Во Македонија во последните 30 дена е регистрирана појава на седум случаи кај кои лабораториски е потврдено присуство на бактеријата листерија од кои три завршиле со смртен исход. Пет од пријавените случаи се со дијагноза листериозен менингитис или менинго енцефалитис, а две новородени деца се со дијагноза листериозна сепса.
Како што информира Министерството за здравство, еден од починатите е на возраст од 72 години, вториот случај на 59 години и едно новородено дете.
Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, димена риба и друго. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип.
Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови). Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зглобови и сл.
По добиените информации од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Комисијата за заразни болести во присуство на министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска во доцните попладневни часови одржа состанок, кој е трет по ред во изминатите 4 дена со цел разгледување на состојбата и донесување предлог мерки.
Центрите за јавно здравје направија теренски проширени епидемиолошки истражувања кај сите случаи со листериоза, посебно во однос на консумација на видовите храна во претходниот месец пред појава на симптомите.
Комисијата ја задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да изврши вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна со земање на мостри за анализа. За време на викендот и во текот на денешниот ден се земени 10 мостри од оператори со храна од месната индустрија и се доставени за анализа во ИЈЗ и Факултетот за ветеринарна медицина, а акцијата продолжува до крајот на неделата.
Исто така, АХВ е задолжена да изврши вонредни контроли на сите зелени пазари и при тоа секој вид на храна кој се чува во несоодветни услови да биде одземен. Акцијата е во тек.
ДСЗИ се задолжија да направат контрола над безбедноста на млекото наменето за доенчиња на одделенијата за неонатологија и педијатриски одделенија со земање на мостри за анализа. Во тек на денешниот ден се земени 10 мостри од млеко за доенчиња, кои се доставени за анализа во ИЈЗ и Факултетот за ветеринарна медицина. Акцијата продолжува до крајот на неделата.
По насока на Комисијата, земените мостри од надзорите паралелно се проверуваат во ИЈЗ и Факултетот за ветеринарна медицина. На ДСЗИ и е наложено да поведе прекршочни постапки согласно закон против сите микробиолошки лаборатории, кои изолирале, а не пријавиле изолат на листерија.
Од Комисијата и препорачуваат на популација дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна, бидејќи летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести, кои се пренесуваат преку храна. Затоа, велат, неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.
Од граѓаните се бара да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Да не се остава подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, односно подготвената храна да се става во фрижидер веднаш по користењето, каде препорачливо е да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш. Свежиот зеленчук, овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење.
Во летен период се препорачува избегнување на лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца, како и да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сме сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.
Кај бремените жени, лица со хронични болести, лица со намален имунитет, лица над 65 години и мали деца, потребно е поголемо внимание при консумација на храна во летниот период. Освен почитувањето на општите превентивни мерки, наменети за целото население, овие лица треба да избегнуваат користење непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења, намази и сл. да избегнуваат консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи, претходно подготвени овошни и салати од зеленчук (термички необработени), консумирање сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или недоволно термички обработени јајца. За овие лица се препорачува користење на свежо приготвена храна во домашни услови.
Според податоци од ИЈЗ, во текот на 2013 година бактеријата е изолирана кај три мостри од храна, но нема пријавено заболени лица. Во 2014 година (до јуни) уште во три мостри од храна е изолирана оваа бактерија, при што само во последниот месец се пријавени седум случаи на лица заболени со листериоза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во Србија уапсени луѓе заради продажба на 31 тон расипано месо од Бразил
-
Полицаец се заканувал со пиштол во месарница, не му се допаднало месото
-
Компании од Бразил добиле забрана за извоз на месо во Македонија поради небезбедно месо
-
Во 398 контроли на месарници уништени 414 килограми небезбедно месо