Академик Абдула Сидран е автор на богат поетски опус во кој значајно место имаат стихозбирките „Сараевска збирка“, „Болест од душата“ и „Песни по војната“. Добитник е на повеќе книжевни признанија во Босна и Херцеговина и во светот. Еден е од најзначајните современи филмски сценаристи, а најпознат е по сценаријата за филмовите „Се сеќаваш ли Доли Бел“ и „Татко на службен пат“ во режија на Емир Кустурица. Сидран деновиве беше прогласен за почесен поет на Скопје и при примањето на наградата се заблагодари што во Македонија е видена и препознаена неговата поезија.
- Ние се познававме многу подобро пред војните во 90-ите години на минатиот век и повеќе знаевме едни за други. Тие врски се искинати и е многу важен секој обид да се обноват. Во тоа го гледам и најголемото значење што сум тука и што мојата книга овде најде свој преведувач и свои читатели – вели Сидран.
Преведувањето е тешка и макотрпна работа и тој многу ја цени.
- Значајно е и што се посветува внимание на важноста на преведувачката работа. Во ниедна наша држава преведувачите не се соодветно уважени и стиумулирани и нивната работа е секогаш чист ентузијазам, љубов, занес, пријателство, идеја. Тие го жртвуваат своето време и талент за нечиј збор и нечие чувство да му ги пренесат на друг – ни изјави Сидран.
По сите добри работи што ги направил во филмот, во моментов веќе не пишува.
- Не пишувам филмски сценарија за да стојат во фиока, туку ако се појави сериозен продуцент, кој ќе гарантира реализација. По војната не ми се појави ниеден, така што во фиока имам три сценарија, а немам ни малку волја да ја полнам со нови. И годините се тука, човек веќе нема сила за крупни работи.
Но затоа пишува поезија.
- Поезијата се пишува самата. Јас тоа никогаш не го сметав за работа. Таа самата се пишува, јас сум тука како некој медиум, кој тоа технички го бележи, а таа метафизички се случува над нашите глави и ја уловувам… – објаснува Сидран, кој често престојува во босанскиот град Тешањ за да твори кога, како што рече, му пречи метежот во Сараево.
Како што и самиот автор вели, по војната многу се оддалечивме, но, сепак, разменуваме информации, а и тие некогаш сами допираат до нас. Како бомба одекна веста дека Абдула Сидран и Емир Кустурица, кои беа непобедлив тандем во филмската уметност, се скарале.
- Разликите меѓу нас се непомирливи – вели Сидран објаснувајќи зашто нема да биде снимен „Првпат со татко ми на избори“, кој е последен дел од трилогијата филмови „Се сеќаваш ли Доли Бел“ и „Татко на службен пат“, кои ги режираше Кустурица според негово сценарио.
- Емир Кустурица не сакаше да ја работи третата филмска приказна од тој циклус. Никогаш ниту еден општествен, па ни државен инструмент не рече да го турнеме ова – рече Сидран и додаде дека и во Црна Гора неговата понуда поминала лошо.
Говорејќи за своите последни средби со Кустурица, тој рече дека извесно време се гледале, но сега немаат никаков контакт поради непомирливите разлики во толкувањето на современата, неодамнешна историја.
- Ми беа драги тие делови што беа лични од книгата што ја напиша со свои сеќавања. Но, сè што е политичко прераскажување на настаните, не ми се допаѓа и моравме да се караме – заклучува Сидран. – Ќе ви кажам само дека се обидов да разговарам со него и дека разглобивме многу големи теми, кои го одбележаа нашиот живот, и дека речиси во ништо не успеавме да се согласиме. Тоа што за мене е причина, за него е последица. Тој однос природно одумира – рече Сидран нагласувајќи дека, сепак, никогаш нема да заборави дека токму Кустурица му ја платил операцијата на окото кога немал пари за тоа.
Тие што го знаат, велат дека е многу весел, друштвен човек, кој сака да се забавува…
- Ех да знам по што ќе ме паметат мене: по тоа што го напишав или по сите тие глупости што ги направив! – вели присетувајќи се на лудориите, чијшто протагонист бил самиот, кога на шанк во загрепскиот театар ИТД побарал од келнерот гајба пиво, па кога се качил на неа, нарачал виски; или кога низ Пула шетал со туѓи чевли, поголеми за неколку броеви, бидејќи своите ги оставил во кафеана затоа што, според муслиманскиот обичај, секогаш ги соблекувал чевлите додека седел да јаде и да пие со друштво, а по посетата на тоалет веќе не знаел на која маса седи.
