| четврток, 6 декември 2018 |

Заканите на Москва: Ќе платите цена поради ЕУ

eu-x-russia

Русија никогаш не криела што чувствува кон соседите кои се обидуваат да воспостават поцврсти врски со Европската унија.

Поради тоа немаше изненадување кога заменик шефот на руската дипломатија Григориј Карасин рече дека ќе има сериозни последици кога Украина на 27 јуни потпиша договор за воспоставување на поблиски економски врски со Брисел. На истиот ден слични договори за јакнење на економските и политичките врски со ЕУ склучија Грузија и Молдавија. Кремљ на сите можни начини се бореше да го зачува своето влијание во поранешните советски републики, толку многу што постојано лобираше Украина и Грузија да останат надвор од НАТО сојузот, притискајќи ги до таа мера, што поранешниот украински претседател Виктор Јанукович на крај ненадејно се откажа од Договорот за придружување со ЕУ, само неколку дена пред да требаше да се потпише во ноември 2013 година.

Москва, која често користи санкции како метод на заплашување, претходно веќе забрани увоз на минерална вода од Грузија, молдавско вино, па дури и чоколади од Украина кои ги произведува компанија на актуелниот претседател на оваа земја Петро Порошенко.

Сега кога се потпишани историски договори меѓу ЕУ и овие држави, многумина очекуваат уште поостри казни, па да погледнеме кои земји се потенцијални на удар.

Молдавија

Како една од најсиромашните држави во Европа, Молдавија е екстремно чувствителна на кој било вид на економски потреси. Веќе на 2 јули кога пратениците во Кишињев го ратификуваа договорот со ЕУ, Москва соопшти дека ќе почне да го ограничува увозот на месо од Молдавија.

Рестрикциите, кои Русија ги оправда од санитарни причини, го спречија увозот на месни преработки но и на свинско, говедско, коњско и јагнешко месо. Санкциите следеа, веднаш по забраната за увоз на вино во текот на септември, со што е пресечен еден од клучните девизни извори на Молдавија. Русија е инаку трет по големи извозен пазар за Молдавија и тоа веднаш по ЕУ и Украина. Портпаролот на европскиот комесар за трговија, Џон Кленси, изрази жалење поради тие забрани.

Како додаток на трговските забрани, Москва прави се да ја искористи втората чувствителна точка – отцепениот молдавски регион Придњестровље, каде се уште е стационирана 14 руска армија со огромен воен арсенал.

Функционерите на Придњестровље и Русија на 3 јули потпишаа пакет договори за воспоставување на поцврсти врски во областа на економијата, трговијата, транспортот, земјоделството и науката. Овие договори дозволуваат на Москва да го засили своето присуство во Придњестровље, чии граници се дел од јужниот појас кон Украина. Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров се обиде да објасни дека овој договор е неопходен затоа што регионалните и економски услови стануваат се повеќе комплексни.

Налик како еден вид на договор, Кишињев на 4 јули ја укина дозволата на рускиот телевизиски канал Росија 24 и покрена санкции против четири молдавски емитери кои ги реемитуваа програмите на други руски станици.

Молдавскиот совет за телевизија и радио соопшти дека овој чекор го доведува во прашање плурализмот на мислење и информативните програми во Молдавија, а директорот на московското здружение на новинари Павел Гусев тоа го нарече непријателски акт чија цел е да ја изолира руската јазична заедница во Молдавија.

Украина

Повеќе од очигледната загуба на Киев, веројатно повеќе ја боли Москва од се друго останато. Кремљ очајнички се надеваше дека ќе ја стави Украина под старателство на Царинската унија која моментално ја сочинуваат Русија, Белорусија и Казахстан, во обид да создаде еден вид пост-советска противтежа на Европската унија.

Враќајќи го Јанукович минатиот ноември од самиот раб на патот кон ЕУ, Русија потоа сакаше да гледа негово симнување на бранот на мајданските протести. Руската анексија на Крим и поддршката на бруталните судири на истокот на Украина укажуваат на целосна неподготвеност за компромиси.

Руските лидери веќе соопштија дека ќе го суспендираат Договорот за слободна трговија со Украина откако ќе почне соработката на Киев со ЕУ, со што е упатена јасна порака и на Минс и на Астана.

– Наспроти се што се случи, Русија се уште не вовела царини на увоз на стока од Украина – рече заменик шефот на руската царинска служба Татјана Голондејева на 4 јули. Се уште го разгледуваме прашањето за суспензија на Договорот за слободна трговија или негово комплетно укинување.

Истиот ден Русија забрани увоз на голем број на млечни производи од Украина поради наводно микробиолошкото загадување и неисправност. Забраната ги погоди производите од млеко, сирење и путер од украинската компанија Милкиленд.

Сепак, најголемата закана која Русија се уште ја држи во резерва е цената на природниот гас. Украина и Русија се обидуваат да ги завршат преговорите до крајот на летото, но моментално владее ладно расположение.

Гаспром бара украинската Нафтагас да го покрие долгот од 2 милијарди евра за испораките од 2013 година, пред воопшто да почнат договорите. Од друга страна, украинскиот премиер Арсениј Јаценјук рече дека не може да се оди понатаму без гаранции дека цената на гасот за идните договори нема да биде намалена од 485 на 268,5 долари за 1000 кубни метри гас. Директорот на Гаспром Алексеј Милер ставот на Јаценјук го нарече апсурден, ултимативен и неконструктивен. Европската унија која Гаспром ја снабдува преку Украина, би сакала договорот да се склучи пред крајот на летото, а сите три страни очекуваат разговорите да продолжат што побрзо.

Грузија

Врските меѓу Русија и Грузија останаа замрзнати од 2008 година, кога двете земји се судрија во петдневната војна околу отцепувањето на сепаратистичките територии на Абхазија и Јужна Осетија. Откако прогласија самопрокламирана независност, двете области имаат поддршка од Русија, иако Тбилиси и Москва почнаа внимателно да ги обновуваат врските, воспоставувајќи директни контакти меѓу двете влади со разговори за отстранување на бариерите за извоз на вода и други производи од Грузија.

Пред да го потпишат договорот со ЕУ на 27 јуни, грузиските лидери помалку оптимистички се надеваа дека тоа нема да предизвика директни одговори на Русија. Меѓутоа, неколку дена пред потпишувањето, НАТО соопшти дека нема да понуди на Тбилиси формални чекори кон членство во оваа организација, додека некои дипломати во неофицијални разговори беа склони да признаат дека состојбата во Украина сепак предизвикува загриженост поради незадоволството на Москва за некои потези.

Грузиските функционери исто така се надеваат дека договорот со Брисел нема да го доведе во прашање нивниот договор со Русија или другите земји од Заедницата на Независни Држави ЗНД, но тоа во секој случај ќе биде тема на разговори на лидерите на двете држави.

Рускиот министер за надворешни работи ја предупреди Грузија уште во мај дека треба да ги сфати последиците од потпишувањето на договор со Европската унија. Притисоците кои можат да се очекуваат би донеле обновување на забрана за извозни производи, моментално а и на подолги патеки, грузиска зависност од рускиот гас, но и можност Русија во стил на анексијата на Крим да се обиде да преземе нешто слично и со Јужна Осетија.

Радио Слободна Европа – Прага

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top