Уште една работа во политиката и во спортот е слична, како непишано правило – во случај на пораз и селекторот и лидерот поднесуваат оставка. Тренерот, или во овој случај селекторот, при катастрофални резултати, доколку не поднесе оставка, сигурно добива отказ од федерацијата. Политичкиот лидер, пак, во случај на дебакл, а во светот за каков било изборен пораз, поднесува оставка доколку е доблесен, доколку не, пак, како кај нас, фингира криза и останува на позицијата. Во првиот случај – репрезентацијата оди натаму со мотиви за нов трофеј, во вториот државата губи стара препорака…
Една стара вистина вели дека и во спортот и во политиката победниците ги краси една иста особина – не попуштаат и не отстапуваат. Во спортот, пак, она што ги обединува навивачите е тоа што, како и тимовите и играчите, ги знаат и почитуваат правилата на игра. Така, барем, би требало да биде и во политиката, но не и во македонската. Македонската уникатност во политичката „игра“ и функционирање ја определува уште една неверојатност – секаде во светот правилата ги пишуваат и одредуваат победникот и мнозинството. Кај нас, пак, често губитникот е тој што, надвор од сите норми, си зема за право да условува и да диктира правила.
Во спортот е јасно дефинирано што можете да правите со фудбалската топка, но и тоа само по свирката на судијата. Определено е како и со кои делови на телото смеете да ја допрете, но и до каде и на кој дел од теренот можете да одите со неа. Политичкиот егзибиционизам, пак, кај нас нема правила на однесување, нив од миг во миг си ги смислува и менува секој како што сака и како што му одговара, а се игра со гласовите на граѓаните. Велат дека топката е тркалезна, а кај нас, очигледно, некој на ист начин ги гледа и гласачите, но не од аспект на непредвидливоста, туку, напротив, во служба на познатата опозициска констатација и навреда – нив секој може да ги сврти, обликува и намести како што сака.
Опозицијата одамна е фатена во „офсајд“, но и натаму без проблем и каква и да е грижа на совеста останува во недозволената позиција или, во овој случај, надвор од парламентот. Натпреварот заврши пред повеќе од два месеца, но тие и натаму се во офсајд иако за чинот добија неколку црвени картони од судијата персонифициран во меѓународната заедница. Граѓаните, пак, го сторија тоа пред 80 дена…
Доколку не се појавите на натпревар, без соодветно и силно оправдување за отсуството, губите 3:0 службено, а ако на крајот на мечот не го признаете резултатот, кој е 481.615 наспрема 283.955, сигурно дека не ви бега дисциплинска мерка од федерацијата или во овој случај од ЕУ и САД.
Проблемот е уште поголем доколку на другиот речиси паралелен натпревар губите двапати по ред, и во првиот и во вториот круг или полувреме, за да завршите со 534.910 наспрема 399.077. Дебакл, пак, независно дали е во спорот, во политика или било тоа во џамлии и криенка, е да загубите 9 пати по ред, и тоа во период од само 8 години – од 2006 година до 2014 година. Вистинскиот проблем настанува кога веќе не знаете како да победите, па против сите познати правила на политичка игра, башка во недозволена ситуација, со катастрофален резултат барате 3:0 службено, а не наведувате ниту еден вистински аргумент (приговор на избори) зошто го заслужувате тоа. И повторно, виновен ви е судијата кој не го видел непостојниот фаул, кој вие во офсајд сте го одглумиле во шеснаесетникот…
Редицата порази претпочита и налага промена на селекторот, но сигурно не по цели седум порази и исто толку години мачење и лебдење на политичката сцена, а никако со некој кој имал далеку помал рејтинг и доверба од претходникот. Во тимот кој постојано губи се менуваат и тактиката и многу играчи, а сѐ почнува од тренерот и од неговиот помошник…

Пандов: Бразил нема да бара да биде „технички“ шампион
Пред почетокот на овогодишното Светско првенство ги прашавме македонските политичари за кого ќе навиваат и кој е нивниот фаворит. Груевски ја одбра Германија, а како фаворит број два Аргентина. Заев, пак, целосно го фаворизираше Бразил.
