
Лидерите на „Брдо-Бриони процесот“ на денешниот состанок во Дубровник донесоа заклучок, Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ.
– Изразивме надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори за Скопје, имајќи ја предвид можноста на паралелни пристапни преговори и завршување на билатералните разлики, се вели во заклучокот од состанокот на осумте претседатели на земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.
Меѓу другото, во заклучоците, јави извесетувачот на МИА, е наведено дека лошата инфраструктурна состојба во регионот е сериозна препрека за економскиот развој и за слободен проток на луѓе, стока и капитал и дека тоа не е само регионална инфраструктура, туку и европска.

Како клучни проекти кои ќе ја зајакнат врската на региoнот со ЕУ во заклучоците се посочени Јадранско-јонската магистрала и железничката пруга Минхен-Истанбул, преку Љубљана-Загреб и Белград, кои се сметаат за европски проекти од сите аспекти на планирање, финансирање и изградба.
Лидерите на „Брдо-Бриони процесот“ заклучија дека треба да се охрабри Европската комисија да ги забрза планирањата на транспортната и енергетската инфраструктура, вклучувајќи го Западен Балкан како интегрален дел на европската мапа.
Во заклучоците, меѓу другото, се наведува дека треба да се поддржат регионалните проекти што се со цел да го отворат јужниот гасовод за пренос на природниот гас, а истовремено тоа ќе претставува безбедносна заштита на регионот.
Состанокот во Дубровник е продолжение на стратешкиот дијалог на лидерите од Југоисточна Европа, кој во овој формат почна во Загреб на 1 јули 2013 година, а продолжи со состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“ со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.
Иницијативата за одржување на неформалната средба на лидерите на Западен Балкан и ЕУ заеднички ја започнаа претседателите на Хрватска и на Словенија, Иво Јосиповиќ и Борут Пахор, со желба, како што е тогаш соопштено, да бидат промотери на натамошното проширување на ЕУ и добрососедските односи во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


