| четврток, 6 декември 2018 |

Путин повика да не се даваат избрзани заклучоци за падот на авионот во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со британскиот премиер Дејвид Камерон истакна дека е многу важно воздржувањето од давање избрзани заклучоци и политизирани изјави за околностите на трагедијата со малезискиот патнички авион во источна Украина, додека не заврши меѓународната истрага, соопшти во неделата навечер Кремљ.
Путин истакнал дека Русија е заинтересирана и подготвена да продолжи да укажува помош во организација и спроведување на темелна меѓународна истрага на Меѓународната агенција за цивилно воздухопловство (ICAO) за сите околности за падот на малезискиот патнички авион во областа на Донецк, контролирана од проруските бунтовници во источна Украина.
„Додека (истрагата) не заврши, важно е воздржување од какви и да се избрзани заклучоци и политизирани изјави“, се додава во соопштението на кабинетот на рускиот претседател.
Изразувајќи му сочувство на премиерот Камерон за загинувањето на британските државјани, Путин потцртал дека главната причина за трагедијата во којашто во четвртокот загинаа 298 луѓе на летот МН17 до Амстердам до Куала Лумпур, се судирите во Украина.
„Владимир Путин истакна дека главната причина за оваа трагедија, е вооружениот конфликт во Украина, вклучително и во областа на падот на авионот. Од руска страна е изразена заинтересираност и подготвеност за продолжување на давањето на неопходната помош во организирањето и спроведувањето на сеопфатна меѓународна истрага на ICAO за сите околности на катастрофата“, се вели во соопштението.
Се додава и дека соговорниците се согласиле дека решавањето на конфликтот во Украина е можно единствено преку мирни средства и дека само таков пристап за надминување на кризата треба да ја има поддршката на меѓународната заедница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top