Нова, тотална утка на опозицискиот лидер, па макар и во спортска прогноза. Овојпат, тој играше на „сигурно“ – Бразил беше домаќин, многумина алудираа на негова титула, но бадијала.
Политиката и спортот, можеби, не се спојуваат, но колку тоа, на шега или не, зборува за способноста за каква и да е процена?
Пред некое време, СДСМ очекуваше и силна поддршка од меѓународната заедница во однос на одлуката за непризнавање на изборите, но тоа не се случи ни оддалеку. Напротив, двата центри на моќ им испратија јасна порака. Прво, Брисел преку Филе и средбата на негово барање, чија поента челниците од Бихаќка неуспешно ја премолчеа, а потоа и Вашингтон преку Викторија Нуланд, која мудро ги одбегна прашањата за некаква си политичка криза од „подобните“ новинари, а немаше ниту средба со опозицијата. Би рекле – кога не оди, не оди ништо. По една утка следуваше друга, па трета…
„Република“ ги стави во невообичаена позиција политичките аналитичари и од нив побара компарација меѓу спортската прогноза и политичкото дејствување. За Александар Пандов, најголема грешка на обложувачите и на политичарите е да бидат понесени од емоции во своите одлуки, било тоа при влог или во политичка одлука. И кај двете, различни групи дејствувањето треба да се базира на анализа, многу работа и на добра статистика. За среќа на обложувалниците, ретки се таквите играчи на спортска, а кај нас чести се и политичарите што, како по правило, кажано со спортски вокабулар, постојано погодуваат статива.
Пандов: Неколку години имам работено во спортска обложувалница, па иако не сум играч, спортското прогнозирање го разбирам добро. Се согласувам со тебе дека политиката не е иста со спортското прогнозирање, но, секако, дека имаат и сличности. Имено, секој добар играч, како и политичарот, пред да донесе конечна одлука претходно треба да направи добра анализа на тимот почнувајќи од менаџерот, па преку играчите, па како играл тимот во изминатиот период, колкава е мотивираноста на тимот, за каков тип натпреварување се работи, а секако дека е потребно да ги познава и противничкиот тим и неговата подготвеност. Откако сите тие работи ќе се обмислат во зависност од понудениот коефициент, добриот играч донесува одлука колкав влог ќе стави и на кој тим. Многу е важно да споменам дека добриот играч никогаш не игра со емоција, не носи одлуки на „прва“ и никогаш не игра на тоа како тој би сакал да биде, туку, ќе повторам, игра како бројките и статистиката говорат дека ќе биде! Последен, но можеби и најважен, е личното чувство на играчот! А, тоа, едноставно, го имаат добрите играчи. За среќа на обложувалниците, само мал дел од играчите се од таков калибар.
Најголем дел од нив, вели Пандов, своите одлуки ги донесуваат спротивно од напишаното и најважно е што кај таквиот тип играчи обложувалниците многу лесно им го наметнуваат својот фаворит, кој нормално многу често останува само фаворит на хартија.
Пандов: Ако сето тоа го пренесеме во политиката, ќе се согласите со мене дека подеднакво исто можеме да сретнеме политичари кои пред да донесат одлука, сериозно ги ставаат на маса сите информации, слушаат и се консултираат, па откога ќе ги склопат сите коцки во мозаикот и откога ќе имаат јасна слика за настанот, дури тогаш донесуваат конечна одлука за политиката што треба да се примени. Ова важи за добрите политичари! Но, и во политиката има политичари што своите одлуки ги донесуваат „на прва“, кои се раководат понесени од нивната емотивна состојба, политичари кај кои лесно може да се подметне погрешна политика од страна на организации на кои тоа им одговара.
