| четврток, 6 декември 2018 |

Нема интерес за инаугурацијата на Обама

obamaМеѓу 600.000 и 800.000 луѓе се очекува на 21 јануари да се соберат во центарот на Вашингтон, на просторот меѓу Конгресот и Белата куќа, да ја проследат втората инаугурација на Обама. Интересот е намален во однос на првата инаугурација во 2009 година, кога над еден и пол милион луѓе присуствуваа на историската прва инаугурација на афроамериканец за претседател на САД.

– Не очекувам да се собере ист број на луѓе како минатиот пат, сепак тогаш Обама за првпат ја презема функцијата. Но, да видиме -изјавил еден од минувачите пред Белата куќа, каде интензивно се поставуваат платформите за следење на инаугуралната парада.

Во хотелите во Вашингтон се уште може да се најде доволен број на празни места. Во 2009 година хотелските соби беа распродадени.

– Дефинитивно има доволно соби на располагање. И ВИП пакетите се продаваат послабо од минатиот пат – изјавува Кејт Гибс од туристичка агенција во Вашингтон.

Инаугурацијата ќе биде на 21 јануари, иако Уставот предвидува таа да се одржи на 20-ти, поради традицијата претседателот да биде инаугуриран во работен ден. Според Уставот, претседателот Обама заклетвата првин ќе ја даде на 20 јануари во Белата куќа, пред претседателот на Врховниот суд, судијата Џон Робертс, додека потпретседателот Џо Бајден ќе се заколне пред судијката Соња Сотомајор. Но, бидејќи 20 јануари се паѓа во недела, Обама ќе мора заклетвата да ја повтори уште еднаш, следниот ден, на големата свеченост пред зградата на Конгресот.

Обама двапати даваше заклетва и во 2008 година, но тогаш поради грешките кои ги направи при кажувањето на текстот на заклетвата. Поради тоа, Обама мораше уште еднаш да ја даде заклетвата пред Робертс, во приватна церемонија во Белата куќа. Текстот на заклетвата гласи: се колнам дека верно ќе ја исполнувам задачата на Претседател на Соединетите Држави, и најдобро, согласно моите можности, ќе го зачувам, штитам и бранам Уставот на Соединетите Држави.

Свечениот момент на давањето на заклетвата ќе почне во 12 часот, на западната страна на Капитолот, домот на Конгресот на САД, по што претседателот Обама ќе им се обрати на собраните граѓани. Протоколот предвидува познатата пејачка Бијонсе да ја изведе американската химна, а оркестарот на маринците ќе го свири традиционалниот војнички поздрав на врховниот командант. Артилериска единица на Третата дивизија ќе го поздрави претседателот со 21 топовски истрел. По инаугурацијата пред зградата на Конгресот, почнува парадата долж авенијата Пенсилванија, се до Белата куќа.

До крајот на денот се организираат голем број собири и настани, но бројот на инаугуралните балови, на кои треба да се појави и претседателот, е драстично редуциран, од 10 на само два. Како причина се наведува тешката економска состојба во земјата, но сепак, намалувањето на бројот на балови ќе се надомести со нивната грандиозност, па така централниот, инаугуралниот бал ќе се организира во дури пет хали на Конвенцискиот центар во Вашингтон кој собира над 35.000 лица. На овие балови, како и на детскиот концерт што ќе биде организиран, ќе настапат Кети Пери, Смоуки Робинсон, Ашер и Алиша Кис. Овие балови им даваат можност на влијателните политички и бизнис лидери, а особено тие што го помогнале изборот на претседателот, лично да се сретнат со него и со неговите најблиски соработници.

Трошоците за инаугурацијата се покриваат со донации кои изборниот тим на Обама ги бара од компаниите и поединците кои ја поддржале неговата кампања, во замена за добар пристап на историскиот момент. Така, за поединечна донација од 250.000 долари, или за еден милион долари од компанија, се добиваат четири влезници за инаугуралниот бал, две места за следење на парадата, влезници за детскиот концерт како и можност за средби со советници на претседателот Обама. Донација од 150.000, односно 500.000 долари носи две влезници за инаугуралниот бал, но не и истакнати места за следење на парадата.

Од друга страна, дел од влезниците за инаугуралниот бал им беа понудени на обичните граѓани за само 60 долари, а најбрзите купувачи сега ги препорадаваат за по неколку илјади долари. Инаугурацијата завршува на 22 јануари, кога ќе се одржи миса во Националната катедрала во Џорџтаун на која ќе присустваат претседателот Обама и семејството.

При првата заклетва, на 20 јануари, Обама ќе ја држи раката врз Библија која била сопственост на Лавон Робинсон, баба на неговата сопруга Мишел Обама. При инаугурацијата на 21 јануари, Обама ќе се заколне врз Библијата на која се заколнал претседателот Абрахам Линколн, како и врз Библија која ја користел борецот за права на афроамериканците Мартин Лутер Кинг.

– Знаеме дека нашиот татко би бил длабоко почестен од тоа што претседателот Обама ќе ја користи неговата Библија да ја даде свечената заклетва. Оваа Библија, од која татко ни не се двоеше при неговите патувања, му служеше како инспирација за борбата за слобода, правда и еднаквост, пишува во соопштението што го објавија децата на Мартин Лутер Кинг.

Контроверзи предизвика изјавата на Лоренс О’Донел, водител на вечерна емисија на телевизијата МСНБЦ, која го поддржуваше Обама во текот на кампањата. О’Донел побара Обама да ја напушти традицијата заклетвата да се даде врз Библијата.

– Претседателот следи една од најапсурдните традиции на Владата која ја измисли поделбата на црквата и државата и ќе ја стави раката врз книга полна со работи во кои тој не верува, и во кои никој веќе не верува, изјави О’Донел.

Верските контроверзии не застанаа тука. Свештеникот Луис Гиглио, кој требаше да ја прочита една од молитвите за време на инаугурацијата, се повлече од церемонијата поради критиките кои избија поради неговите изјави дека хомосексуалноста е грев. Свештеникот Гиглио беше поканет како активист против трговијата со луѓе, но од инаугурацискиот комитет изјавија дека не биле запознати со неговите изјави за хомосексуалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top