Американската војска уште од 1959 година планирала да инсталира воена база на Месечината која би ја користела за надзор во шпионски и комуникациски цели, покажува тајниот документ „Проект Хоризон“ кој од неделата е достапен за јавноста. Документот кој содржи 100 страници е декласифициран на 45 годишнината од слетувањето на Аполо 11 на Месечината, но во момент кога односите меѓу САД и Русија го достигнуваат најниското ниво од завршувањето на Студената војна.
Во текот на Студената војна Русите долго време биле во предност. Во 1957 година први го лансираа сателитот Спутник 1, а месец дена подоцна и Спутник 2 со кучето Лајка, прво живо суштество испратено од Земјата во вселаната.
Првиот човек во вселената во 1961 година беше космонаутот Јури Гагарин, а во 1963 година во вселената отпатува и првата жена Валентина Терјешкова.
Сепак, претседателот Џон Ф. Кенеди во својот говор од 1962 година вети дека првиот човек на Месечината ќе биде Американец. ДОдека американските астронаути и руските космонаути јавно се натпреваруваа кој прв ќе стигне до Месечината, друга трка се случувала во најстрога тајност. Проектот Хоризон открива планови за воспоставување американска воена база на Месечината која би била користена за развој на техники за надзор на Земјата и вселената.
Американската војска планирала да воспостави бази во шест фази од кои првата би почнала во 1964 година, а последната во 1969 година кога Месечевата база би станала оперативна. Замислата била исто така во склоп на воениот состав на Месечината да можат да се извршуваат напади не само на поедини мети на Земјата туку и во вселената.
Објавените документи откриваат и дека американската војска имала намера да ги истражи последиците од експлозија на атомска бомба на Месечината или во нејзина близина. Интересно е дека во една од тие студии во 1959 година бил вклучен и астрономот Карл Саган кој тогаш бил млада ѕвезда во подем. Студијата ја водел Леонард Рајфел од Воениот истражувачки институт во Илиноис кој многу години подоцна признал дека главната интенција била да со експлозија во близина на Месечината „целиот свет да се воодушевува на американската сила и моќ“.
Тој проект е напуштен откако неговото раководство сфатило дека ризиците ги надминуваат бенефитите. Иако многу цели во склоп на проектот Хоризон никогаш не биле остварени, некои од идеите се реализирани во поинаков облик. Така, американската вселенска тајна служба НРО создала моќна мрежа на сателити кои го следат целиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


