| четврток, 6 декември 2018 |

Традицијата посилна од потребата

Една од причините поради која се избира кремирање е и пониската цена. На веб-сајтот на претпријатието за погребни услуги во Белград стои дека просечната цена изнесува 23.755 динари или околу 200 евра

Мајка ми беше на смртна постела. Болна од рак. Единствено таа беше вработена во семејството. Јас сум одвоена од моите, мажена со дете. Правевме пресметки како да ја погребеме жената. Се јавував, барав да купам гробно место. Најдов огласи, цената на гробното место достигнуваше и до 3.000 евра. Во „Бутел“ ми рекоа дека кога ќе имам некој починат, можам да земам гробно место за 200 евра. Веројатно ќе имаше да се доплати за многу работи после тоа. Сакав да го сторам порано тоа, да го имам гробот пред да почине за да си ги намалам трошоците. Ако можам да го купам гробот на рати додека мајка ми е жива, но не ми дозволија. Сѐ пресметав, поевтино ми беше да ја транспортирам до друго место, во гробот на нејзините родители да ја закопам – вака една скопјанка ја раскажува својата мака за погребот на прерано починатата мајка.

Гробно место, погребни услуги што чинат и по 20.000 денари, ручек… При купувањето гробно место луѓето се обврзани да купат и споменик со надгробна плоча од нив. Разликата во цената е главно поради квалитетот на мермерот од кој е изработен споменикот, но голема улога игра и локацијата на гробот. Тие што се во центарот на гробиштата или, пак, се блиску до патот се поскапи.

Нашата соговорничка вели ќе било полесно да имало крематориум. Но, иако се најавуваше, Македонија е далеку од тој проект.

– Не сакам да ме спуштат под земја, да скапувам, да ме јадат црви. Звучи морбидно, но реално е. Сакам да ме кремираат. Знам дека православната вера, на која припаѓам е против спалување на телото, но инсистирам да бидам кремирана. Оставив аманет на моите кога ќе починам, да го запалат моето тело. Лошо е што кај нас нема крематориум. Стресот со класичниот, религиски и традиционален погреб е многу поголем – вели педесет и тригодишната Лидија.

Триесет и тригодишниот Александар, пак, зборува за кремирањето од друг агол.

– Одиме на голем број погреби во текот на нашиот живот. Гледаме мртовци, трауми, спуштање тела по земја, обид на најблиските да се фрлат во гробот… Сето тоа остава траума кај нас. Влијае врз човековата психа – коментира тој.

 

Два милиона за изградба на крематориум

Дел од Македонците се приближуваат до европскиот или светски терк на испраќање на душата на покојниот. Но, изборот паѓа во некоја од земјите од соседството, најчесто Белград. Македонија неколку пати најави изградба на крематориум, колку поради барања од граѓаните, толку и поради реалниот проблем со кој се соочуваме – нема гробни места, се закопуваат луѓе на земјоделско земјиште. Но, денес, се чини, дека сме далеку од реализација.

Од а.д. „Бутел“ велат дека сѐ уште нема никакви најави за изградба на крематориум. Одговорните велеа дека се пред договор со Владата за реализација на оваа идеја. Законска обврска за изградба на крематориум има, а од неа произлегува определбата за приближување кон европската легислатива, каде што еден од предусловите е токму постоењето локација за кремирање. И од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека законска обврска постои, но велат дека таков проект засега нема.

Во согласност со Законот за гробишта и погребни услуги, посмртните останки на починато лице може да се кремираат само ако во текот на животот тоа оставило заверен писмен документ или ако така налагаат здравствено-санитарните прописи. Од Град Скопје, пак, велат дека нема директни надлежности за изградба на крематориум и од тие причини досега не се воделе иницијални дискусии со целни групи кои би биле заинтересирани за негова изградба.

Иако сѐ уште нема никакви најави од Владата за крематориум, направена е процена колку би чинел таквиот проект. Нивната процена е дека за Македонците да можат да изберат кремирање наместо класичен закуп, треба да се одвојат од 1,5 милион до 3 милиони за изградба на зграда со такви печки.

Една од причините поради која се избира кремирање е и пониската цена. На веб-сајтот на претпријатие за погребни услуги во Белград стои дека просечната цена изнесува 23.755 динари или околу 200 евра. Таму постои крематориумот уште од 1981 година, а досега се кремирани повеќе од 70.000 луѓе. Во последните години свештениците служат опело и над кремирани. Пепелта не може да се носи дома или да се расфрла каде било, како што е практика во голем дел од земјите, туку урната мора да се закопа во гробно место или да се закупи место за урна. Постои и можност да се расфрла пепелот во „Дворот на сеќавањата“ каде што не се плаќа за одржување. Бројката на луѓе во Србија што избираат кремирање наместо класичен погреб расте, но незначително. Осумнаесет проценти од починатите се кремирани. Во Словенија се кремираат 83 проценти од умрените, а во Хрватска 50 проценти.

 

Верата против спалување

Повеќето граѓани, сепак, сѐ уште сметаат дека тоа не е карактеристично кај нас и е против сите традиции. Православието вели, создаден си од земја, во земја и ќе си отидеш.

Црквата верува дека кремирањето е насилен акт врз телото на покојникот. „Земја си и во земјата ќе одиш”, вели Светото писмо. Црква благословува само закоп на верникот бидејќи на денот на воскресението на мртвите телата воскреснуваат од своите гробови. Тоа не може да се случи од урна во која е сместена пепелта.

Против спалување на телото е и исламската вероисповед.

– Исламска верска заедница (ИВЗ) е институција која ги промовира исламските вредности, култура, норми и принципи кои произлегуваат од Куранот и од делото на Мухамед. Според исламските принципи, не се дозволува крематориум на умрениот, истовремено се подразбира дека изградба на крематориум е забрането и не се поддржуваа во ниту еден случај – вели Абаз Ислами од ИВЗ.

Според него, граѓаните со муслиманска вероисповед ги почитуваат ставовите на ИВЗ и воопшто не дискутираат за можност за кремирање, ниту, пак, доставуваат барања за изградба на крематориум.

И Католичката црква вели дека човечкото тело може да се запали само во случај на болест и епидемија. Иако се претпочита закопување заради истата причина како и кај православните, кај католиците кремирањето е дозволено во средината на 20 век. Католиците го имаат истото учење дека човекот е единство од душата и од телото и дека со смртта тие привремено се одвојуваат за повторно да бидат обновени на судниот ден кога телото ќе воскресне, слободно од недостатоци. Сепак, одлуката да се дозволи спалување е образложена со тврдењето дека Господ е голем, па и од пепелта и од душата пак ќе ги соедини со својата моќ бидејќи тој од дланка пепел или прав пак може да направи тело, па со тоа кремирањето не може да го отежне тоа.

 

(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top