| четврток, 6 декември 2018 |

Институт за подготовка на млади лидери – можност за развој и надградување на политичката зрелост

Извршниот директор на Институт за подготовка на глобални лидери, Ангела Велкова, вели дека една од најголемите цели како организатори и домаќини е претставување на Македонија во најубаво светло.

photo

Од каде идејата за формирање на Институтот?

Велкова: Идејата за Институтот дојде неочекувано, иако на нејзиното создавање претходеа серија настани кои допринесоа за реализацијата на истата. Во летото 2011, како дел од македонска делегација, јас и сегашната Претседателка на Институтот- Ивана Стојаноска, учествувавме на американска летна програма во Прага, Чешка. Тоа што го добивме како знаење, контакти, и мотивација во Прага, веднаш не поттикна за поинтензивно ангажирање и допринос во младинскиот развој дома. Една од најсреќните околности беше што имавме можност да учиме и оствариме лично пријателство со проф. Сем Потоликио од Џорџтаун Универзитет кој е еден од најврвните експерти во политичко лидерство на светско ниво. Имено, тој работи како предавач во Американскиот Конгрес, почесен професор на Руската претседателска академија, како и личен советник на многу влади, премиери, претседатели, и монарси во Источна Европа, (Централна) Азија и Блискиот Исток. Потоликио неодамна беше избран за еден од најдобрите професори во Америка според Принстон, а во јавноста е споредуван со Американски претседатели поради, како што за него се вели, поседувањето на изгледот на Кенеди, харизмата на Реган, меморијата на Клинтон, и ораторството на Обама. По неговата посета во Македонија во есента 2011, тројцата спонтано дојдовме до заклучок дека ниту Македонија ниту регионот нема лидерска школа од глобален карактер која не само што ќе ги обучува наредните генерации на светски лидери, туку и ќе ги претстави исклучителните убавини на земјава кои заслужуваат поголема меѓународна промоција. Иако во почетокот бевме скептични со Ивана за отпочнување на еден ваков доста амбициозен проект, на проф. Потоликио не му требаше многу време за да ни влее самодоверба, а со тоа и втурне во едно прекрасно животно искуство наречено Институт за подготовка на светски лидери. Оваа година го организираме третото годишно издание со млади лидери кои доаѓаат од близу 40 различни земји и буквално од сите континенти на светот; токму во Македонија, земја која веќе се врзува како синоним за отскочна даска на слични иновативни проекти инспирирани од учеството на ИПГЛ.

602379_10201956169765253_728796306_n

Каква е програмата за предавањата на ИПГЛ оваа година?

Велкова: ИПГЛ се разликува од останатите лидерски програми поради интерактивниот карактер на Институтот кој предвидува: оддржување јавен говор, симулација на политичка кампања, дипломатско претставување, бон-тон и упатување на здравица, меѓународна презентација на земјата на потекло, како и завршната парламентарна симулација во која се дебатира, преговара, лобира, презентира, и заеднички изработува вистинско-применливи резолуции, сето тоа пропратено со висок степен на политичка зрелост и култура. Дополнително, учесниците слушаат за Лидерство на 21 век, како да се биде харизматичен, како да се води на глобално ниво, како се креираат следбеници и мултиплицираат лидери, како да се развие општествениот ум и останати предавања на проф. Потоликио кои веќе се реализирани во над 100 земји во светот. Дополнително, се спроведува и индивидуална психолошка анализа на сите учесници со цел откривање на нивниот лидерски потенцијал и полиња на кои треба да се поработи за дополнителен развој предводени од страна на Директорот на Одделот за псхихологија на Оксфорд Универзитет, проф. Брендон Торнхил- Милер. За крај, учесниците ќе имаат можност да слушнат гостински предавања од домашни политичари, еминентни професори, странски амбасадори, бизнис лидери, граѓански активисти и тн. кои ќе можат директно да пренесат дел од своите искуства и совети на нашите учесници.

329174_4242953519465_1651980964_o

Што ќе им покажете од Македонија, ќе бидете во повеќе градови?

