| четврток, 6 декември 2018 |

Шкотланѓаните и Англичаните во европски пинг-понг

scotlandflag_2149916b

Лондон ја заплашува Шкотска дека ќе биде екскомуницирана од ЕУ против своја волја.
На новиот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер, Шкотска не му паѓаше на ум кога рече дека ЕУ нема да прима нови членки следните пет години, но за противниците на шкотската независност оваа изјава беше добредојдена.

Помалку од 60 дена пред референдумот, процентот на тие кои ќе гласаат за независност се искачи од 39 на 41 отсто, но и бројот на тие кои се против отцепување од Велика Британија исто така порасна од 44 на 46 отсто. Бројот на неодлучните се намали на 13 отсто, а многу неопределени би сакале Шкотска да остане во ЕУ, дури иако Велика Британија одлучи да излезе од неа. Од решението на оваа слагалка може да зависи резултатот од септемврискиот референдум во Шкотска, од кој се плаши и Брисел и Лондон – и Мадрид и Барселона.

Ако за овие два месеца се покрене јавното мнение и Шкотланѓаните гласаат за отцепување, тоа би било добро и за властите во Каталонија кои го предводат тамошното движење за независност од Шпанија и планираат изјаснување за ноември.

Претседателот на каталонската влада Артур Мас отворено призна дека би сакал Шкотска да изгласа независност.

Ако дојде до тоа, Единбург ќе преговара за позицијата на Шкотска во ЕУ, а тоа ќе биде корисно за Каталонија, вели Мас.

Тој не е единствен кој очекува ЕУ да се прилагоди на новите околности ако дојде до отцепување на веќе постоечките членки. Алекс Салмонд, претседател на шкотската влада, веќе со месеци зад главната сцена, со експерти во Брисел се обидува да најде законска рамка според која Шкотска глатко би преминала во ЕУ како независна држава откако во март 2016 година и по еден ден по референдумот го официјализира својот статус.

За тоа има многу соговорници во ЕУ која нема лесно да се откаже од територијата, населението и природните богатства на Шкотска. А нема ни да ја принуди да чека на ред заедно со Србија, Црна Гора, Албанија… држави кои за некои пет години треба да станат членки. Меѓутоа, официјално лидерите во Брисел повеќе пати го пренесоа ставот дека новонастанатите држави ќе мора да поминат низ цел процес за приклучување, исто како и земјите на Балканот.

На противниците на шкотската независност изјавата на Јункер беше добредојдена. Лондон тврди дека ако Шкотска изгласа отцепување, нема да се врати во ЕУ пред 2019 година. Како што тврдат припадниците на движењето Подобро е заедно, така отцепувањето на Шкотска од Велика Британија ќе значи дека таа ја напушта и ЕУ.

Шкотската влада тоа го оценува како заплашување на официјален Лондон. Иронијата е поголема што во британската престолнина се води кампања за излез на земјата од ЕУ, за што целата држава ќе се изјаснува во 2017 година, ако бидат ториевците на власт.

Залудно портпаролката на Јункер дополнително објасни дека новиот претседател на ЕК воопшто не мислел ни на Шкотска ни на Каталонија кога зборувал за петгодишниот мораториум на проширување. Шкотска, тврди таа, е целосно одвоено прашање. Како што додаде, Шкотска е внатрешна работа на Обединетото Кралство и Брисел ќе ги почитува резултатите од шкотскиот референдум. Што и да значи тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top