„Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.“
Можеби воведот ќе ви звучи неумесно и чудно, но овие антологиски стихови на Ацо Шопов, омилени и на неколкумина команданти на УЧК, очигледно, не допреле до Андонис Самарас. Не за друго, оти се дел од творештвото на еден непостоен народ, кој творел на непостоен јазик. Но, кога би ги прочитал, па макар и не признавајќи го овој наш „непостоен“ јазик, грчкиот премиер би сфатил како се решаваат проблемите, барем во светската дипломатија. Но, за негова жал, нели, тој никогаш не стапил во контакт со „непостојната“ поезија на непостојниот јазик, па наместо да премолчи и со тоа да ја продолжи познатата и делотворна грчка игра на, наводна, лажна и декларативна конструктивност во спорот со северниот сосед, Самарас не издржа и си го кажа својот толку потиснуван, ригиден и шовинистички став. Иако тој јавно ги презентираше сопствениот недостиг од демократски капацитет и неможноста за прифаќање на различностите, т.е. основата на модерното европско општество, за наша жал, никој од доблесните Европејци не го искара.
Наспроти тоа, тој среде Стразбур, ставајќи се во улогата на лик од Илијадата, се поведе по офанзивната епика на нивниот Хомер, не можејќи или не сакајќи да сфати дека самиот си создаде и си внесе тројански коњ во сопствените редови, чин кој ја покажа вистинската мака и лице на Атина. Но, тоа би имало вистински ефект и би имало резултат само кога ЕУ би била еднаква кон сите, а не каква што е – елитистичка компанија која ги восприема и почитува единствено желбите и потребите на своите членки, небаре тие што не се таму се недоветни, третокласни општества и нации.
Самарас не успеа да го закопа својот национализам во длабоката дипломатска тишина иако прашањето веќе неколку децении го притиска и пече, туку, едноставно, не издржа и мораше да го рече. Наспроти фактот што Хомер бил слеп, ама барем знаел да пишува, вистинскиот проблем е што токму Европејците, чиј секој втор збор е поврзан со наводно почитување на какви ли не вредности, одглумија и кажаното ниту го слушнаа, ниту го видоа, ниту го прокоментираа – небаре ништо и не се случило во Стразбур, европската Мека на човековите права и слободи. Стариот континент остана глув и слеп за лидер на нација, кој јасно поттикна нетолеранција кон разликите и целата своја кариера егзистира само благодарение на манипулирачки, националистички изјави, буквално играјќи си со идентитетот на една нација. Европската „реакција“ личеше на сликата на трите митски мајмунчиња, кои не гледаат, не слушаат и не зборуваат.
Во основа, македонските челници воопшто не се изненадени од изјавата на Самарас, велат би биле кога би кажал нешто позитивно. Ваквите ставови, пак, секогаш се очекувани од креаторот на проблемот со името. Сепак, коментарите на дел од нашите политичари беа дека доколку се работеше за кој било премиер на која било земја-членка на ЕУ, кој би кажал вакво нешто за јазикот на која било друга држава во ЕУ, тоа ќе беше и последното кажано во неговата политичка кариера. Вака, елитистичкиот клуб ќе ја тера својата политика, ние ќе продолжиме да тропаме на нивните порти, а тие ќе продолжат да ламентираат за почитувањето на вредностите, истовремено условувајќи не со името, фризирано со мартовскиот, рамковниот или кој и да е следен наметнат договор.
Грција ја откри Америка, а ЕУ и САД го глумеа Хомер
Самарас кажа и никому ништо, освен во Македонија. Чуварите на вредностите од ЕУ воопшто не ги заинтригира непризнавањето на еден европски јазик. Реакциите дојдоа само до нашата земја. Прв им врати поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски. Му порача на Самарас да оди во Лерин и Костур и самиот да се увери во постоењето на македонскиот јазик. Милошоски го смести Самарас токму каде што треба – во 19 век, времето на романтизмот и негирањето јазици и народи.
– Решение што тој го замислува, може да биде тотално понижувачко за нашата држава каде што ќе инсистира не само на промена на уставното име, туку на измена и на целиот идентитет поврзан со јазикот, нацијата и со културните особености – изјави потпретседателот на Собранието.
