Двајца браќа што подолго време биле на дијализа, пред два дена добиле нови бубрези на Клиниката за урологија каде што им била направена трансплантација од дарител со мозочна смрт. Проф.д-р Аспазија Софијанова, национален координатор за трансплантација, објасни дека годинава ова е трета по ред кадаверична трансплантација, а вкупно шест пациенти добиле нови бубрези. Таа рече дека браќата, родени во 1985 и 1987 година, одлично ги прифатиле новите органи.
-Целата постапка траеше повеќе часови, односно вадењето на органите од дарителот почна во 15 часот, а последната трансплантација заврши ноќта на полноќ. Пациентите добро закрепнуваат, и за неколку дена ќе ги пуштиме дома- вели проф. д-р Михаил Пенев, директор на Клиниката за урологија.
Д-р Александар Шиколе, директор на Клиниката за нефрологија, објасни дека еден од пациентите кому му беше пресаден бубрег бил повеќе од пет години на дијализа, а вториот околу 2,5 години.
-По селекцијата на можните кандидати, ги одбравме оние што најдобро им одговараа органите и оние што се во најдобра здравствена состојба да ја поднесат трансплантацијата. По трансплантацијата и од жив донор и од кадавер примателите на органи до крајот на животот треба да примаат терапија со имуносупресори под наш надзор- рече д-р Шиколе.
Во моментов во земјава 1.300 лица се на дијализа, а 250 се ставени на листата за чекање за трансплантација. Д-р Шиколе објасни дека дел од бубрежно болните што се на дијализа, поради други здравствени проблеми не може да бидат кандидати за трансплантација, а оти мал дел од нив одбиваат да се најдат на оваа листа.
-До крајот на годината, листата за трансплантација треба да се прошири на 400, односно да се направи типизација на уште 150 пациенти, а понатаму уште да се проширува. Годишно имаме околу 170 нови бубрежно болни на кои им е неопходна дијализа или нов орган, но со оглед на смртноста кај оваа група болни, вкупната бројка годишно се зголемува за 70-ина нови пациенти- рече д-р Шиколе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Отишла на преглед на бубрези, а докторката открила чудо кое и го променило животот
-
Запомнете, ова ви ги уништува бубрезите
-
Шиколе: Со новиот клинички центар ќе бидеме во состојба на пациентите да им пружиме врвна нега
-
Клиника за детски болести: Нов оддел на неонатологија за лекување тешки болести кај деца