Велкова: Една од нашите најголеми цели како организатори и домаќини на ИПГЛ е претставување на Македонија во најубаво светло. Под ова се подразбира целосно доживување на земјата преку искусување на културата, храната, фолклорот, како и посета на нашите највпечатливи знаменитости. Програмата вклучува 10-дневен претстој во Струга за време на кој ќе биде реализирана и еднодневна посета на Охрид и крстарење до Св. Наум, еднодневен претстој во Битола која три години наназад е домаќин на Културната ноќ каде претставени се културите на сите земји учеснички, и завршен три дневен претстој во Скопје за време на кој се посетува Матка, прошетка низ Центарот и Старата скопска чаршија, а се надеваме од ова година ќе се обезбеди време и за посета на Водно со жичарницата до Милениумскиот крст.

 Што значи еден ваков Институт за Македонија како земја?

Велкова: Значењето на Институтот за земјата домаќин веќе може и да се измери меѓутоа, за жал, сеуште недостасува поголемо признание од дома кое за нас ќе значи и мотив повеќе да продолжиме кон поголеми успеси. Имено, Македонија е една од четирите земји домаќини на ПГЛ програмите чиј основач и претседател е проф. Сем Потоликио, а домаќини, покрај Македонија, се Америка, Русија и Јордан, а во зародиш е и нова сестринска програма во Јапонија. Со самото тоа што Македонија е во група на политичко-економско најмоќните држави во светот отвара поле за интензивирање и на билатералните односи, барем во поглед на едукатицните програми, и на долгорочен план. Инаку, мора да се спомене дека ИПГЛ и организаторот Трет Милениум- Скопје се сметаат за Европско претставништво и центар на ПГЛ програмите кои исто така се задолжени и за реализација на кратки ПГЛ семинари во Италија, Франција, Словенија и регионот. Самото тоа што од сите Европски држави токму Македонија е избрана за координирање со престижни ПГЛ програми, зборува за значењето кое Институтот директно и го дава на државата домаќин. Доколку на ова додадеме и дека, во изминатите две заедно со оваа година, 200 млади лидери од повеќе од 60 различни земји се едуцирале во Македонија од кои голем дел ќе бидат идни носители на највисоки државни функции во своите земји и региони, неминовно зборува и за долгорочното значење кое програмата безусловно и’ го дава на државата и за кое сметаме дека е потребна поиздигната свест и признание.

1184845_10201613850295455_365565951_n

Неодамна бевте поканета да оддржете предавање во Соединетите Американски Држави. Што им порачавте на младите таму?

Велкова: На моја огромна чест и на покана на Деканот на Политички Науки- Џорџ Браун и Меѓународното одделение на Универзитетот Слипери Рок каде имав претходно студирано, овојпат се јавив во функција на предавач со цел инспирирање акција меѓу младите на универзитетска возраст. Насоките кои беа споделени всушност беа рефлекција на моите универзитетски години и она што беше постигнато за време на нив. 5-те пораки со кои студентите си заминаа дома се базираат на мој труд вклучен во “Речникот на Успех за 2013” кој е компилација на трудови на најистакнати жени лидерки на светско ниво. Во главно, младите мораат да го искористат потенцијалот, слободното време и енергијата кои доаѓаат заедно со младоста и чиишто интензитети, за жал, опаѓаат со годините поради зголемени работни и семејни обврски. Младоста не смее да се преспие, а со тоа и да не се искористат благодетите кои природно ни се дадени со цел личен и колективен развој, надградување и напредок. Под ова се подразбира активно учество во и реализирање на иновативни студентски иницијативи, граѓански движења, волонтерски акции, меѓународни збиднувања и форуми, културно-уметнички колонии, како и давање придонес кон политики кои особено се однесуваат на младински прашања. Истото мора да биде пропратено и со заложување за лично усовршување во полето кое сме се одлучиле да биде наша идна професија, бидејќи само така ќе бидеме во можност во рамките на своите капацитети и стекнатата експертиза да придонесеме за развој на одделни општествени сегменти, а со тоа и кон сеопшт државен развој на макро ниво. Патот кон истово ќе биде пропратен со многу предизвици, меѓутоа со предизвиците доаѓа и успехот, секако доколку истите бидат перцепирани како можност наместо закана. Она што заедно со тимот на Институтот го искусуваме секојдневно, не учи на истрајност и огромна доза тврдоглавост за да се опстои на идејата во која страствено ги вложуваме сите напори и позитивни мисли за успехот кој претстои. За крај, успехот мора да се мултиплицира на повеќе нивоа затоа што единствено сеопфатен успех во студиите, работата, и семејниот живот ќе придонесат кон креирање на среќни општества каде прогресот и просперитетот ќе бидат неминовни.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top