| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Довербата од граѓаните е добиена заради реалната и остварлива програма

ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден одржа редовна седница на Централниот комитет на партијата. На дневен ред беше разгледувањето на актуелната политичка и економска состојба, извештајот на републичкиот изборен штаб за резултатите и превземените активности на парламентарните избори и извештаите за степенот на реализација на програмите и проектите на избраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Извештајот на републичкиот изборен штаб за резултатите и превземените активности на парламентарните избори беше изготвен после долга и опсежна повеќемесечна анализа која опфати различни методологии и аспекти на сите активности на партијата, како во изборниот, така и во предизборниот период на функционирање. Посебно значење во извештајот му беше дадено на пронаоѓањето на слабостите во функционирањето на партијата и на функционерите предложени од партијата. Целта на извештајот е во секој аспект да се подобри функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и уште повеќе да се доближи до граѓаните и нивните реални потреби и интереси.

Во подготовката на извештајот беа земени предвид анализите на партиските органи и тела, но приоритет им беше даден на податоците добиени со широко истражување помеѓу граѓаните и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата на Централниот комитет беше констатирано дека довербата од граѓаните е добиена заради реалната и остварлива програма и конкретните проекти во неа, кредибилитетот на досега дадените, но и реализирани ветувања, проекти и мерки, позитивната кампања насочена кон потребите на граѓаните и степенот на вложена енергија и труд во работата на партијата.

Сепак, беше констатирано, дека има уште доста простор во многу различни полиња уште повеќе да се подобрува работата на партијата и работата на лицата избрани по предлог на партијата на различни нивоа на управувањето, со што партијата уште повеќе би се приближила кон своите цели, приоритети и позиции, врз основа на своите вредност на непосредност, отвореност и блискост со граѓаните.

На седницата на Централниот комитет беа разгледани извештаите за степенот на реализација на програмите и проектите на избраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Извештаите беа многу опширни и детални за реализација на програмата во секоја општина поодделно, но и за степенот на реализација на секој поединечен проект или мерка кој им бил ветен на граѓаните од наша страна.

Констатирана е зголемена ефикасност и подобрување на стандардот на работа на градоначалниците избрани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет со посебен интерес ги разгледуваше точките за работа на поединечните општини, при што се утврдија прецизни детали за дополнително зголемување на ефикасноста онаму каде што е потребно и за надминување на предизвиците со цел спроведување на сите ветени проекти. Беше укажано на потребата од континуирана блискост со граѓаните, непосредност, адресирање на нивните потреби и продолжување со реализација на ветените проекти преку многу труд и работа низ целиот мандат, како што впрочем е стил на работа на ВМРО-ДПМНЕ.

Темпото на реализација е засега задоволително, а онаму каде има застој потребно е континуирано зголемување на ефикасноста преку организациско и кадровско подобрување.

ВМРО-ДПМНЕ врз основа на анализите на изборните резултати, како и врз основа на извештаите за степенот на реализација на програмите од локалните избори, направени преку сеопфатни и длабински анализи, продолжува одговорно да се поставува кон пораките на граѓаните и кон сопствените превземени обврски во изборните програми и во начинот на однесување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top