| четврток, 6 декември 2018 |

Мирисот на чомлекот

чомлек

Недела, ручек време, 12 часот. Кај баба ми и дедо ми секогаш рано се ручаше. За нив денот почнуваше многу рано, па и ручекот беше околу пладне. Масата е поставена за 12 луѓе. Осум возрасни и четири деца. Денеска на менито има Чомлек. Мммммм, возрасните тријат раце, децата негодуваат. „Јас ќе го  јадам само месото“, се слуша од една страна….„Јас  ќе јадам само леб“, вели другото. „Бабо, имаш нешто друго за јадење?“, прашува третото.

Баба Вера мудро молчи и ја носи тавата на маса. Ја става на даската и го крева капакот. Се шири мирис кој ти ги дразни непцата, лиги да ти потечат. Во истиот момент ти се јавува Павлов рефлекс и веднаш си гледан. Децата забораваат што кажале претходно. Во својата чинија го добиваат својот дел и со вилушките почнуваат да чепкаат по тањирот. Едното пробува од месото. „Еј, ама е вкусно“, вели. Другото дете пробува од кромидот и лукот, убаво зготвени, кои додека се крчкале заедно во тавата со мевцето, го примиле неговиот вкус. “А што е ова, во тавата бабо, а што не е месо“, прашуваат. “И тоа е месо деца, не гледате“, со скриена насмевка им одговара баба Вера. “Ммммм, баш е убаво, како бело месо е, меко. Па што убаво се дели, види“, велат децата и ги празнат чиниите.  Не се ни свесни дека изеле кромид и лук, зеленчук кој вообичаено свеж не го јадат, а уште помалку пак зготвен.

Значи мамо како си го зготвила чомлекот, немам зборови, коментираат возрасните.

„А, бе, мозок“, вели баба Вера.

ЧОМЛЕК

Состојки

300 грама свинско месо, кртина

300 грама телешко или јунешко, кртина

600 грама кромид

4 главици лук

Сол

Црн бибер

Вегета

Црвен пипер

1 дц. вински оцет или бело вино

150 мл. зејтин

Месото се сече на ситни парчиња и се реди во земјена тава. Оттука е и името Чомлек, што на турски јазик значи земјена тава. Во исечканото месо се додава исчистениот кромид. Ако главиците кромид се големи, се сечат на половинки или четвртинки, а ако се мали, се ставаат цели. Потоа се додават чешнињата лук, цели. Тие не се сечкаат на парчиња. Се посолува, се додава црниот и црвениот пипер, маслото и виното (или оцетот). Сето тоа добро се меша и се налева со онолку вода, колку да се покрие зајрето. Се покрива со капак од земјената тава и се става во рерна да се пече два до три часа. При печењето, треба да се внимава јадењето да биде сварено, но и да остане сочно. Водата не треба да изврие. Се служи во длабоки чинии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top