Смартфоните и другите паметни апарати се неразделен дел од летувањето. Не поминува ден без проверка на социјалните мрежи но и споделување по некоја фотографија. Сепак уредите се многу осетливи на вода, топлина, прашина на плажата, па треба добро да ги заштитите.
1. Водоотпорна футрола
Меѓу најпрактичните заштити за смартфоните се пластичните водоотпорни вреќички кои го чуваат смартфонот од прскање, а поквалитетните модели можат да заштитат и од несакано потопување во вода. Ако не може да ги најдете низ продавниците во Македонија тие се лесно достапни на онлајн продавници и имаат добра цена. Покрај смартфонот во ваквите вреќички може да се чуваат и парите, фотоапартот и другите вредни работи. Повеќето од нив овозможуваат користење на телефонот со мокри раце, без да го вадите од футролата.
2. Подалеку од песокот
Песокот и прашината можат сериозно да му наштетат на телефонот, односно да го изгребат или пак да блокираат некоја од неговите функции. Не го „фрлајте“ во торбата заедно со другите летни реквизити и мокри пешкири или пак да го оставате на лежалката врз која често поминувате и на која има ситни камчиња песок. Ако веќе немате заштитна торбичка, ставете го во некој од посебните прегради или џебови.
3. Внимавајте да остане чист
Солена вода, крема за сончање или некој коктел – се тоа може да заврши на вашиот уред ако не сте внимателни, а освен што ќе го извалка може да го наруши функционирањето на екранот. Внимавајте да не го допирате смартфонот кога не ви се чисти рацете или пак носете влажни марамчиња со себе за добро да ги исчистите рацете.
4. Чувајте го на ладно
Сите електронски уреди се загреваат при користење, па ако ги оставите на сонце тоа може дополнително да им ја отежни работата и да доведе до прегревање. Високата температура може трајно да ја оштети батеријата. Трудете се да го користите кога сте под сенка и исклучете ги сите апликации освен оние што ги користите во моментот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