Оттука, мене воопшто не ме чуди што господинот Никола Груевски точно ги погоди и финалните две репрезентации и победникот на СП. Од друга страна, господинот Зоран Заев, како и во политиката, повторно погоди статива. Или и овој пат беше до судиите, па Бразилците нема да им ја признаваат освоената титула на Германците и ќе бараат од господинот Сеп Блатер „технички“ тие да бидат шампиони!?
Додовска: СП во Бразил ги релаксираше политичките односи во Македонија
Побаравме и женски аспект на приказната. Разбирливо и очекувано, тој е спротивен од машкиот, особено кога се работи за фудбалот.
Според доцент д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, не би можело да се направи корелација меѓу изборот на фудбалски фаворит и политиката на власта и на опозицијата во Македонија. Премногу било индивидуално чувството на давање доверба на фудбалскиот фаворит, различно од она на политичарот. Таа вели дека ако тргнеме од генералната рамка која се однесува на улогата на спортот во современиот цивилизациски живот, сосема е очигледна констатацијата дека спортот и спортските активности заземаат сѐ позначајно место во општествениот живот на човекот. Во тој контекст, и фудбалот дефиниран како најзначајната споредна работа на светот, вели Додовска, претставува арена на која секој поединец го продуцира својот став и сопствениот израз за тоа кој е неговиот фудбалски фаворит, кој фудбалски амблем му е најблизок, како и за тоа каква ќе биде претстојната фудбалска сезона.
Додовска: Затоа, сосема е јасно дека за љубителите на спортските настани, една од поважните работи е, секако, спортската прогноза. Тоа доаѓа од фундаменталната потреба, прво, да се искаже поддршката за својот фаворит и, второ, да се поседува интерес при континуираното следење на фудбалските спектакли со кои би се претпоставиле шансите во кои „тој и тој“ фудбалски тим има „толку и такви“ услови за да ги исполни очекувањата на љубителите на фудбалот.
Оттаму, вели Додовска, тргнувајќи од фактот дека машкиот пол исклучително доминира на врвните позиции на македонската политичка сцена, не изненадува големиот интерес кај македонските политичари за Светското фудбалско првенство во Бразил.
Додовска: Во контекст на вашето прашање, според мене, не би можело да се направи споредба меѓу јавната политика на власта и на опозицијата во Република Македонија со нивните прогнози за сега веќе завршеното Светско фудбалско првенство во Бразил. Овде имаме пример за различни гледишта меѓу нашите политичари во однос на фудбалските фаворити за кои, претпоставувам, секој поединечно би можел темелно и на широко да ни образложува. Она што мене ми остави впечаток е дека во изминатиов период овој светски фудбалски настан имаше позитивно влијание во македонската политика и влијаеше на релаксирање во меѓусебната комуникација во нашата држава, што е знак дека и нашите политичари се луѓе од крв и месо и дека и на нив влијае фудбалската еуфорија, која е потешко разбирлива за нас жените.
Речиси идентични резултати на анкетите, прогнозите и на ономастиката
Неспорно е дека фудбалските фаворити се лична определба, која воопшто не зависи од партиската определба. Доказ за тоа е фактот што за Англија навиваа министерката Гордана Јанкуловска и градоначалникот Андреј Жерновски, а на Италија типуваа Јани Макрадули и Елизабета Канчева-Милевска.
Сепак, интересна е играта и повторувањето на бројките околу едни исти лица во сосема различни сфери, особено кога се работи за лидерите на владејачката партија и на опозицијата.
Пред СП 2014, Груевски типуваше на Германија, а Заев на Бразил. Резултатот на нивниот дуел беше 7:1.
Малку пред СП 2014 со анкета излезе американската ИРИ. Резултатот во однос на довербата на граѓаните во лидерите беше 25% за Груевски и 3% за Заев, или повеќе од 8:1.
Разликата се зголемува на полето на ономастиката. Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија презимето Груевски го носат 396 машки лица, а Заев 41 лице, што доведува до резултат поголем од 9:1.
Кажано со спортски жаргон, некој едноставно не знае или не сака да престане да губи, доколку е ова второто, психолошкиот вокабулар го опишува со зборот мазохизам, во овој случај политички…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


