| четврток, 6 декември 2018 |

Како политичките партии ја надмудрија Европската унија

EU zname

Ако политичките дебати до мајските избори за Европскиот парламент не ги исполнија очекувањата, веројатно е така бидејќи очекувањата биле превисоки. Телевизиските пресметки беа најавувани како клучен момент во еволуцијата на ЕУ демократијата, конечно пружајќи на гласачите прилика да ги испитаат и изберат кандидатите за клучното тело на Европската унија. Меѓутоа, гледачите наместо тоа добија група временски партиски инсајдери кои храбро се борат да се издигнат над своите биографии и на Европа да понудат преку потребно чувство за целта и суштината.

Какви и да биле заслугите на кандидатите кои излегоа на сцената во Мастрихт на 28 април, тие не се предодредени да претставуваат културна промена. Социјалистичкиот лидер и претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц излезе зајадлив; конзервативниот Жан Клод Јункер кој од 1995 до 2003 беше на чело на меѓународното даночно гнездо наречено Луксембург, беше толку незаинтересиран што се чини дека падна во кома; либералниот Ги Верхофштат кој девет години беше премиер на Белгија, успеа да ја уфрли секоја можна фраза која може да се очекува од некој кој нема што многу да изгуби. Единствен кандидат кој легитимно можеше да тврди дека е аутсајдер беше пратеничката на зелените Ска Келер, но често изгледаше како да не знае каде се наоѓа.

Расправата би ги разочарала дури и најжестоките политички зависници (кои во овој град се премногу). Што е уште полошо, соочувањето го водеше новински двоец толку опседнат од прецизниот американски формат, што интересните коментари остануваа без реакција, а на кандидатите им беше овозможено да ги заобиколат важните проблеми без потпрашања. Во ретки моменти кога заживуваше дебатата, водителите ја прекинуваа читајќи пристигнати твитови, кои без вицкастите хаштагови, беа исклучително досадни и празни.

Колку и да беше извикан овој судир на партиските диносаури, погрешно е да се мисли дека не се работеше за вистински историски момент. Фактот дека кандидатите мораа сега да се соочат со гласачките хаштагови, па дури и воопшто што имаше  кандидати, директно произлезе од организираниот обид за политички реформи.

Европските лидери го усвоија сеопфатниот Лисабонски договор од 2007 година (и почнаа да го применуваат во 2009), реагирајќи на загриженоста дека институциите на ЕУ немаат демократски легитимитет. Тоа беше мудар потег: прашањата за институционалниот легитимитет станаа клучни во бранот на евроскептицизмот кој го преплавува континентот.
Во центарот на дебатата е Европската комисија, извршно тело на ЕУ. Токму ова бриселско тело, а не Европскиот парламент, предлага најголем дел од законите во ЕУ. До сега претседателот на Комисијата, главен министер на ЕУ, го бираше група на лидери од 28 земји членки, состанувајќи се зад затворени врати и тргувајќи со извршните позиции и директорски места додека не се договорат. Кого и да го изберат, резултатот секогаш беше ист: претседателот на Комисијата беше резултат на договор на членките.

Процесот на избор ја ослабе независноста на извршните тела на ЕУ и нејзиното раководство. Политичката плашливост на актуелниот претседател Португалецот Жозе Мануел Баросо, е вистински показател на овој проблем. Најдобра реплика во безживотната дебата имаше Верхофштат, кој рече дека господин Баросо прво се јавува во Париз, па потоа во Берлин, всушност обично е обратно, прво Берлин, па Париз. И дури откако ќе добие зелено светло од овие две земји, тогаш се одлучува нешто да предложи…

Каков и да беше распоредот на претседателот, нема сомневање дека Баросо плашливо пристапувал на членките, овозможувајќи на владите во ЕУ штетно ниво на влијание над извршната власт.

Во строго правна смисла, Лисабонскиот договор, изборот на претседател на Комисијата го остави во рацете на Советот на Европа, надпарламент кој го претставуваат државите членки. Но, текстот од членот 18, Европскиот парламент единствена директно избрана институција на ЕУ, го става во центарот на настаните.

Еве што стои во договорот: – Земајќи ги предвид резултатите од изборите за Европскиот парламент и по извршените соодветни консултации, Европскиот совет, со квалификувано мнозинство, на Европскиот парламент предлага кандидат за претседател на Комисијата.

Не мора да бидете уставен правник за да знаете дека земјаќи предвид може да значи било што. Дали Советот сега ќе биде должен да постави кандидат кој го предлага партија со најмногу избрани членови во парламентот? Или мора работата да се довери на лидер кој ќе успее да ја собере најголемата коалиција? Или тоа едноставно значи, ако на пример десниот центар добие најмногу гласови, тогаш Советот може да постави кого сака со десничарско педигре кој ќе успее да собере најголема коалиција (извршната директорка на ММФ Кристин Лагард, поранешна француска министерка за финансии, предложена е во тој контекст)?

За политичките партии во Европскиот парламент, лабавиот текст на Договорот претставуваше ретка прилика за одземање на власта од Советот. Наместо да се впуштаат во тоа што всушност значи договорот, партиите се одлучија да предложат свои кандидати пред парламентарните избори во мај 2014 година, водејќи кампањи од скандалозно претседателски тип, со сите плакати и промотивни спотови.

