| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија во програмата „Креативна Европа“ на ЕУ

Македонија ќе учествува во програмата „Креативна Европа“ на Европската унија, наменета за културните и креативни сектори, јави МИА од Брисел.

Овој договор, во име на македонската држава и на Унијата, денеска во европската престолнина го потпишаа амбасадорот во Мисијата на Македонија при ЕУ, Андреј Лепавцов, и Јан Трушчински, генерален директор во Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија.

„Креативна Европа“ е нова програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори во Европа, усвоена од Советот на ЕУ на 5 декември минатата година и се однесува на периодот од 2014 до 2020 година. Во стратешка и политичка смисла, оваа програма произлегува од актуелните политики на ЕУ како што се „Стратегијата 2020“ и Лисабонската стратегија.

Концептуално, новата програма се базира врз позитивните искуства на трите програми: култура, медија и медија мундус (од 2007 до 2013 година), кои редизајнирани се присоединети во новата програма.

Буџетот на новата програма на ЕУ изнесува 1,5 милијарди евра за период од седум години, а овие средства се наменети за аудиовизуениот сектор, културните и креативните сектори, како и за меѓусекторска соработка.

„Креативна Европа“ е централизирана програма на ЕУ и со неа на европско ниво управуваат Европската комисија и Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура. На национално ниво надлежен орган за спроведување на „Креативна Европа“ останува Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top