Интересен е и забавен, но познат е и по неговите анегдоти. Така едно издание на пулскиот саем на книгата остана запаметено токму по неговите анегдоти, но и по острата вивисекција на општествено-политичките состојби на овие простори, кои ги искажа на своите средби со публиката.
- Кој и да ме праша за соживотот, јас го испраќам во „сокурац“. Луѓето живеат, а не соживеат. Соживотот е атентат на животот, оспорување на животот, нешто што дојде со националистичките партии, чекор до апартхејдот – вели Сидран говорејќи за босанската поствоена состојба во која луѓето се најдоа во судир на идентитети, со кој претходно не се занимавале, туку нормално живееле во хумана рамнотежа со самите себе и со другите.
Неговата книга „Откуп на сурова кожа“ претставува биографија на една цела епоха. Во неа Сидран обработува многу политички и општествени прашања, кои се актуелни и денес: воените злосторства, логорите, диктатурата, верата, жртвите на режимот…
- Сфатив дека имам врат кога почнаа да ме дават. Го освестив својот муслимански идентитет дури кога почна војната – вели Сидран.
Во младоста бил и поет и вагабонт. Вели дека добро се сеќава на првата песна што ја напишал и додава дека тоа било време на неговото прво вљубување.
- Тоа беше моја трета „прва љубов“. Треба сосема гласно да се каже дека феноменот на вљубување воопшто не е омеѓен со возраста. Јас бев вљубен и кога имав три години, а нормално е да се биде вљубен и во четврто одделение. Кој мисли поинаку, тој не знае да мисли или душата му е сува. Првата песна на напишав кога бев вљубев во Ајша М. Татко ѝ беше фудбалер и таа беше многу висока, на татко ѝ, но тоа не беше важно во тоа време. Имав 14 години и бев целосно свесен дека таа ми значи нешто повеќе. Низ нашата улица можеа да поминат милион девојчиња, но јас се чувствував поинаку кога таа слегуваше и поминуваше. Така еден ден во себе изговорив нешто, а тоа нешто гласеше вака: „Таа помина. Јас само ја наведнав главата. Кога се враќаше не ја видов поради солзите в очи“. Тоа беше мојата прва песна. И кога Решад Хадровиќ во гимназијата го почна гимназискиот весник „Полет“, бидејќи убаво пишував писмени задачи ми рече: „Дај нешто“. Тогаш се сетив дека тоа стои во мојата глава, па го напишав и му до дадов. Тоа е единствена песна и единствено нешто што сум го објавил во гимназискиот весник со потпис Авдо Сидран, бидејќи тогаш не знаев дека ќе бидам писател, па го употребив името како што ме викаа дома, тоа име по кое ме знаат моите блиски и другарите – раскажува Сидран.
Паралелно со пишувањето песни и гимназијата, го живеел и животот на улицата, а неговиот класен раководител речиси секогаш го фаќал во правењето бели.
- Јурај Марек, мојот класен раководител пишуваше покани во кои ја викаше мајка ми на разговор, а јас ги криев во џебовите. Никогаш не ѝ ги покажав на мајка ми. Тој ќе ме прашаше зошто не дошла мајка ми во училиште, а јас ќе му речев дека не знам. Тој Марек сфати што сум јас и во добра и во лоша смисла. Taка еднаш ме фати во училиште и ме одведе кај себе дома. Тоа беше нешто најубаво што сум го доживеал во гимназиските денови. Ме праша: „Сакаш ли цигара?“, „Сакам!“ реков. Праша: „Сакаш ли коњак?“ Реков: Сакам!“ Имав 16-17 години, тој ми беше класен, а сите ѕидови му беа преполни со книги. Книгите секогаш ме возбудуваа, можеби и повеќе од девојките. Од секоја книга ѕиркаа ливчиња. Неговите белешки за настава. Беше вистински гениј – вели Сирдан и продолжува:
- Таа приказна со Јурај Марек е четвртата приказна од мојот циклус, кој почнува со сценариото „Се сеќаваш ли Доли Бел“, продолжува со „Мојот татко на службен пат“, „Првпат со татко ми на избори“ и ќе заврши, се надевам, со „Таткото е куќа што се урива“. Накусо: додека дома го губам биолошкиот татко, во училиштето, надвор од дома, здобивам нов духовен татко, кој во мене препознава некаква дарба, ме спасува од улицата и полукриминалот и од мене прави каков-таков човек.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.