Истражувањата на американските научници од Универзитетот во Калифорнија и Универзитетот „Јејл“ покажаа дека пријателите ги избираме според нивните гени, особено оние кои имаат влијание на нашето однесување и оти сме генетски послични со своите пријатели отколку со странци.
– Изненадува фактот дека пријателите генетски се послични едни со други отколку што сме очекувале и оти по генетските фактори сме како роднини во четврто колено – објасни генетичарот Џејмс Фоулер од Универзитетот во Калифорнија.
Научниците спроведоа истражување на 1932 возрасни лица, анализирајќи милион и пол генетски маркери на странци кои не биле во крвно сродство. Податоците им овозможија да предвидат кој на кого би можел да стане пријател врз основа на сличните генотипи. Резултатите од истражувањата кои се објавени во списанието „Proceeding of the National Academy of Sciences“ покажаа дека со пријателите делиме околу еден отсто од сите гени.
Најчести гени што ги споделуваат пријателите се оние кои одредуваат на кој начин реагираме на мирис, а научниците ги нарекоа „Starbucks efekt“.
– На пример, вам ви се допаѓа мирисот на кафе и ве привлекуваат места од каде што се шири тој. Истиот мирис на исто место ги привлекува и други луѓе, а тие се ваши потенцијални пријатели – објасни Фоулер.
Но, научниците истакнуваат дека односите меѓу пријателите со исти генетски особини можат да го зголемат ефектот на карактерните црти на личноста. Лицето склоно кон алкохол можеби е такво поради генетските фактори, но на таа склоност може да влијаат и пријателите склони кон алкохол.
Научниците заклучија дека генетската структура на човечката популација не резултира само создавање на репродуктивни туку и на пријателски заедници, а Фоулер тврди дека треба да се има на ум дека човечката еволуција на одреден начин е условена од интеракцијата меѓу генот и изборот на пријатели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.