Така што и самата камања, иако Советот не беше законски должен да именува лидер чија партија победила на изборите, на кандидатите им пружи углед и легитимитет кои не произлегуваат од членот 18. На секоја телевизиска дебата, со секој говор во кампањата и со секоја критика на Советот, тие кои подоцна ќе се наречат спитзенкандидатен (на германски водечки кандидат), градеа врска со гласачите која не може лесно да се прекине. Оправдано или не, тоа беше добро изведено одземање на овластувањата на Европскиот парламент.

Кандидатите знаеа што прават и извршија дополнителен притисок: во несекојдневно согласување во текот на дебатите водени на англиски јазик, рекоа дека еден од нив дефинитивно ќе биде следниот претседател на Комисијата и ветија дека ќе поддржат секој кој ќе добие најмногу гласови. Дури, ако Советот се обиде да наметне некој не-спитзен кандидат тогаш парламентот ќе возврати со поништување на тоа именување (Европскиот парламент има право на вето на изборот на Советот). Советот е во проблем: неговиот морален авторитет во избор за претседател на Комисијата е одземен, а имаше сериозни резерви кон два спитзен кандидати кои всушност имаа шанси да победат: на Јункер и на Шулц. Ова набрзо стана прашање од политички прагматизам: дали може Советот да си дозволи да го игнорира Парламентот и неговото гласачко тело?

По изборите, од кои конзервативната Европска народна партија излезе како победник, германската канцеларка Ангела Меркел изрази длабоко сомневање во врска со Јункер. Нејзиниот коментар предизвика брза политичка реакција од сите страни на германската политичка сцена, па мораше да се повлече и да го поддржи – што и го направи се до неговото именување оваа недела.

Потоа британскиот премиер Дејвид Камерон стапи на сцена. Откако беше победен од евроскептичната Партија на независноста на Обединетото Кралство, или УКИП чии 127 отсто гласови ги надмина и конзервативците на Камерон и опозициската Лабуристичка партија, премиерот беше под политички притисок да одговори. Тоа го направи со остар напад на кандидатурата на Јункер. Таа е длабоко погрешна – рече, бидејќи Јункер целиот свој работен век беше во центар на проектот за зголемување на овластувањата на Брисел и намалување на овластувањата на националните држави.

Меѓутоа, што е уште поважно, Камерон рече дека е против целиот систем на спитзенкандидати, тврдејќи дека не било добро избраните шефови на влади од европските земји да се откажат од своите права да именуваат шеф на Европската комисија – најважен функционер во Европа.

Антијункерската кампања на Камерон, направи метеж во Советот на Европа и му донесе поени во земјата. На крај само Британија и Унгарија гласаа против Јункер на 27 јуни на состанокот во Брисел, што е прва пат претседателот на Комисијата да биде избран со гласање наместо со консензус. Но, токму нападот на Камерон на спитзенкандидат системот, кој во секој случај воведе елемент на вистинска демократија и именување, ги збуни некои мониторинзи.

Секако, многу европски лидери, вклучувајќи ја и Ангела Меркел, не би се согласиле со Камерон дека Јункер не претставува нов почеток, кој на ЕУ е потребен се додека се ниша под товарот на евроскептичните гласови. Но, тезата дека Советот, кој ги претставува владите на државите членки, има поголем демократски легитимитет од диреткно избраниот парламент, беше необична. Дури, Лисабонскиот договор кој Британија го ратификуваше во 2008 година, недвосмислено ја пропишува улогата на Парламентот за именување на претседател на Комисијата. Чудејќи се како се разви системот за спитзенкандидат, Камерон делуваше неискрено.

Меѓутоа, од поширока перспектива, интервенцијата на Камерон во последниот час е дочекана со голема загриженост во земји кои поконструктивно реагираа на подемот на евроскептичните партии – меѓу другите во Германија, Финска, Италија и балтичките држави. Набрзо е забележано дека пред изборите Камерон не трошеше многу политички капитал на одбрана на Европската унија, дури ни од најскандалозните напади на УКИП. Всушност, нај истакнат Британец кој имаше нешто позитивно да каже за Европа, беше првиот министер на Шкотска Алекс Салмон, кој дојде во куса посета во Бриж при крајот на кампањата да каже дека антиевропска Англија ја бутка надвор проевропска Шкотска од ЕУ, против нејзина волја (што самата шкотска независнот може да го поправи).

Но, во центар на судирот на Камерон со спитзенкандидатите се крие подлабоко прашање за улогата на политичките партии на Европската унија. А, многу набљудувачи не сваќаат дека политичките партии во континентална Европа се длабоко конзервативни, во вистинска смисла на зборот: тие владејат со индустријата, синдикатите, верските групи и разни влијателни гласови заинтересирани за зачувување на статус кво. Кандидатите кои ќе ги произведат европските партии се политичари кои напредувале служејќи се со овие институции или работејќи за нив, т.е. тие не се реформирани.

Додека британските политичари ја проценуваат секоја мерка на ЕУ врз основа на тоа колкаво овластување таа дава на Брисел (и имплицитно одзема на Вестминстер), вистинското прашање за иднината на унијата е всушност посложено и се однесува на реформи на нејзините институции. Примамлицо е да се величи демократскиот легитимитет на Европскиот парламент, но предавањето на власта на политичките партии (што е направено со спитзенкандидатскиот процес) не е волшебно стапче. Ниту натпреварувањето за легитимитетот меѓу директно избраните пратеници и 28 национални лидери кои и самите се избрани во своите матични земји, ќе даде јасен победник. Реформата е најголем предизвик кој и претстои на Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top