| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерите на ЕУ не се договорија за наследниците на Ештон и на Ромпуј

Шефовите на држави или влади на 28 членки на Европската унија во еден часот утринава без договор го завршија неформалниот состанок на кој главна точка на дневниот ред беше избор на нов висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, како и на нов претседател на Европскиот совет.

Angela-Merkel-Fransoa-Oland

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј, на прес-конференција по специјалниот самит потврди дека „за несреќа, но воопшто не драматично”, договорено е до 30 август да се извршат консултации и да се договори целиот пакет на именувања, во кој освен наследници на неговата позиција и на Кетрин Ештон, ќе се избираат и имиња за претседател на Еврогрупата, како и за некои од поважните комесарски места во Европската комисија.

– Воопшто не преговаравме денеска за имиња. Нам ни треба договор за целиот пакет, оти ако нема договор за целиот пакет, тогаш нема никаков договор. Нема прво една функција да доделиме, па потоа да одлучуваме за други – истакна Ван Ромпуј.

Според дипломатски извори од Европскиот совет, синоќа имало големи несогласувања, пред сѐ од страна на лидерите на Полска и на балтичките земји, за именување на италијанската министерка за надворешни работи, Федерика Могерини, за нова шефица на европската дипломатија. Затоа, сега е договорено земјите-членки, но и главните политички партии во Европа, да договорат кој ќе ги добие високите позиции во Европската унија.

– Минатите недели имав екстензивни комуникации по телефон и на лични средби со сите членки на Советот. Заклучок е дека не сме дојдени до точка каде можеме да донесеме консенсузално решение за целиот пакет на именувања. По консултациите, Европскиот совет ќе ја донесе следната одлука на вонреден самит на 30 август – посочи Ван Ромпуј.

Со оглед на тоа што за избор на наследник на Ештон е потребно квалификувано мнозинство, кое поддржувачите на Могерини го имале синоќа и без Полска и балтичките земји, сепак, со цел зачувување на мирот во европската куќа, договорено е меѓу Италијанката од таборот на социјалистите, но и нејзините противкандидати Кристалина Георгиева од Бугарија и Радослав Сикорски од Полска (и двајцата од Европската народна партија) да се избере еден, кој ќе ја замени англиската баронеса на чело на европската дипломатија на крајот на идниот месец.

Дотогаш, ќе се знае и дали социјалдемократката Хеле Торнинг-Шмит од Данска или Појакот Доналд Туск од ЕПП, ќе го добие местото на Ван Ромпуј на чело на Советот, но и кој ќе го наследи Жером Дајселблум на местото претседател на Еврогрупата и која земја и кандидат ќе ги добијат позициите еврокомесар за енергетика, за трговија, за внатрешен пазар, за економски прашња, за проширување…

Во целиот пакет, кој треба да биде комплетиран до следниот состанок на шефовите на држави или влади на 30 август, не е исклучено да биде вклучено и некое изненадување, како што беа токму Кетрин Ештон и Херман ван Ромпуј при нивниот избор на позициите пред пет години, со оглед на тоа што до изборот тие не беа ниту официјални кандидати, а уште помалку и фаворити да станат висок претставник и потпретседател на Еврокомисијата, односно претседател на Европскиот совет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top