| четврток, 6 декември 2018 |

Средба на претседателот Иванов со амбасадорите Волерс и Орав, Берц од ОБСЕ и Ивануша од НАТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими Пол Волерс, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, Мариан Берц, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ и претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО, потполковник Маријан Ивануша.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, биле разменети мислења и информации околу состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалните прашања, како и за актуелните внатрешно политички случувања во државата.

Ivanov Volers Orav 01 (Custom)

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО и изразил благодарност до соговорниците за нивниот ангажман и придонес во унапредувањето на односите и интензивирањето на соработката.

Македонскиот претседател, потенцирајќи го почитувањето на меѓународните договори и спроведувањето на меѓународните обврски, порачал дека е потребно надминување на статус кво состојбата на евроатланските интеграциите на Република Македонија, час поскоро, со што би се придонело кон надминување на предизвиците во државата и регионот.

Ivanov Volers Orav 03 (Custom)

На средбата се размениле мислења и во однос на последните настани поврзани со протестите поради случајот „Монструм“, при што соговорниците се согласиле дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не може да се толерира. Заклучиле, стои во соопштението, дека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист.

Ivanov Volers Orav 04 (Custom)

Било констатирано дека настаните што се случија се и можност за отворен дијалог и зацврстување на односите меѓу граѓаните од различна етничка и религиозна припадност.

Соговорниците ги поздравија преземените напори на претседателот Иванов во насока за надминување на предизвиците произлезени од актуелните внатрешно политички случувања во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top