| четврток, 6 декември 2018 |

„Пеперминт“: Нашите девојчиња ни се инспирација за „Црвено, жолто, зелено“

Познатата детска песничка „Црвено, жолто, зелено“ е инспирација за новата истоимена песна на панкрок-групата „Пеперминт“. Секогаш вооружени со забавен ритам и со заразна мелодија, пеперминтовци“ и овој пат подготвија песна и видеоспот кои веднаш ги освојуваат сетилата. Инспирацијата за „Црвено, жолто, зелено“ се двете ќеркички на лидерот и вокал на групата, Горан Трифуновски–Пајак, и неговата сопруга која е и женски вокал во „Пеперминт“, Ана.

– Насловот на песната е инспирација од нашите две девојчиња кои еден период беа заразени со песничката и цело време си ја пееја дома. И повторно, Горан ја имаше идејата да направи песна со тој наслов, која, сепак, нема да ја обработи истата тема од оригиналната песничка, туку ќе зборува за нашата вечна инспирација – љубовта. Оттаму дојде „црвено, жолто, зелено, пресели се кај мене сега дома, Елено“ – вели Ана.

Zvezdi96-Pepermint-2

Со оваа песна и со видеоспотот, за кој велат дека комплетно ги задоволил нивните високи критериуми, се најавува новиот, трет по ред, албум на „Пеперминт“, кој веќе се подготвува.

– Новиот албум сигурно ќе се разликува од претходните два албума. Со секој нов настап ние созреваме музички и сѐ повеќе се трудиме да бидеме што поблиску до нашата публика, да ѝ го дадеме тоа што го сака и очекува од нас. Сите тие промени, секако, ќе се почувствуваат во новиот албум – велат од „Пеперминт“.

Покрај годишниот одмор, летово составот договори и неколку настапи низ земјава, а и по некој ден поминат во студио.

– Сега ни е важно новата песна да помине добро, веќе почнавме да ја свириме и на нашите настапи, а публиката реагира одлично. Со нова песна до нови победи, здравје од септември – велат од „Пеперминт“.

 

(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top