Се готват нови услови за пензионирање, наместо досегашните 62 години за жена и 64 години за маж, старосната граница за пензионирање ќе се промени со 63 и 65 години, односно за една година повеќе од сегашните услови за остварување на ова право, пишува Утрински весник.
Според информациите на весникот, Предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, доаѓа од Министерството за труд и социјална политика.
„Утрински весник“, повикувајќи се на извори од Владата, пишува дека зголемувањето на старосната граница за пензија набргу ќе се најде и на дневен ред пред министрите и премиерот.
Никој со сигурност не кажува кои се причината што државата сега игра на картата на зголемување на годините на староста за пензионирање, а тоа не го направи, на пример, ниту кога владееше економската криза. Но, според сегашната состојба на пензиската каса, но и онаа што со години се провлекува, повеќе од сигурно е дека финансиската состојба во пензискиот фонд станува се’ повеќе неодржлива, се вели во текстот.
Финансиската зависност на пензиската каса од државниот буџет од година во година се зголемува, особено по секое зголемување на висината на пензиите. А таа не може да оди во недоглед, па очигледно се наметнува потребата да се зголемат годините за пензионирање или да се бараат други извори на финансирање.
Според сегашната состојба од пензиската каса се исплаќа пензија на околу 280.000 пензионери.
Поранешниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Беким Незири, кој сега е актуелен министер за економија, додека беше на претходната функција велеше дека државата прави се само да не дојде до зголемување на годините за пензионирање. Тој дури имаше идеја по примерот на турскиот пензиски фонд да отвори пензиска банка која колку-толку финансиски ќе ја помага пензиската каса.
Пред точно една година, беше пуштена информација дека се подготвува пензионирање со собирање на годините на стаж и старост, но тоа не се случи. Тогаш се зборуваше дека во пензија жените ќе заминат ако вкупниот број на години и на стаж и возраст ја надминат границата од 80 години, а за мажите над 90 години. Дали зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија и овој пат ќе биде само пробен балон, останува да се види, пишува „Утрински“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството
-
Измени во Законот за минимална плата
-
Данев: Изборен закон не се носи без консултации со опозицијата
-
Пред суспензија 100 косовски полицајци, покрај платата земале и инвалидски пензии како борци на ОВК