Уринарните инфекции кои воглавно се предизвикани од Ешерихија Коли, на лето се зачестени. Главните „виновници” се недоволна облека во климатизирани простории, мокри костими за капење, микроорганизмите од базените.
Капењето во базени и води кои не се проверени, како и долготрајно носење на влажи костими за капење и недоволната облека во климатизирани простории, потпомагаат во размножување на бактериите во уринарниот тракт. Затоа уринарните инфекции се многу чести за време на летото.
Ешерихија коли е причина за речиси 40 отсто од уринарните инфекции кои најчесто ги погодуваат жените. Кога оваа бактерија ќе се најде во уинарниот тракт, во брзо време се јавуваат типичните симптоми: зачестено и болно мокрење, заматена или урина со крв и пецкање во долниот дел на стомакот и грбот.
Инфекциите на уринарниот тракт обично настануваат од бактерии кои потекнуваат од дебелото црево и кои нормално се наоѓаат на кожата во пределот на анусот до вагиналниот отвор.
Некои инфекции кај жените се предизвикани од бактерии кои потекнуваат од вагината и кои се наоѓаат на кожата околу отворот на мочниот канал.
Во нормални ситуации, бактериите кои доспеваат во бешиката се елиминираат при мокрењето.
Меѓутоа, слузницата кај некои жени е подложна на врзување на бактериите, за што придонесуваат и лошите навики како долготрајно носење на влажни костими за капење и лесна облека во променливи климатски околности.
За да се заштитиме, важно е да внесуваме доволно течност, најдобро вода, од литар ипол до два дневно.
Исто така, важно е и редовно празнење на бешиката во текот на денот за да се намали времето на престој на бактериите во бешиката и да се спречи нивното размножување.
Мокрењето се препорачува и веднаш по сексуалниот однос, а влажниот костим за капење е најдобро да се смени веднаш по капењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



