| четврток, 6 декември 2018 |

„Катимерини“: Нимиц нема да донесе ништо ново

nimic

Медијаторот Метју Нимиц нема да донесе никаков нов предлог во преговорите при неговата посета на Скопје и Атина наредната недела, пишува електронското издание на „Катимерини“.

Повикувајќи се на македонските медиуми, весникот ја пренесува изјавата на Нимиц за програма „Гласот на народот“ дека очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и Атина.

– Сепак Нимиц не носи некој нов предлог во преговорите. Грчкото Министерство за надворешни работи нема таква слика, а слична атмосфера пренесуваат и медиумите од Скопје. Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера на прес-конференција на прашање дали очекува нов предлог на специјалниот пратеник на Генералниот секретар Нимиц, одговори дека нема најава за такво нешто“, пишува „Катимерини“.

Весникот додава дека Попоски „ја нападна Атина, припишувајќи и недостиг на политичка волја за решавање на прашањето за името“.

Речиси сите грчки весници ги пренесоа вчерашните изјави на министерот Попоски во врска со спорот околу името.

Под наслов „Македонија: Грција сака да го избегне прашањето за името“, „Елефтеротипија“ пишува дека шефот на македонската дипломатија изразил песимизам за изнаоѓање решение за прашањето за името.

„Попоски: Наскоро нема да има решение на прашањето за името“, пишува „Етнос“ додавајќи дека министерот ги повтори ставовите на македонската Влада „оти грчката страна го насочила целото свое внимание кон економската криза, и нема волја за изнаоѓање решение за проблемот со името“.

„Катимерини“ додава дека министерот Попоски „побарал дури и поактивно вклучување на клучните членки на НАТО и на ЕУ во процесот на изнаоѓање решение“.

– Ова барање на Скопје  доаѓа по изјавите на Меркел за нејзиното ангажирање во дебатата за прашањето за името“, заклучува провладиниот весник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top