насока на подобрување на целокупниот процес на работа на Клиниката донесени се конкретни мерки кои, според Тодоров, изминатава недела веќе биле преземени односно спроведени во практика.
Една од позначајните новини е тоа што отсега на упатите за офтамолошките прегледи на Клиниката ќе стои известување дека пациентите поради претходна подготовка за прегледот потребно е да дојдат на Клиниката за офтамологија еден час пред закажаниот термин. Ова, појаснува Тодоров, се презема поради тоа што при вршење на одреден тип прегледи или итервенции на оваа Клиника е потребно претходно пациентите да примаат капки за проширување на зениците, кои делуват во период од половина час до два часа, поради што се пролонгира времетрањето на прегледот.
Унифициран е принципот на издавање резултати од прегледите. Утврдено е дека резултатот треба да се издаде пред завршување на прегледот, наместо како досега пациентите да чекаат извесен период од денот за да го добијат резултатот, со цел, како што рече Тодоров, докторите да ги протолкуваат резултатите заедно со пациентите.
– Во одредени околности, доколку тоа не е возможно, докторот треба да процени кога ќе бидат готови резултатите да закаже контрола во „Мој термин“ во тој период и за тоа да го извести пациентот – рече Тодоров.
При контролата на спроведувањето на електронскиот систем на закажување „Мој термин“ е утврдено дека постои несовпаѓање помеѓу распоредот на хируршки интервенции внесен во оперативниот дневник и распоредот на хируршки интервенции закажани во системот мој термин.
– Укажавме дека во системот „Мој термин“ треба да се води прецизна евиденција, а тимот од „Мој термин“ континуирано за време на „Кајзен мониторингот“ вршеше обуки за користење на овој систем, со кој беа опфатени сите здравствени работници со цел надминување на овој недостаток, унапредување на неговото користење – посочи министерот.
Од средината на есента на Клиниката ќе започне да се спроведува кератопластика, односно трансплантација на рожницата на окото. Поради тоа, како што најави Тодоров, наши лекари ќе бидат испратени на обука во странство и странски лекари ќе дојдат кај нас.
Оформен е Кабинет за катаракта имајќи предвид дека катаракта се дијагностицира во околу 70 до 80 проценти од случаите на оваа Клиника. За Кабинетот, информираше Тодоров, е веќе обезбеден соодветен простор, а ќе се користи постојаната опрема. Секојдневно ќе биде ангажиран по еден специјалист од постојниот кадар кој ќе врши проценка на степенот за итност за операција.
Уште една новина која е воведена е Комисијата за проценка на вид која ќе се формира од тројца доктори со точно определени термини за комисиски преглед.
Веќе е дефинирано посебно одделение во мој термин со назив Комисија за проценка на вид и се утврдени термини секој петок од 12 до 14 часот. Денеска, информираше Тодоров, е испратено известување до сите матични лекари и офтамолози во врска со упатувањето кон Комисијата за проценка на вид.
Тодоров информираше дека Клиниката ќе има посебна просторија за чекање за оние лица коишто доаѓаат за преглед неколу часа пред закажаниот термин и за лицата кои доаѓаат како придружници на пациентите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Соопштени добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“
-
Награди за есеј на тема „Визија за Скопје“ добија Кристина Шумадиева, Бојан Шашевски и Тања Сарандеска
-
Рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова – добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“ на 9.Мобил филм фестивал
-
Црн петок, ама буквално: Дошле на шопинг во Сити мол, останале без возила!