Собраниската Комисија за уставни прашања денеска даде поддршка на владината Предлог одлука за пристапување кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија. Со одлуката матичната Комисија му препорача на Парламентот да пристапи кон промени на Уставот. По усвојување на Предлог одлуката во Парламентот, за што е потребна поддршка со двотретинско мнозинство, Владата треба во рок од десет дена да достави текст со нацрт амандмани.
Со предложените измени на Уставот се бара попрецизно дефинирање на бракот како заедница помеѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од 3 проценти и на јавниот долг од 60 проценти од БДП, промена на називот на Народна банка во Банка на РМ. Со измените се предлага воведување на институтот уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.
– За унапредување на судската власт се дојде до потреба од воведување повисоки европски стандарди. Во таа насока се предлага редефинирање на составот на Судскиот совет на РМ и зголемување членови избрани од редовите на судиите. Со оваа иницијатива редефинирањето се однесува на исклучување на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, од членови во Судскиот совет, и зголемување од 8 на 10 члена на бројот на членови избрани од редовите на судиите, рече министерот за правда Аднан Јашари.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев предложените измени на Уставот треба да се поддржат затоа што се корисни и важни за иднината на Република Македонија. Значајно е, нагласи, прецизирањето на фискалните правила во буџетот со ограничување на дефицитот од 3 проценти од БДП и на јавниот долг до 60 проценти.
– Македонија сега има долг од 40 проценти од БДП и треба да го задржи тоа ниско ниво, рече Ѓорчев, појаснувајќи дека токму тоа ќе овозможи примена на договорот од Мастрихт, а поука треба да бидат големите задолжувања на државите во тек на европската должничка криза.
Ѓорчев смета дека бракот треба да биде заедница исклучиво помеѓу маж и жена, а децата без родители да бидат посвојувани од самохрани родители или исклучиво од заедница на маж и жена. – Во тој дел се работи за многувековна па дури и многумилениумска традиција на овие простори, рече Ѓорчев, посочувајчи дека постојат тенденции за релативизирање на бракот за менување на неговата дефиниција и за менување на Законот во делот на посвојувањето на децата без родители, наведе Ѓорчев.
ДПА ќе гласа против уставните измени во сите фази, затоа што, според пратеникот од оваа партија Имер Алиу, во нив не биле вградени барањата и правата на Албанците. – Албанските приоритети во однос на службената употреба на јазикот, знамето, пропорционалната поделба на буџетот не се дел од уставните измени, рече Алиу, додавајќи дека „ДУИ се става во интерес на Македонците и не го исполнила ветувањето во изборната кампања за уставни измени со кои ќе се бира претседател на државата во Собранието“.
Во реплика, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски укажа оти измените на Уставот се со општо значење за сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било припадност.
– Фактот дека влегуваме со чекор кон измени на Уставот значи воведување нови квалитети и стандарди, врз база на утврдени проблеми и прашања низ искуствата зад нас во текот на функционирање на РМ. Ова се прашања за кои очигледно има широка согласност во смисла на нивната содржина, рече Димовски.
Тој побара од опозицијата да го избегнува принципот со условување едни со други прашања и да се посвети конкретно и содржинско внимание на предлозите. – Јас разбирам дека има сензибилни прашања коишто вашата партија, нашата партија, ДУИ, СДСМ и сите други помали граѓански партии би сакале да ги внесат како агенда, но треба да прифатиме дека треба да го избегнуваме принципот на условување одредени прашања со друго прашање. Апелирам и до вас и до другиот дел од опозицијата многу конкретно и многу содржински да посветите внимание на предлозите, рече Димовски.
Во реплика, исто така на Алиу, и Рафиз Алити од ДУИ нагласи дека измените на Уставот се однесуваат на сите граѓани, а не само на одредена етничка заедница. – Имаме договор со партнерите од коалицијата дека треба да се исполнат и стандардите што се бараат од ЕУ, рече Алити, посочувајќи дека воопшто не се откажале од барањето претседателот на државата да се избира во Собранието.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз смета дека за пристапување кон промени на Уставот се потребни посериозни анализи и споредби со искуства на други држави. Ги поддржува промените во составот на Судскиот совет, но бара сериозни анализи за воведување меѓународни финансиски зони, бидејќи смета оти тоа ќе влијае на имиџот на државата. Тоа не е карактеристика на држави каде владее правото, посочи Трајанов.
Против можноста за воведување финансиски зони со Уставот е и пратеничката Роза Топузовска Каревска, за која е непотребно и менување на името на НБРМ заради евентуалните финансиски импликации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


