Собранието денеска во рамки на 10. седница, ги донесе измените и дополнувањата на одлуката за избор на претседатели, заменици и членови на собраниските комисии и на одлуката за основање пратенички групи за соработка со други држави.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ го поздрави учеството на трите пратенички од опозицијата во работата на Парламентот и собраниските комисии.
Според неа, трите пратенички ќе испратат јасна порака до останатите избрани пратеници од опозицијата да се вратат во Собранието и да се вклучат во неговата работа, а со тоа и да придонесат за евроатланските интеграции на државата.
– Наместо контунирано залагање денес најголем дел од македонската опозиција е надвор од институциите и ја уценува сопствената држава и им дава инструмент повеќе на некои земји кои не сакаат Македонија да стане дел од големото европско семјство, пред се Република Грција, да имаат изговор повеќе дека Република Македонија не ги исполнува политичките критериуми, односно политичкиот дијалог, посочи Бонева.
Во рамки на седницата беа донесени Предлогот на закон за данокот на добивка, за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, измените на Законот за супервизија на осигурувањето и на Законот за девизна инспекција.
Беа донесени и измените на Законот за данок на додадена вредност, Законот за финансиски друштва, Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и Законот за превоз во патниот сообраќај. Во второ читање беа прифатени и измените на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, дополнувањата на Законот за здравствено осигурување.
Усвоена беше и потребата за дополнување на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Причините за донесувањето на законот, како што појасни заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини, произлегле од потребата за негово усогласување со меѓународните стандарди – препораките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам утврдени од страна на ФАТФ во 2012 годна и заради надминување на недостатоците утврдени во рамки на четвртиот круг на евалуација од страна на Моneyval комитетот при Советот на Европа.
Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предложениот закон е во насока на подобрувањето на борбата против тероризмот и перењето пари.
– Во Република Македонија борбата против перењето на парите е нормирана од два аспекта, превентивен и репресивен. Во однос на превентивниот аспект, правилата на постапување се дефинирани во Законот за спречување на перење пари, кој е донесен во 2008 година, а од тогаш до денес бил изменуван неколку пати, рече Мицевски.
Со предложениот закон, како што рече, ќе се утврдат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на институциите во Република Македонија.
Надзорот над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам ќе го вршат Народна банка на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за пошти, Агенција за супервизија на осигурување и комисиите на адвокатите и нотарите.
Мицевски се осврна и на Извештајот на Моneyval комитетот при Советот на Европа каде е констатиран целокупен напредок на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на Репубика Македонија, како на полето на регулативата, така и на полето на нејзина имплементација.
Реџаиљ Исмаили од ДУИ се осврна на членот 19 со кој Царината се обврзува да го пријави секој внес на пари во државата. Укажа на случај со заплена на швајцарски франци на косовски државјанин кој транзитирал од Македонија преку аеродромот во Скопје, а чија сума пари била над дозволената.
– Членот 19 и подзаконските акти треба овие прашања да ги прецизираат и за лица кои ја користат Македонија како транзитна земја, рече Исмаили.
Собранието ги прифати во прво читање и измените на Законот за јавни набавки, кои, како што појасни заменик-министерот за финансии, се направени во консултација со сите релевантни фактори.
– Со измените се регулира механизмот на согласностите кои ги издава Советот за јавни набавки врз основа на досегашното искуство од неговата работа. Продолжуваат и заложбите да се обезбедат фер услови за натпревар за да не се дозволи преку техничките спецификации и условите да се фаворизираат одредени фирми на сметка на конкурентноста. Значи, при изготвување на тендерите добавувачите треба да докажат дека спецификациите можат да ги исполнат повеќе производи од разни производители во земјата и надвор, рече Џаледини.
Тој посочи дека со измените се скратува и времетраењето на рамковниот договор од три на две години со што ќе ги поттикне договорните органи за цело време да знаат за движењето на парите со цел обезбедување на заштеди и рационално користење на инвестираните средства.
Драган Цукрев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека системот за јавни набавки е под лупа на меѓународните институции кои го потврдуваат постојаниот напредок во државата во оваа област. Тој смета дека со предложените измени се вршат подобрувања во системот за јавни набавки особено во објективизирање на негативната референца, улогата на Советот кај анексите на договорите или кај дополнителните работи. Според него дополнителните работи се ограничени на 30 проценти од вредноста на договорот, за разлика од ЕУ каде нивната вредност може да е до 50 проценти.
Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за високо образование со кои се предвидува законска обврска Министерството за образование и наука секоја година да обезбедува преведена и печатена стручна литература – 50 универзитетски учебници кои се применуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа.
– Со измените се создава законска обврска секоја година Министерството во соработка со Универзитетот, најдоцна до 15 септември да се усвојува листата од по 50 учебници, кои што ќе бидат употребувани и соодветно на тоа студентите во Македонија ќе добијат учебници со кои ќе го надоградуваат своето знаење како и студентите од најреномираните светски универзитети, образложи заменик-министерот за образоване Спиро Ристовски.
Беким Фазлиу од ДПА реплицираше на квалитетот на преводите на овие книги на албански јазик кој, според него не е на потребното ниво. Поради тоа, смета Фазлиу, Министерството треба да ги повлече.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со проектот кој започна во 2009 година досега се издадени 886 книги. Проектот опфаќа и 400 книги на албански јазик кои ќе ги користат студентите од албанска националност.
– Со ова уште еднаш се потенцираат приоритетите на Владата за висок квалитет на сите нивоа на образование. Како никогаш досега, пред идните академски граѓани се нудат нови видици и знаења од актуелната светска наука во сите области – медицина, земјоделство, право, економија, информатика и друго, рече Ласовска.
Законските измени ги поддржа и ДУИ чии пратеници сметаат дека тие ќе придонесат за подобар квалитет во образованието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.