За иронијата да биде поголема, единствената реакција за кажаното од Самарас на земја од ЕУ дојде токму од Грција, и тоа во вид на небулозна контрареакција на неговата гласноговорничка Софија Вултепси, која го надмина и својот шеф и успеа да ја „открие Америка“ со сознанието дека Милошоски со својата изјава прејудицирал дека во нивната земја имало и македонско малцинство?! Замислете…
– Значи, според Милошоски, освен „македонски јазик“ има и „македонско малцинство“. А, тоа ја прави позицијата на неговата земја уште потешка – изјави Вултепси дополнувајќи го ултранационалистичкиот исказ на грчкиот премиер со нова закана, воедно разобличувајќи ја целата прикаска околу нивното противење за нашето уставно име. Имајќи предвид дека ова е, најверојатно, единствената земја во светот што нема малцинство на својата територија и признава само Грци муслимани, кажаното е само дел од грчката безобразна прикаска, која опстојува благодарение на толеранцијата на ЕУ и на САД.
Повеќе пати ООН и нејзините емисари ја предупредуваа Атина за состојбите на ова поле, но, како и со сѐ друго, „лошото дете“ во семејството на НАТО и на ЕУ не реагираше на забелешките и си продолжи по свое. Во улога на инстант-лингвист, госпоѓата Софија Вултепси ни објасни дека „јазик со словенско потекло и конструкција никогаш не може да се нарече македонски“?! А, Софија, пак, значи мудрост. Кумот, очигледно, утнал.
Со секој кажан збор, Грција сѐ повеќе и повеќе се заглавуваше во сопствениот шовинизам откривајќи ги сѐ појасно сопствената болка и цел – непреболената желба за ексклузивно право на зборот Македонија и на сите деривати од него. Останува прашањето кога светот ќе сфати каде лежи проблемот со името или, подобро кажано, кога меѓународната заедница ќе престане да ги толерира грчките флагрантни кршења на човековите права, како и на меѓународното право. Зајакот, според аналитичарите, за НАТО лежи во грчката геостратегиска позиција, која е меѓникот на Европа и на Азија, но и на Африка, а за ЕУ лежи во фактот наречен евро, кое вртоглаво паѓа со секој наплив и споменување на грчката економска криза. Во целата прикаска, Македонија, очигледно, ја има улогата на колатерална штета… Бадијала беше и острата реакција на македонското МНР за изјавата на Самарас. За зголемување на грчката болка, македонскиот јазик е реалност официјално препознаена дури и во Атина, како од периодот пред и меѓу светските војни, така и во рамки на третата конференција за стандардизација на географски имиња, одржана во Атина во 1977 година.
И покрај сѐ, никој никаде на Западот не кажа ништо за конкретната и јавна негација на идентитетот на еден народ. За жал, или, пак, за среќа, во оваа прикаска нема нафта.
Милошоски: Македонскиот јазик ќе го надживее национализмот на Самарас
Човекот што доби остра и префидна реакција од официјална Атина за осудата на изјавата на Самарас, за „Република“ вели дека тоа е „нормална“, хистерична реакција на Атина на темата поврзана со етнојазичните малцинства во Грција. Антонио Милошоски топло му препорача на Андонис Самарас три книги од грчки автори, посветени токму на македонскиот јазик.
Милошоски: Кога станува збор за малцинските прашања и за нивните права, Грција е болната членка на Европската унија. Поради својата митологија, која е преточена во образовниот систем, и поради грчкото свето „двојство“, кое се базира на постулатите за чиста нација и непрекинат концепт на хелинизмот од антиката до денес, официјална Атина секогаш реагира хистерично на темата за етнојазичните малцинства во Грција. Во тој контекст треба да се гледа и на негаторската изјава на грчкиот премиер Самарас за македонскиот јазик, кој, иако не признава, добро знае дека во неговата земја постои и турско, и албанско, и македонско, и влашко малцинство. Јас како студент сум бил во неколку грчки села во егејскиот дел и со месното население сум зборувал и сум пеел народни песни на нашиот убав македонски јазик, но за тие теми и за тие луѓе Атина има „перде“ на двете очи.
