| четврток, 6 декември 2018 |

Нуланд: Остануваме посветени на визијата за силна Македонија

VIKTORIJA-NULAND-SO-GRUEVSKI-2Република Македонија во Соединетите Американски Држави гледа земја пријател и партнер и ние ќе продолжиме со работа на развивање и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес, истакна премиерот Никола Груевски по средбата со американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски работи  Викторија Нуланд во Скопје.

-Го реафирмирав цврстиот став за неопходноста за што поскоро зачленување во НАТО и итно започнување на преговорите за членство во ЕУ. САД даваат континуирана и недвосмислена поддршка во тие процеси. Македонија, пак, очекува продолжување на силната американска поддршка за одамна заслуженото членство во НАТО- посочи премиерот Груевски по средбата наведувајќи ги кон тоа сеопфатните реформите кои Македонија ги спроведе, како и учеството во мисиите на НАТО.

VIKTORIJA-NULAND-SO-GRUEVSKI-4Во однос на наметнатиот спор од Грција, Груевски порача дека Македонија и Грција имаат обврска целосно и конструктивно да ги продолжат преговорите за надминување на спорот под покровителство на генералниот секретар на ООН.

-Потребно е двете земји да пристапат кон ефикасно решавање на спорот со добра волја и желба за успех, во склад со демократските принципи и меѓународното право, а во контекст на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011, која е исклучително релевантна во една заедница каде владеењето на правото е еден од клучните столбови. Јасно го пренесов нашето очекување дека САД со уште поголем елан ќе продолжат да даваат придонес и нови импулси во изнаоѓање на принципиелно и прифатливо решение на овој наметнат и ирационален спор- нагласи Груевски кој се осврна и на економската соработка меѓу двете земји која, како порача може да се зајакне а дека економските роуд-шоуа даваат дополнителен импулс во таа насока.

Македонија недвосмислено останува посветена на реформите, исто посветено ќе се работи и на интегрирано општество и зајакната меѓуетничка кохезија, посочи премиерот Никола Груевски.

– Ќе продолжиме внимателно и посветено да го градиме соживотот  и да ги зајакнуваме мостовите меѓу заедниците- нагласи Груевски.

VIKTORIJA-NULAND-SO-GRUEVSKI-8Американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд средбата со премиерот Груевски во Скопје ја оцени како искрена и отворена на почетокот на новиот премиерски мандат и во овој, како рече, круцијален момент за Македонија за регионот.

-САД силно ја поддржува визијата која ја имаме уште од рамковниот договор, за држава која се движи напред во просперитет и демократија. Јас бев задоволна што го слушнав реформскиот план, а тоа е апсолутно најважно- двете заедници да растат и да просперираат заедно. САД е задоволна што бевме во можност да силно да инвестираме во таа интегрирана визија политички економски и од безбедносен аспект. Разговаравме за тоа како можеме заедно да оствариме повеќе, вклучувајќи и како да ги зајакнеме регионите со албанско население во Македонија, бидејќи тоа ќе донесе сила и просперитет и раст на двете заедници- додаде Нуланд.

Нулад се заблагодари за учеството на АРМ во мисиите предводени од САД, а ја искористи приликата да го пренесе американското сочувство за загинатите пилоти во неодамнешната хеликоптерска несреќа.

-Сакам да се заблагодарам на армијата за силната и храбра поддршка во мисијата во Авганистан. Премиерот изрази подготвеност за продолжување на учеството што е силен сигнал дека Македонија денеска е извозник на безбедност, што е прекрасно да се види.

Американскиот помошник-државен секретар ги реафирмираше американската заложба и поддршка во напорите во решавањето на прашањето на името низ процесот во ООН.

-Ја реафирмирам американската желба да остане вклучена додека работите во решавање на тоа прашање, за Македонија во целост да ги исполни сите евроатлантски аспирации во НАТО и во ЕУ- истакна Нуланд која и додаде дека проширувањето на НАТО со Македонија е приоритет на САД.

Претставникот од Вашингтон, во однос на новинарско прашање околу протестите заради судската одлука за „Монструм“ повтори дека САД долгорочно ја поддржува визијата за интегрирано општество.

-Имате специфична одговорност да дадете пример во регионот, албанската заедница и македонската заедница да живеат во мир и просперитет заедно, а за тоа е потребна работа и дополнителни напори од двете страни. Потребна е шанса за двете страни. Премиерот подвлече неколку од неговите планови во таа насока и според нив ние сме многу охрабрени од напорите на двете заедници да работат заедно во поставување стандарди за овој регион, за мир безбедност, политичка хармонија, меѓуетничка соработка и заедништво. Тоа ќе создаде силна Македонија и САД, како и јас лично, се заложивме за тоа откако се потпиша договорот во Охрид. Ние ќе останеме посветени како македонски партнери- додаде Американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд по средбата со премиерот Никола Груевски во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top