И покрај тоа што Грција е членка на ЕУ, Турција, Србија, Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора имаат неспоредливо подобро досие, норма и практика за малцинските права во однос на Грција.
Милошоски: Грција е пример како не треба, а не како треба една држава да се грижи и да ги заштитува правата на своите етнојазични малцинства.
Целиот свет знае за пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што јас имав обврска и чест да ја застапувам Македонија против Грција, но, сепак, официјална Атина и за таа работа се прави како пресудата да не постои. Таков е грчкиот националистички софтвер, „гледам што ми одговара, мижам пред тоа што не ми одговара“. Но, и на таквата политика, малку по малку, ќе ѝ дојде крајот бидејќи грчкото општество мора да се соочи со големи, значајни и важни реформи во државата доколку сака да напредува и да си го поврати загубениот углед во рамките на ЕУ.
Инаку, за летниот одмор на господинот Самарас би му препорачал три читливи книги:
првата – „Забранетиот јазик“ од Тасос Костопулос (на грчки „I Apogogevmeni Glossa“),
втората – „Полиња жито, ридишта крв“ од Анастасија Каракасиду, и
третата – „Грчко-македонски речник“ од Васко Караџа.И за крај, во едно сум сигурен, македонскиот јазик ќе ја надживее националистичката реторика на Самарас.
Русјаков: Ова е доказ дека ЕУ нема да мрдне со прст за нас
За режисерот и колумнист Александар Русјаков, случувањата во Стразбур се само уште еден доказ дека не треба да очекуваме ништо од Брисел. За него ова е само најава за продолжението на психичкиот и политичкиот терор врз Македонците.
Русјаков: Јас не знам што уште треба да направат Самарас, Папуљас, Венизелос и целата таа наци-банда за на одредени личности во земјава да им стане јасно дека нашиот идентитет е во прашање, дека треба сами да се укинеме по нивни фашизоиден ќеф. Почнувајќи од психопатските песни на грчките војници, кои ги пееле и во 1913 години, па сѐ до овој последен фацијално моронски настап на Самарас, сè од грчка страна е нездраво, нехумано, нецивилизациски, а од нас се бара да бидеме фини и да разговараме со нивните сеништа од 19 век. А сето тоа ќе продолжи како психички и политички терор врз нас. Тоа ни го кажа и телешкиот израз на лицето на оној бирократ од ЕУ, Шулц, во чие присуство се ништеше македонскиот јазик, еден признат официјален јазик, а ова ни докажува дека Европската унија со прст нема да мрдне за да им укаже на грчките шовинисти дека длабоко се заглавени во својот фашизам. Напротив. ЕУ веќе вдоми фашисти во својот парламент.
Грчки угостител го демантираше Самарас
На изјавата на Самарас остро реагираа и од Обединетата македонска дијаспора. И тие, како и останатите, побараа ЕУ да ја прекине оваа фарса и да не молчи пред овој недемократски чин на грчкиот премиер. Тие се повикаа на истражувањето на Гркинката Евгенија Натсулиду, која беше и претставник на ОМД во Грција. Таа испрати петиција за заштита на македонскиот јазик и култура токму до Самарас.
„Популацијата во Грција која го зборува македонскиот јазик е од автохтоно потекло во земјата и нивниот македонски јазик има витално место во нивните срца и умови. Сепак, луѓето не можат да се бранат од асимилациската политика на грчката влада. За повеќе од 100 години, грчкиот јазик беше насилно наметнат и државата се обиде да го донесе лингвистичкото наследство до изумирање”, стоеше во петицијата на Натсулиду адресирана до Андонис Самарас.
Сепак, најдобриот и најоригинален демант на грчкиот премиер пристигна од еден неименуван грчки угостител. Кафеанџијата на своето мени, привлекувајќи ги туристите во својата таверна, напиша дека таму се зборува руски, бугарски, македонски и српски јазик. За голема жал на Самарас, грчкиот народ го интересираат економијата и добросостојбата, димензии во кои национализмот и шовинизмот се непосакувана особина… Овојпат гирото го победи Самарас.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.